Г7: Повеќе отколку пиво и блех-музика?
7 јуни 2015Домаќинката, германската канцеларка Ангела Меркел сакаше на гостите на самитот Г7 (07/08 јуни) од Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД да им покаже еден прекрасен дел на Германија, па ги покани во дворецот Елмау во Баварија. Но, изборот е скап, средбата на челниците на седумте индустриски најразвиени нации ќе чини најмалку 360 милиони евра. Тематски самитот е во знак на актуелните кризи и хуманитарни катастрофи. Судирот во Украина се заканува со повторна ескалација, поради што продолжува „леденото доба“ кон Русија, тука е и борбата против терористите од организацијата Исламска држава, во светот се‘ уште живеат две милијарди гладни луѓе, листата теми е долга.
„Оној кој се сомнева во смисолот на овие средби, треба само да погледа на актуелните кризни жаришта за да ја сфати нужноста и дури и обврската за заедничко интензивно барање решение“, изјави Ангела Меркел.
Заеднички вредности
Средбите на Г7 се единствени од тој вид на кои уште може да се зборува отворено во доверлив круг. Многу нешта се променија и тие средби денес детално се подготвуваат. Но, тие и натаму ја следат традицијата „разговори пред камин“, каде претседателите на држави или на влади можат отворено да разменат мислења во приватно опкружување. Иако ова не е форум кој нешто решава, за Меркел тоа е многу повеќе од чиста кризна дипломатија: место каде Г7 можат да упатат јасна порака и да отворат нови патишта за некои проблеми.
Откако Русија беше исфрлена од оваа група, која претходно се нарекуваше Г7+1, па потоа и Г8, лидерите од овие седум земји повторно се сметаат за претставници на заеднички вредности, кои имаат улога на пример и за други земји. Станува збор за подобрување на животните услови во цел свет. Затоа на програмата стојат толку разнолики теми, од промената на климата, загадувањето на морињата, отпорност кон антибиотици, па до борба против епидемии.
Германската канцеларка сака земјите од Г7 да се обврзат до 2030 година да биде искоренет гладот и апсолутната сиромаштија во светот. Утре, на вториот ден од средбата, во Елмау пристигнуваат претседателите на Нигерија и Тунис и премиерот на Ирак. Ќе се разговара за тероризмот, но и како најразвиените земји можат да помогнат во инклузијата, сите делови од населението да бидат вклучени во политичката иднина.
Меркел се согласи да се рзговара и за образованието и професионалната перспектива на девојките и жените, како и заштитата на работно место. Конкретно, станува збор за стандарди за заштита на околината и социјална помош кои би требало да важат во цел свет. Првенствено тоа се однесува на трговските синџири кои облеката, прехранбените продукти и други производи ги добиваат од земји каде тие стандарди практично не постојат. Ова е делумно реакција на пожарите и тешки несреќи во фабриките во Бангладеш, но и пример за заеднички вредности на Г7. Затоа ќе се расправа за иницијативата за фонд со кој би се финансирала заштита од пожари и безбедност на работата, инспектори за контрола. Колкав ќе биде износот на средствата во фондот и од каде ќе дојдат парите, на самитот нема да биде одлучено.
Противниците на Г7 и во тоа гледаат доказ за „млатење празна слама“ на овие самити. Зашто, без конкретни мерки за претпријатијата кои работат глобално (отштета на жртвите и кривична одговорност), и овој фонд ќе остане беззаб тигар, смета германската Левица.
Демонстрантите ја попречуваат „баварската идила“
Да, има многу противници на овие средби. „Претставниците на најбогатите и најмоќни светски држави си земаат право да одлучуваат за цел свет, иако немаат легитимитет за такво нешто. Политиката на Г7 е неолиберална економска политика и значи војна и милитаризација, експлоатирање, сиромаштија и глад, уништување на околината и изолирање кон бегалците“, пишува во манифестот на здружението „Запрете ги Г7 во Елмау 2015“.
Ова здружение постави шатори на една ливада во Гармиш-Партенкирхен за околу илјада противници на самитот. Тамошната општина првично не сакаше да дозволи подигање на кампот, но судот во Минхен ја поништи забраната. На локалните власти тоа не им е по волја, зашто оваа манифестација, која ја следат новинари од цел свет, сакаат да ја искористат за реклама за својот туризам.
Слично мислат и во селцето Крин со околу 1900 жители, во подножјето на дворецот Елмау, каде денеска тука Меркел го пречека Обама пред почетокот на самитот. Меркел и Обама со кригла пиво и Алпите во заднина како кулиси, Баварците сакаат во светот да се шири таква фотографија. Но, и Меркел знае оти само вакви убави фотографии не се доволни за успех на самитот. Него ќе го има единствено ако челниците постигнат некаков договор. А за него, „шерпасите“, како што во жаргонот се нарекуваат стручните соработници, преговараат веќе со недели. Се‘уште има спорни точки. И Клаудија Шмукер од Германското друштво за надворешна политика смета оти високите трошоци за овие средби можат да се оправдаат исклучиво со конкретни договори и резултати. Зашто, по глобалната криза, се‘ поважни се средбите Г7, во кои се вклучени новите индустриски велесили како Кина, Индија и Бразил.
Како се‘ почна: францускиот претседател Жискар Д‘Естен во 1975 година ги покани Хелмут Шмит, Џералд Форд и останатите членки на шесторката- Канада се приклучи следната година, во дворецот Рамбуе за без вратоврска, но покрај одличен коњак, да разговараат околу важните проблеми.